Дали сте го оствариле она што одамна сте го посакувале? Се сеќавате ли денес на своите размислувања и соништа од пред повеќе од десет години? Токму тоа ја прашавме Викторија Лоба, со која имаме направено повеќе интервјуа низ годините
Викторија Лоба е една од дамите со кои повеќепати имаме разговарано, па можеме да кажеме дека континуирано го следиме нејзиниот професионален и личен развој. Што се променило кај неа од 2014 година до денес?
2014: „Личноста на која максимално ѝ верувам е мојата мајка, таа е мојот најдобар пријател.“
2026: Јас ја имам таа среќа во животот да сум опкружена со луѓе кои ми се семејство, соработници и најблиски пријатели. Во последниве години, кругот многу ми се прошири, и тоа ме радува. Си ги сакам, почитувам и негувам тие односи.
2014: „Нема ништо поболно за еден уметник кога тапка во место.“
2026: Кризата е најчеста појава во креативниот процес, но не ја гледам како пораз, туку како дел од патот. Музиката ми е постојано во мене и низ мене. Имам исполнет професионален живот и конечно чувствувам слобода и тим, кој ми овозможува почесто да творам нова музика.

2022: „Јас и сопругот имаме исти вредности и тоа е столбот на врската.“
2026: Нашиот однос со годините стана подлабок и имаме уште поголемо разбирање еден за друг. Важни се вредностите, но најважни се љубовта и заедничката цел, тоа е столбот на врската.
2014: „Тоа што живеам балансиран и здрав живот е доволен успех…“
2026: Сè уште стојам зад истото. Секој ден ми е благослов. Тоа што работам музика, создавам содржини, ја чувам хармонијата во домот и пријателствата, тоа за мене е секојдневен успех. Се чувствувам одлично, и тоа го носам во новите песни и проекти. Се надевам дека и понатаму ќе допирам до срцата на публиката, тоа е мојот вистински професионален успех.
Разговарала: Марија Лукаревска
ФОТО: ПРИВАТНА АРХИВА