Научете како да кажете НЕ!

Совети

Агресивната продавачка секогаш можете да ја смирите со изјава дека „само разгледувате“

Стратешкото одбивање може да ви ги спаси врската, слободното време, па дури и здравиот разум. Значи, еве како љубезно да му се спротивставите на…

вашиот фризер

Ако фризерот ви предложи нешто што не сакате, кажете му: „Мора малку да размислам за тоа. Можеби следниот пат ќе го направиме тоа.“ Така нема веднаш да му ја одбиете идејата, а ќе имате време навистина да размислите за предлогот.

Ако сметате дека кркми или паж-фризура никако не се за вас, отворено и категорично кажете му го тоа на фризерот за време на следната посета на салонот.

Но ако не престане да инсистира на промената што не ја сакате, побарајте друг фризер.

… мажот со кој излегувате

Во ваква ситуација најдобар е директен пристап, но бидете тактични и љубезни. Кажете му дека е одличен маж, но дека не чувствувате хемија или заемна привлечност. Искуствата покажуваат дека мажот ќе се откаже ако жената не сака да спие со него.

Ако ви се допаѓа како личност, а сигурни сте дека нема да се чувствува како да го влечете за нос, воспоставете пријателски однос.

Претворете го во сојузник. Запознајте го со своја слободна пријателка на која мислите дека ќе ѝ се допадне. А тој, веројатно, ќе ви возврати на ист начин – ќе пушти добар глас за вас меѓу своите слободни другари.

… вашиот шеф

Избегнете изговарање на конкретни негативни зборови. На пример, ако шефот побара да работите за време на викендот, а вие не можете, кажете му: „Ох, многу ми е жел, но веќе испланирав да ги посетам моите родители“.

Почнете со тон на извинување, а потоа поминете на конкретната причина поради која сте спречени да дојдете на работа. Веднаш потоа завршете со „ајде да видиме како можеме да ја средиме оваа ситуација“.

Предлогот да останете подолго на работа или да се вклучи уште некој ваш колега ќе ја потврди вашата посветеност на работата, ќе ви го олесни решавањето на проблемот и ќе ви ја зачува самодовербата.

… барањето за хуманитарна акција

Постојат многу благородни цели за кои вреди да се бориш и да придонесеш за нивно реализирање. Но, реално, вие не можете да учествувате во сè.

Размислете за парите, материјалните блага или за времето што сакате да ги вложите во решавање на прашањата што најмногу ве интересираат.

Во зависност од приходите, секогаш е подобро повеќе пари да дадете за одреден број хуманитарни проекти отколку помалку да донирате во голем број организации.

Чинот на давање е благороден и секогаш е подобро да се укаже помош одошто да се биде во ситуација кога таа ви е потребна.

… агресивната продавачка

Ова е веројатно ситуација што најмногу иритира. Продавачката ви го следи секој чекор и постојано се обидува да ве натера нешто да купите.

Се разбира, секогаш можете да ја смирите со изјава дека „само разгледувате“. Но ако и тоа не помогне, најдобро е да ѝ кажете дека ќе видите што ви се допаѓа, па откако ќе изберете нешто, ќе ја побарате за помош.

Таквата изјава укажува дека знаете што сакате и дека сте заинтересирани за купување, што секако ја олеснува ситуацијата на двете страни.

Текст: Н. Човиновска

Фото: Getty Images, Pixabay

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.