Лепче полно љубов: Теа Трповска ни ја раскажа нејзината магична кулинарска приказна

Доказ дека храната навистина зближува!

Нејзините вкусни рецепти се добро познати, но Теа Трповска неодамна почна нова магична кулинарска приказна – приготвување кисело лепче. Едното за дома, другото го подарува – филозофија што потврдува дека храната навистина зближува…

Киселото лепче раскажува приказна, но секојпат различна, бидејќи секој кисел леб е поинаков од претходниот, уникатен по формата, составот и вкусот. А вкусот е препознатлив и историски. Неуспешната потрага по совршен леб ја натерала Теа да почне сама да го приготвува.

„Лебот е суштински производ, но го земаме здраво за готово. Се изморив барајќи вкусен печен леб, па решив самата да го приготвувам, за да можам вистински да уживам во него. И ми успеа“, раскажува таа.

Како изгледа процесот на приготвување?

Иако процесот на приготвување кисело лепче се чини долг и макотрпен, Теа целото искуство го доживува многу романтично:

„Од моментот кога ентузијастички ќе го нахранам стартерот и ќе чекам тој да нарасне, преку нежното мешање на брашното и водата, кои ги мерам до најмал грам, па до лелеавите преклопувања на влажното тесто, за пред крајот да се случи неколкучасовната магична ферментација во фрижидер прекуноќ и да се достигне кулминација со печењето веќе следното утро. Процес полн со нетрпение и трпеливост истовремено, нежност и многу, многу љубов!“

Храната навистина зближува!

Теа спонтано решила да сподели дел од оваа магија со своите поддржувачи на Инстаграм, па, така, секоја недела прави по две кисели лепчиња – едното за дома, а другото го подарува.

„Подарувањето настана сосема случајно и природно. Третиот пат кога испеков лепче бев многу задоволна од тоа како изгледаше и на шега напишав на Инстаграм дека ќе праќам лепче по такси. Се пријавија многу луѓе и ете! Се запознав во живо со многу од моите виртуелни пријатели. Јас им давам лепче, а тие секогаш ме изненадуваат со нешто – подароци за Ирма, чоколатца, домашни домати од бавча, тегли со домашен мед и домашни печени печива, специјално направени за мене и моето семејство. Сите убави работи треба да се делат со оние што вистински се радуваат за вас, а киселото лепче е како создадено за да се подели со познати и непознати“, раскажува Теа.

Трикови за успешно кисело лепче

Рецептот за кисело лепче не е толку едноставен колку вообичаените рецепти за леб. Состојките се исти, но сè друго е различно, а Теа ни откри неколку од нејзините трикови за создавање вкусна магија:

„Првиот трик за да се направи овој леб се трпението и посветеноста. Вториот трик е времето. Тука мислам на 8-10 часа во денот, за да им се посветите на состојките, тестото и на лебот. И третиот трик е љубов – како и за сѐ друго во животот. За правење ваков вид на леб, љубовта е најважна“, завршува Теа (@teatrpovska).

Подготвила: Марија Лукаревска

ФОТО: Приватна архива

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.