МИЛЕНА ТАНАСКОСКА за животните промени: „Колку и да не сакаме да признаеме, првиот впечаток најмногу зависи од изгледот“

Промени што водат напред

Иако промените честопати тешко ни паѓаат, тие истовремено се и најдобрата шанса за раст. Дознајте како нашата соговорничка успеала да го извлече максимумот од животните промени

Ја сака модата од кога знае за себе, но во времето кога се запишувала на факултет, немало отсек за дизајн, па одбрала економија. Сепак, сфатила дека тоа не е за неа и се вработила како асистент-стилист во списание. Веднаш знаела дека тоа е работата што ја сака и ја исполнува и оттогаш па натаму се занимава со мода.

МИЛЕНА ТАНАСКОСКА, стилистка и модна дизајнерка
Кој е најголемиот предизвик што го имаш моментално во твојата работа?

Во 2020 година, по долгогодишна соработка со брендот Bastet Noir како стилист, станав ко-дизајнер за нивните колекции. Брендот функционира како онлајн-продавница и е ориентиран на странскиот пазар, па секогаш треба да сме чекор напред и да ги следиме трендовите и желбите на клиентите од странство. А побарувачката таму и тука и различна. Кај нас луѓето сè уште вложуваат поголема сума на пари само за некои настани, но не и за секојдневни колекции. Од друга страна, пак, во странство ако парчето е квалитетно изработено, од природен материјал и има уникатен печат, тогаш сигурно ќе биде купено. Затоа, се трудиме да најдеме работници кои ќе го задоволат нивото на изработка на облека за нашите клиенти.

Која е најголемата промена што си ја доживеала во твојата кариера?

Најголемата промена во кариерата ми се случи во 2019 година, кога од моден уредник во списание и работа со готова мода се префрлив во заднинскиот дел на модата во ателје-фабрика за плетки, во контрола на квалитет на производство. Се соочив со сите можни работни предизвици, морав да работам со луѓе од различни култури и со различно ниво на образование, но со вешти раце и занает, кој полека изумира, а е многу баран и ценет. Од убави настани, сликање едиторијали и работа во списание, требаше се префрлам на работа во погон и да дознам како сите тие парчиња облека се изработуваат и од каде доаѓаат. Работата ја вршеа луѓе што се на маргините, жени борци, кои на секој можен начин се стремеа да се погрижат за своите семејства. За мене тоа беше соочување со реалноста и почнав да им се восхитувам на сите тие приказни и жени што ги запознав.

Каква промена си посакуваш во овој момент?

Во блиска иднина би сакала да добијам можност да работам во странство за поголема компанија. Би сакала да бидам стационирана некаде цела година за да видам како сето тоа функционира надвор од Македонија.

Лекциите на Милена

Што имаш научено досега, а што допрва би сакала да научиш?

Многу сум самокритична и секогаш мислам дека имам уште многу што да научам. Би сакала да совладам некој од програмите за цртање и дизајн, бидејќи рачно воопшто не ме бидува. Можеби би пробала да шијам за да го знам процесот. Почетник сум во плетење, но не би било лошо да го усовршам тој занает. Ме интересира сè што е поврзано со мода, сакам да се надградуваме за да ги знам сите постапки, без разлика во кој дел од индустријата ќе завршам.

Каква порака испраќа облеката за оној што ја носи?

Колку и да не сакаме да признаеме, првиот впечаток кога запознаваме нова личност најмногу зависи од надворешниот изглед. Облеката е дел од надворешниот изглед. Таа кажува многу за личноста што ја носи, за нејзиниот карактер и преференции во сите сегменти од животот. Стилот, пак, е нешто лично. Преку него зборувате за самите себе и за тоа како ја користите модата и облеката за да се издвоите од толпата. По стилот сте препознатливи.

Каква иднина ѝ посакуваш на македонската мода?

Според мене, македонската мода е западната во некоја летаргија. Имаме само неколку дизајнери што си ја вршат работата, немаме нови и надежни имиња. Се надевам дека ќе се појават млади, креативни и борбени дизајнери, кои ќе можат да се справат со модната сцена.

Кога би требало да му дадеш некому само еден совет за успех – што би било тоа?

Секогаш верувајте во себе и борете се за тоа што вистински го сакате. Нема да биде лесно, но ќе се исплати.

Разговарала: Марија Лукаревска

ФОТО: ПРИВАТНА АРХИВА

Прочитајте и

Коментарите се заклучени.