Наташа Поплавска: „Жената може да одговори на сите предизвици доколку е добро организирана“

Што ви дава ветер во грбот?

Инспиративен разговор со режисерката Наташа Поплавска

Во модерното општество жената е изложена на многу предизвици и притисоци. Од неа се очекува да биде реализирана на сите полиња: да биде добра мајка и грижлива сопруга, да биде успешна во својата професија и притоа да има време за социјален живот и духовна надградба. Не е лесно да се остане свој и доследен на себе во таква средина, па затоа жените на кои им успева тоа предизвикуваат восхит! Разговорот со театарската режисерка Наташа Поплавска несомнено ќе ве инспирира…

Важите за една од најпочитуваните театарски режисери кај нас која постојано бележи успеси на „штиците што живот значат“. Зад себе имате многу успешни претстави и мјузикли, па несомнено е дека сте инспирација за многумина. Но што е тоа што вам најмногу ве мотивира и ве охрабрува да продолжите да творите и во тешките животни мигови?

Она што најмногу ме мотивира е љубовта кон професијата. Таа љубов трае и не исчезнува дури и во најтешките моменти и ми дава сила да истраам и да го создадам своето дело, без оглед на околностите.

Во модерното општество, жената е изложена на многу притисоци и предизвици. Од ваше искуство, што сè се очекува од жената денес? Може ли да се одговори на сите очекувања?

Жените во минатото немаа толкава слобода, денес имаме, но се чини дека тоа не го прави животот поедноставен. Денес се очекува жената да го  направи балансот помеѓу семејството и професијата, да биде посветен родител и квалитетен професионалец. Јас одбрав професија која е изложена на многу предизвици, за кои бев подготвена да ги надминам и во професионална смисла не се доживувам себеси како жена, туку како режисер. Лично се трудам дома да бидам добра мајка, а кога сум на сцена ја заборавам жената и се појавувам со својата уметничка замисла со цел да создадам дело кое ќе остави печат. Сметам дека жената може да одговори на предизвиците и да ги надмине очекувањата доколку е добро организирана.

Какви жени ве инспирираат? Кои жени сметате дека треба да се земат како пример за новите генерации?

Ме инспирираат интелигентни жени. За жал, живееме во време кога старите вредности се напуштија, а нови не се изградија. Пожелниот модел на жена е жена која игра на картата на своите женски атрибути, а не со својата индивидуалност и личен интегритет кој остава печат. Иако гледано низ историјата секогаш имало жени кои го обележале времето и полето во кое дејствувале, каде оставиле силен печат. Такви се Марија Кири, Валентина Терешкова,  Марлен Дитрих и многу други кои можат да бидат инспирација и за младите генерации.

Постои ли заедништво помеѓу жените денес?

Сметам дека постои. За среќа, јас имам до мене жени кои се силни, умни и убави со кои немам проблем ниту пак тие со мене, кои ме инспирираат за чекори што водат напред. Тоа се стамени, лојални, убави и креативни жени. Со таквите жени се препознавам и градам заедништво.

Каква трага се надевате дека ќе оставите во општеството? Која е вашата животна цел?

Се надевам дека придонесувам за развој на театарската уметност, а особено во жанрот мјузикл. Воедно верувам дека преку моите дела ќе инспирирам други млади жени и креативци да се занимаваат сериозно и одговорно со она што го создаваат, оставајќи печат во општеството и времето во кое живеат. Ако воопшто животот има некаква цел,  тогаш тоа би било она што сите го посакуваме, а тоа е да бидам задоволна и среќна жена, како професионално така и приватно.

Кои се најважните работи што сметате дека секоја жена треба да ги запамети? Што би ја советувале помладата Наташа?

И покрај тоа што е општо прифатено дека мажите се посилниот пол, сепак ние жените не треба да заборавиме дека имаме една недостижна предност над нив, а тоа е искуството да родиме и да бидеме мајки. Во таа смисла помладта Наташа би ја советувала да не се чувствува интелектуално инфериорно во однос на мажите и покрај фактот што именката човек нема женски род, туку да биде задоволна со тоа што е жена, да стои цврсто на својот став и со ум и разум да се бори со животните предизвици.

Разговарала: Марија Лукаревска

ФОТО: ПРИВАТНА АРХИВА

Што ви дава ветер во грбот? Инспиративен разговор со дизајнерката Лидија Георгиева
Прочитајте и

Коментарите се заклучени.