Љубовта не може да се темпира: Како е можно да си сама?

Најиритантно прашање

Фото: Pixabay

На врвот на невкусни забелешки што им се упатуваат на жените без партнер, секако, е познатата: „Ако секому му наоѓаш мана, ќе завршиш сама!“ На тоа една самосвесна жена може да одговори само: „И тоа е за луѓе. Не можам да се омажам со некој што не е за мене и подоцна да се разведам“

Љубовта не може да се темпира. Неа не ја интересираат желбите на нашите мајки. Врз неа не влијае тоа што сите наши другарки имаат деца и што биолошкиот часовник ни отчукува. Сепак, што кога ќе помине некое време, а ние сè уште сме сами?

Кога во мажите што се наоѓаат во нашиот живот гледаме само мани? Што ако веќе не сме сигурни дали сме навистина премногу пребирливи и колку нè чини тоа? Нашите соговорнички се токму сингл-жени, кои со нас ги споделија своите размислувања за оваа тема.

ЗАЕДНИЧКИОТ ЖИВОТ Е ПРЕДМЕТ НА ОДЛУКА
„Кога бев мала, мислев дека ќе се омажам, ќе имам маж и деца, но никогаш не размислував каков би требало да биде мојот маж“, ја почнува својата приказна Ивана (32), сопственичка на салон за убавина. Кога некој ќе ја праша за емотивниот статус, главно одговара дека нема нешто на видик.

„Немам конкретен тип мажи што ми се допаѓаат. Или ми се допаѓа или не! Немам вештачки формирани критериуми, тие произлегуваат од емоциите и од мојот инстинкт. Потоа го анализирам мажот што ќе ми се допадне. Почнувајќи од видливите детали, па потоа го проценувам и она што не се гледа но постои, и доаѓам до скриените нешта, кои можеби и најмногу зборуваат за човекот.

Сепак, сметам дека никогаш не можеме целосно да запознаеме некого, бидејќи луѓето постојано се менуваат. Често се изненадувам кога мажот ќе направи нешто што не сум можела ни да претпоставам, кога ќе ме разочара…

Кога ќе откријам дека некој не поднесува животни, дека се занимава со сомнителна работа и ја смета за нормална… Тие нешта ми се потешки дури и од лагите“.

Емотивната перспектива во ваквите разговори не може да се прескокне:

„Во почетокот мислев дека сигурно ќе најдам човек што ми одговара, потоа бев сè помалку сигурна во тоа, а сега сум сосема сигурна дека нема да го најдам не само совршениот туку и оној што колку-толку би ми одговарал“, вели Ивана и се смее.

„Не е толкав проблем да се најде тој некој колкав што е недостигот од одлучност. Заедничкиот живот е предмет на одлука. Како што поминува времето, сè помалку се одлучувам на тој чекор, бидејќи сум опкружена со исто така неодлучни луѓе. Досега бев блиску до таа одлука само за моменти, кои главно беа врзани за почетокот на врската, кога сè е идеално“.

На прашањето што мисли за двојките во своето опкружување, за пријателите што се „смириле“, Ивана одговара повторно смеејќи се:

„Главно се луѓе што го избрале лицето на кое ќе трошат најмалку енергија. Се притаиле покрај него, сметајќи дека не може подобро. Значи, живеат со некого што суштински не го почитуваат и не му се восхитуваат. А би требало да биде поинаку. Партнерот треба да ти биде сонцето што ќе те грее штом ќе ги отвориш очите. Јас не се согласувам на помалку од тоа.“

НА НЕКОИ ЛУЃЕ ИМ СЕ СЛУЧУВА ДА КЛИКНАТ, НА НЕКОИ НЕ
„Моментално сум во фаза во која се чувствувам како повторно да имам 16 години и како штотуку да сум паднала од Марс. Само што кога навистина имав 16 години, мислев дека сè држам под контрола, а денес воопшто не ги разбирам машко-женските односи“, вели Ана (34), финансиска директорка. Пред една година ја раскина долгата и „комплицирана“ врска, која, всушност, била „повеќе мачење одошто врска“. Се чувствувала како некој да ѝ симнал голем товар од градите и дека дише.

„По еден месец не сакав да се вселам кај него. Бев многу вљубена, но едноставно не сакав. Можеби ќе звучи глупаво, но тој е многу неуреден, меѓу другото… Му предложив да почекаме. Ја одложував одлуката. А тој си најде друга, која сакаше да живее со него.

Пред него имав три долги врски. Во едната стигнав и до свршувачка. Кога малку ќе размислам, сите три пукнаа по приказната за заеднички живот, иако, во основата, не сакав ниедно од тие три бивши момчиња.

Кога подоцна навистина се заљубив, сфатив дека ми биле повеќе драги, добри или убави отколку што се работело за љубов. Во меѓувреме се случуваше сешто, но ништо значајно. Едно време ми се допаѓаше да бидам во врска со добри, но не премногу начитани момчиња. Ме опуштаа, бидејќи по напорниот работен ден, не бев во состојба да водам високообразовни разговори.

Но се вљубив во најчитаниот човек на светот, на кој јас не му бев доволна. Не ме сакаше доволно. Кога ќе размислам, не знам дали некој воопшто ме сакал доволно… можеби моето прво момче. Сè уште ми се јавува да се видиме, но не ја бива работата.“

Дали Ана верува во љубовта?

„Сакам да верувам во љубовта, но не сум сигурна дека таа верува во мене“, вели таа.

„На некои луѓе едноставно им се случува да кликнат, на некои не. Кога прекрасна личност ќе засака прекрасна личност, се разбира дека ќе бидат среќни. Срцето ми е полно кога ќе видам такви двојки. Кога станува збор за мене, не знам во што е проблемот. Можеби е во мене, а можеби едноставно немам среќа. Ми се случува да бидам осамена, навистина осамена.

Од друга страна, никогаш не би можела да бидам со некого само затоа што ми треба да ме прегрне навечер. А да бидам искрена, и не им верувам. Всушност, не можам да му верувам на мажот што ми изјавува љубов, а јас не го сакам. Секогаш мислам дека нешто згрешил, што е и вистина, веројатно. Околностите не мора да се идеални, сè може да биде наопаку, но чувството мора да е совршено. Ако не е – тогаш тоа не е љубов.“

Текстот продолжува на следната страница…

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.