Н.Е. Рејчел Галовеј: „Оптимист сум дека ќе се најде решение и важно е да останеме позитивни во тешките времиња“

Интервју со британската амбасадорка

Во ексклузивното интервју што нашата редакција со Нејзината Екселенција Рејчел Галовеј, амбасадорката на Велика Британија во Република Северна Македонија открива како изгледа нејзиното секојдневие во услови на пандемијата на ковид-19 далеку од татковината…

Како се чувствувате во моментов, земајќи предвид дека сте далеку од своето пошироко семејство, роднините, пријателите и колегите, а светот се бори со пандемијата на коронавирусот?

Моите чувства се измешани поради тоа што дел од моето семејство живее во Британија. Тие се далеку од мене сега, но имам среќа што сум тука со мојот сопруг и со двете деца. Голема предност е тоа што живееме во ера на дигитализација, можеме да зборуваме и да се видиме виртуелно. Сега повеќе разговарам со мојата мајка од порано. Но со нетрпение го чекам денот кога ќе се сретнеме повторно.

Во колкава мера мерките за заштита на јавното здравје го сменија секојдневјето во Вашето семејство, земајќи предвид дека имате две деца кои сега времето го поминуваат дома? Кој ги врши набавките на храна и на другите намирници?

Да се седи дома со две темпераментни деца е вистински предизвик, но многу сум среќна што сите сме безбедни и здрави. Имаме предност што имаме и двор каде што можат да излезат и на чист воздух. Но секако дека имаат повеќе енергија која треба да се потроши.

Го продолжуваме нивното образование преку онлајн-платформите, играме игри, вежбаме и гледаме телевизија повеќе отколку што треба. Се обидувам да ја искористам оваа можност за да се зближиме повеќе.

Мојот сопруг Том е задолжен за купување намирници. Тој пазарува само еднаш неделно на Зелен пазар и еднаш во супермаркет, опремен со заштитна маска и со ракавици. Му помагам потсетувајќи го да купи ајвар и сирење, бидејќи тие ми се омилените македонски продукти, кои уживам да ги јадам секоја недела.

Како изгледа Вашиот работен ден сега? Како ги одржувате деловните состаноци земајќи ја предвид препорачаната физичка дистанца?

Повеќето денови работам од дома. Некои денови треба да работам од амбасадата, што всушност помага за мојата емоционална благосостојба, која е од витално значење во овие критични периоди. Состаноците ги одржувам виртуелно и така ги почитувам и мерките.

Ние, исто така, преземаме и други мерки за да можеме од амбасадата да работиме како тим. Секое попладне со колегите пиеме виртуелно кафе, имаме различни виртуелни групи во кои колегите споделуваат кулинарски вештини, а исто така објавуваат и креативни идеи за своите деца.

Во колкава мера сте корисник на технологијата на која се потпираме многу повеќе во новонастанатата ситуација?

Користењето лаптопи, таблети, телефони и други технолошки уреди ни стана дел од секојдневието за нормално функционирање од дома, од нивното користење за поврзување со училиштето на децата до одржувањето на секојдневната врска со пријателите.

Повеќето саботни вечери сега ги користиме за виртуелен пијалак со пријателите преку апликацијата „Зум“. Оваа недела ќе одржам квиз на „Зум“. Не можам ниту да замислам како ќе ги продолжевме нашите животи во оваа ситуација ако ја немавме оваа технологија како опција.

Како ги поминуваат деновите во изолација Вашите деца?

Моите деца имаат секојдневни училишни активности што ги спроведуваат виртуелно. Мојата ќерка продолжува и со балетските часови во кои многу ужива. Ако времето е убаво, тие уживаат да скокаат на трамболина. Една вечер кампувавме во градината. Играме игри и готвиме.

Се обидуваме да научиме да зготвиме локални и традиционални јадења. Моите две омилени јадења се тавче гравче и пита со сирење. Лава-колачот им е омилен десерт, а најголем предизвик за нас е времето што го поминуваат пред електронските уреди.

Голем број дами жалат за затворањето на салоните за убавина, бидејќи се принудени сами да се грижат за изгледот во домашни услови. Земајќи ја предвид Вашата професија, колку Вам ви е необично разубавувањето во домашни услови, како се негувате?

Мислам дека во тешка ситуација како оваа мора да се грижиш за себе. Јас имам дневна рутина и ги користам моите вообичаени производи. Ги лакирам ноктите со посветли бои отколку вообичаено, така како што сака мојата ќерка. Би сакала да посетам салон за убавина за професионална масажа кога сево ова ќе заврши, но засега овој предизвик не ми претставува голема тешкотија.

Rejcel Galovej

Велика Британија спаѓа меѓу земјите со повеќе од 10.000 смртни случаи од ковид-19, поради што на 23 март беа воведени ригорозни мерки за заштита на јавното здравје. Постојат ли индикации за нивно попуштање?

Велика Британија е светски лидер во подготовките и управувањето со епидемии, како и во истражувањето и развојот на вакцините. Владата на Велика Британија работи чекор по чекор на научно воден акциски план. Знаеме дека ова нема да биде кратка битка за да се порази коронавирусот, ќе трае со месеци, а не со недели, но нашата цел е јасна.

Главната цел е да се спасат животи, да се заштитат ранливите и да се поддржи нашата Национална здравствена служба за да може да им се помогне на оние на кои грижата им е најпотребна.

Во интервјуто за македонското издание на годишникот „Економист: Светот во 2020-та година“, меѓу другото, зборувате и за влезот на Р Северна Македонија во НАТО, кое се случи во услови на пандемијата и поради тоа „остана во сенка“ на коронавирусот. Ова достигнување требаше да ѝ донесе и економски напредок на државата. Дали сè уште има изгледи за тоа, земајќи предвид дека кризата предизвикана од мерките за заштита резултира со катастрофални последици врз светската економија?

Сè уште стоиме цврсто зад тоа. Во изминатите 20 години Северна Македонија и Велика Британија беа блиски билатерални партнери, и огромно е задоволството од зачленувањето на Северна Македонија во НАТО.

Да се биде член на алијансата придонесува во слободата на говорот, демократијата, безбедноста и во економскиот просперитет. Коронавирусот ќе има влијание врз локалните и глобалните економии и затоа е уште поважно да се биде дел од стабилните сојузи, кои работат заедно за решавање на овие предизвици.

Оваа година не се одржа и традиционалното одбележување на кралицата Елизабета Втора. Кои планирани активности на Амбасадата се запрени поради пандемијата на коронавирусот?

Првично планиравме да го одржиме нашиот годишен национален празник по повод роденденот на Нејзиното Височество во јуни оваа година и сè уште се надеваме дека ќе одржиме настан во соодветно време. Сега работиме на приспособувањето на нашите начини на работа за да можеме да ги постигнеме нашите цели.

Наместо приемот за добредојде за нашите Чивнинг-стипендисти од Северна Македонија, кои неодамна се вратија од нивните едногодишни магистерски студии во Велика Британија, тие направија видеа за да го споделат своето искуство.

Ние работиме и со нашите партнери со кои имаме проекти за да ги адаптираме нашите активности, на пример, во рамките на нашата тековна работа со УНИЦЕФ ја започнавме платформата „Едуино“ за виртуелно учење во Северна Македонија за време на кризата.

Вашата прогноза за крајот на пандемијата? Дали ја гледате „светлината на крајот на тунелот“ наскоро?

Сите ние треба да бидеме трпеливи и да ги почитуваме мерките што ги воведуваат нашите влади. Ние работиме на справувањето со предизвикот: наоѓање вакцина, нови лекови и терапии. Вистинската вакцина што ќе се направи правилно ќе биде најдобрата одбрана од коронавирусот, овозможувајќи ги нашето колективно закрепнување и намалувањето на ризикот од повторна појава.

Јас лично сум оптимист дека ќе се најде решение и важно е да останеме позитивни во тешките времиња заради нашата благосостојба, нашите блиски семејства, пријателите и колегите.

Прочитајте и: Н. Е. Рејчел Галовеј: „Обединетото Кралство и понатаму ќе ѝ биде силен партнер на Северна Македонија“

Разговарала: Бојана Стојменовиќ

Фото: Приватна архива

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.