„Ме мотивира светот во којшто сакам да живееме“: Дороти Пачкова ни откри што ѝ дава ветер во грбот

Ве инспирираме

Со Дороти Пачкова, уметница и основачка на организацијата „Една може“, разговаравме за сите предизвици со кои се соочува жената во модерното општество

Во модерното општество жената е изложена на многу предизвици и притисоци. Од неа се очекува да биде реализирана на сите полиња: да биде добра мајка и грижлива сопруга, да биде успешна во својата професија и притоа да има време за социјален живот и духовна надградба. Не е лесно да се остане свој и доследен на себе во таква средина, па затоа жените на кои им успева тоа предизвикуваат восхит! Разговорот со активистката и основачка на организацијата „Една може“,  Дороти Пачкова, несомнено ќе ве инспирира…

Позната си како уметница, но и како гласна активистка што се залага за унапредување на правата на еднородителските семејства преку организацијата „Една може“ и компанијата „Една прави“. Несомнено е дека си инспирација за многу жени и мајки, но што е тоа што тебе најмногу те мотивира и те охрабрува да продолжиш со работата и во потешките животни мигови?

Самоинспирирана сум од хоризонтот што го имам пред очи, секогаш кога замислувам во каков свет сакам да живееме. Кога погледнувам на таа топла, хармонична слика, не можам да не сум инспирирана да го работам ова кое го работам, најдобро што можам, денес подобро од вчера а утре уште подобро од денес. Кога имам малку инспирација пак, едноставно станувам и ги правам нештата, на почетокот замислувајќи како ќе се чувствувам по завршената работа. И за кусо време така е, таму сум, на врвот на инспирацијата. А по секоја добро завршена работа, земајќи го во предвид мојот главен индикатор за „добро завршена работа“ – работа во која сум загубила чувство за време и место – инспирацијата за секое следно работење е мултиплицирана.

Кога ништо од ова не ми успева, за среќа имам изградено одлична самодисциплина на која во немотивирачките мигови можам да се потпрам. Храброста е моја силна страна, не сум правела ништо посебно за да ја имам, како што е случајот со мноштво мои силни страни кои некогаш ми биле слаби па сум морала да работам за да ги развивам. Понекогаш и не знам дали ми е едноставно дадена или од толку многу практикување веќе ми е „моја кожа“.

Во модерното општество, жената е изложена на многу притисоци и предизвици. Од твое искуство, што сè се очекува од жената денес? Може ли да се одговори на сите очекувања?

Порано може да кажам дека и се гордеев со мојот личен порив да „сакам се’ и сакам сега“. И  многу работев за да си овозможувам се’ што сакам, сега и тука. Желбите ми одеа од совршена кариера, совршено чист дом, совршен изглед, совршено воспитано дете, совршен социјален живот, совршена втора и трета кариера, совршено другарство од моја страна, совршена љубовна врска со идеализиран партнер чија идеализација немала никогаш многу голема врска со реалноста… до совршена духовна состојба, континуирано балансирана емотивна состојба, постојано бидување туказа секоја самохрана мајка од државава која ќе ни се обратеше, до совршено изгланцан под, до секогаш нутритивни домашно подготвени оброци за син ми, до совршено искуцкани постови на социјални мрежи дури… до станување пред изгрејсонце и легнување во друга димензија од преработеност на зајдисонце. И сето ова „совршенство“, сфатив дека си носи многу негативен разговор со сама себе, многу обвинувања, многу токсичен третман кон сама себе, многу принудувања, откажувања, многу нечовечност, кои некаде сум научила да си ги правам па морав да ги однаучам буквално. И ова е огромна школа.

Денес, низ репрограмирање на себеси, низ многу поставувани прашања, низ копање по сопствените програми вградени од детство, низ обуки, курсеви, тренинзи, читање, безброј видеа за личен развој и секојдневно слушање на аудио книги, многу контакт со себеси и живи искуства, сфаќам се’ повеќе дека можам се’, но реално немам потреба и не сакам повеќе се’. Многу од погоренабројаното, не сум го сакала, туку сум била културолошки убедена дека сакам да сум совршена јас и се’ што правам и создавам. Тоа е притисокот што секоја од нас го живеела и што многу од нас го живеат секој ден.

Денес омилена ми е една позната изрека: „Една жена е онолку слободна колку што може да ја поднесе прашината на подот.“ Денес сум слободна да бирам и да менувам приоритети според различни контексти, денес сум флексибилна до степен што ништо не морам. До овој степен на слобода се доаѓа, не секогаш по лесен пат и линија на најмал отпор, туку низ многу рецентрирања, низ откажување од многу луѓе, уверувања, улоги, позиции… главно низ соочување со себе и своите слабости без самоосуда, со многу љубов и разбирање, што носи до прифаќање. Од тука се наѕира слободата, и тоа  не секогаш по дифолт. Останатото се’ само финеси, за секого различни.

Какви жени те инспирираат? Кои жени сметаш дека треба да се земат како пример за новите генерации?

Ме инспирираат многу девојки и жени кои си ги имаат сопствените животи во сопствените раце. Жени од акција, жени кај кои гледам прогрес. На пример кога ќе сретнам девојка/жена, која ми отвара нова перспектива, преку лична приказна. Некогаш ме инспирираат жени од кои купувам на пазар, некогаш и’ се восхитувам на жена занаетчика за чија услуга си плаќам а ја гледам со колку посветеност си ја работи работата и кај такви одам со многу љубов и често со години. Ме инспирираат жени кои се детерминирани на различни полиња, кои решиле и покрај се’ да бидат задоволни со себе, кои се справуваат со предизвиците изродени од несовршеното ни општество. Многу ме инспирираат жени кои се соочуваат, кои менуваат што не им се допаѓа, кои стојат зад своите грешки и зад своите одлуки. Кои и покрај се’, ја бираат светлата страна на животот. Им благодарам!

Новите генерации можат да избираат да се инспирираат од жени кои ќе ја заслужат нивната почит, првенствено со тоа што можат да погледнат каков живот живеат инспираторките. Ако додека јас растев, бевме принудувани да изразуваме почит заради празен/незаслужен авторитет, денес девојките имаат избор да не прифаќаат незаслужени авторитети да им бидат идоли. Сега имаме увид во сечиј живот и јавните личности се изложени на очите на јавноста постојано. Па лесно е да се направи селекција, низ едноставно согледување. Личност која не е на убаво место во својот живот, бадијала е професионална во која било област. На пример, во времето кога растев јас, идоли ни беа врвни уметници/чки, кои ги почитувавме и ги сметавме за натчовечки битија заради одредени таленти кои обичните/посекојдневните луѓе не ги развиваат. За сметка на ова, не погледнувавме како тие во суштина ги користат своите таленти во другите области на своите животи. Веројатно огромен дел од нив завршија трагично. И тоа ми е голема лекција која вреди да ја споделам. Ниту еден талент не вреди повеќе од капацитетот да се живее човечки и да се стои достоинствено пред сите предизвици, во хармонија со тоа што го зборуваме и го правиме, создаваме, твориме, работиме, оставаме зад себе, живееме. Нема поголем талент што го добива мојот респект повеќе од ова.

Постои ли заедништво помеѓу жените денес?

Како некоја која има создадено женско движење, која предводи неколку правни женски тела, која раководи со женска регионална мрежа, постојано сум во контакт со безброј жени. Лично, кога и да сум во позиција на поголема моќ, нудам што имам и можам во моментот.
Па на пример, кога гледам познаничка како постира брдо лекови, а знам дека е сама со дете дома, и’ се јавувам да ја прашам дали можам некако да и’ се најдам. Во банка кога стои трудна жена во редот, и’ овозможувам да помине преку ред. Кога има мајка со дете во раце која бара клупа за седнување, правам место или по најново, станувам да седне. Од тука може да почне секој/а.

Сум се потпишала на сите формални и неформални новонастанати движења за општествени промени, кои побарале поддршка од мене, јасно ми е поради јавното влијание што го имам/правам. Го користат моето лице за да се здобијат со одредени политички гласови кои им се потребни во одредени периоди. Сметам дека сето тоа, секој мој потпис, е доказ за мојот начин да се биде тука за секоја свежа енергија која носи агенс на промени. Така давам шанса, преку дела. Сум се појавила на мноштво граѓански протести, за права на различни целни групи. Сум прифатила да земам збор на безброј трибини, семинари, јавни настани, зашто сум поддршка за многумина. Сум гостувала во туѓи агенди, зашто верувам во туѓите соништа, поаѓајќи од уверување дека на крајот, сите заедно формираме единство, па на овој начин придонесувам за големото единство да е посовршено.

Кога немало кој да биде тука за мене, тоа сум го искористила како ука дека континуирано сум тука сама за себе. И така ги воспитувам децата, и моите и оние со кои сум во контакт преку предавања, обуки и тренинзи, активизам кои ги држам и организирам. Да бидат тука за себе на нежен начин, зашто само така можат да бидат тука и за оние околу нив. Жена која си дава себеси, има што да му даде и на светот. Всушност, секоја од нас го прави она што мисли дека е за нејзино најголемо добро.

Каква трага се надеваш дека ќе оставиш во општеството? Која е твојата животна цел?

Една жена, како многу комплексно битие, низ целиот свој живот се гради, надградува, преградува и преобмислува. Низ тој пат на преобмислување, се самосоздава и животната мисија или цел. Така јас, искрено, никогаш не сум помислувала дека конкретно на овој начин ќе оставам општествена трага, но од друга страна пак целиот мој живот сум образована и самовоспитувана да градам, да создавам, да усовршувам, да истражувам и креирам. Низ животниот пат, најпрво интуитивно сум ги развивала своите таленти. Тип на личност сум која не може да замисли да не е во постојан процес на создавање, па така си ја имам најголемата мисија да се кристализирам, а низ сета таа вибрантност се раѓаат и создаваат и моите соништа а со нив и животната мисија. Денес сум личност која својата животна мисија ја доживува како лично изградена слобода да се самореализирам низ усовршување на општеството, денес преку работа на унапредување на правата на девојките и жените, утре којзнае преку што. И бескрајно сум си благодарна за ова.

Вие можете да си ја препознаете животната мисија прво кога ќе ја најдете работа за која сте доволни страсни, кога не можете да спиете додека не ја реализирате, а таа работа истовремено има сериозна еколошка нишка во себе: не му штети никому, придонесува за општеството, прави позитивни промени, подобрува човекови животи, отвара можности, го усовршува светот или барем го носи кон можности за подобро живеење на луѓето. Третата работа што вашата мисија ви ја овозможува е тоа дека ќе бидете задоволни од самите себе, дека мирно ќе спиете, дека ќе се чувствувате интелектуално гладни и жедни до степен што ќе ги голтате работните обврски, како кога би голтале питка вода по целодневна обиколка на песочни дини. Едноставно ќе бидете толку брилијантни во тоа што го работите, што ќе посакате да имате неколку животи за да можете да реализирате со љубов се’ што ќе се отвори низ работењето. Изобилна магија која се пренесува во сите животни сфери и која прави пролет и на ѓубриште.

Кои се најважните работи што сметаш дека секоја жена треба да ги запамети? Што би ја советувала помладата Дороти?

Сметам дека многу важни работи ставивме на дискусија со ова инспиративно интервју, кои вреди да се запаметат.

Не знам дали има најважно, и веројатно во различни ситуации поставуваме приоритетно важни работи според самите ситуации. Сепак, важно преважно, според мене е да сме чесни со себе. Чесно да се поставиме во односот со себе е појдовна точка од која може да се стаса каде ќе се посака. Како што спомнавме, соочување со своите слабости кои се поле за развој. И од тука се’ се менува. Вашиот живот станува ваша омилена игра, во која станувате се’ подобри, од ден во ден.

Помладата Дороти е едно суштество на кое сум исклучително горда. Ако се вратам назад, гледам едно нешто кое денес го рационализирам и често го доведувам во прашање и покрај се’ што денес сум.  Ја знаете онаа изрека „Love made me do it“? Епа тoa сум помладаta јас. Сите лекции, сите грешки, сите падови, сите откажувања, борби, стравови, трауми и рани… се’ „in the name of love“. Кога се присетувам од овој агол, можам во устата да го почувствувам вкусот на таа младешка сирова неотесаност, која е истовремено восхитувачка и наежувачка. Толку фатална верба во животот не знам дали сум сретнала надвор од себе помладата. Можам да и’ кажам едно огромно благодарам.

Благодарам за сите крајности што ме научија да го најдам, барам и ценам балансот. Благодарам за враќањето на сите детски радости, благодарам за преголемата верба во љубовта што ми го донесе Маркијан и наспроти сите за човеково око и материјалниов свет неможности. Имам целоживотен доказ дека љубовта е чудо, раѓа чуда, и генерира изобилие на чуда.

Се’ ова, целиот мој живот, е доказ дека сите имаме шанса за среќно детство, какво и да ни било. И од најнесреќните околности сме во капацитети да ги извлечеме најсилните поуки и да одбереме да живееме животи во благосостојба!

Разговарала: Марија Лукаревска

ФОТО: ПРИВАТНА АРХИВА

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.