Кога температурите стануваат неподносливи, а ни сенката, ни ладната вода, ниту клима-уредите не носат доволно олеснување, еден стар предмет повторно се враќа во мода. Лепезата, некогаш симбол на елеганција, статус и префинетост, денес повторно станува незаменлив летен сојузник.
Малата, лесна и практична направа сè почесто се гледа во чанти, на тераси од кафулиња, во јавен превоз, на концерти и летни фестивали. Иако изгледа како едноставно решение за разладување, нејзината историја крие многу повеќе од тоа.
Од средство за разладување до симбол на богатство
Луѓето уште од древни времиња се обидувале да се разладат со лисја, пердуви, ткаенина и тенки парчиња дрво. Лепезите биле користени во стар Египет, Кина, Јапонија и други древни цивилизации, но нивната улога не била само практична.
Тие биле дел од свечени церемонии, верски обреди, украсување на облеката и начин преку кој се покажувале моќта и општествениот статус.
Особено значење лепезата има во азиските култури. Во Кина се изработувале од свила, бамбус, хартија и пердуви, а често биле украсувани со пејзажи, цвеќиња, калиграфија и литературни мотиви.
Со текот на времето, лепезата престанала да биде само предмет за разладување и станала мало уметничко дело кое зборувало за вкусот, образованието и положбата на оној што ја поседувал.
Јапонската склоплива лепеза го освои светот
Склопливата лепеза, каква што најчесто ја замислуваме денес, најмногу се поврзува со Јапонија. Се смета дека таму се развила уште во раниот среден век, а потоа се проширила низ Кина и другите делови на Азија.
Нејзината најголема предност била практичноста – можела лесно да се носи во ракав или торба и да се користи во секојдневни, свечени и уметнички пригоди.
Европските дворови ја претворија во моден симбол
Во Европа лепезата пристигнала преку трговските патишта, патниците и морепловците, а особена популарност стекнала од 16 век.
На европските кралски дворови брзо станала омилен моден додаток на благородничките, особено во Франција, Шпанија, Италија и Англија.
Историчарите често ги споменуваат Катерина Медичи и кралицата Елизабета Прва како жени кои придонеле лепезата да стане симбол на софистицираност, елеганција и престиж.
Во 18 и 19 век таа доживеала вистински процут. Се изработувале раскошни модели од свила, чипка, пергамент, слонова коска, седеф, дрво и пердуви. Некои биле рачно насликани со сцени од митологијата, природата, љубовта, театарот или секојдневниот живот.
Највредните примероци се чувале како семејно богатство, исто како накитот.
Дали ладалото навистина имала таен јазик на заведување?
Една од најромантичните приказни поврзани со лепезата е легендата за нејзиниот „таен јазик“.
Во 18 и 19 век, кога баловите и дворските собири имале строги правила на однесување, се зборувало дека жените преку движењата со лепезата испраќале скриени пораки до своите обожаватели.
Наводно, брзото затворање, допирањето на образот, спуштањето на лепезата или криењето зад неа имале различни значења – од покажување интерес до јасно одбивање.
Иако историчарите денес сметаат дека дел од овие приказни веројатно се романтична легенда и добра реклама на производителите на лепези, таа идеја дополнително ја зацврстила нејзината поврзаност со мистеријата и заведувањето.
Во времето кога чувствата често не можеле отворено да се покажуваат, лепезата била совршен начин за криење насмевки, погледи и емоции.
Ладалото се враќа како летен must-have додаток
Денес, со сè потоплите лета, лепезата повторно станува популарна. Таа е практично решение за фестивали, свадби, концерти, прошетки и долги чекања во јавниот превоз.
За разлика од електричните уреди, не бара батерии, лесно се носи и може да се користи насекаде.
Покрај тоа, таа е и поеколошки избор – квалитетната лепеза може да трае со години, а најчесто се изработува од природни материјали како бамбус, хартија, памук или дрво.
Но, нејзината најголема предност е што денес повторно станува моден детаљ. Совршено се комбинира со летни фустани, шапки, чанти и елегантни комбинации.
Ладалото е посебно токму затоа што ги спојува практичноста и симболиката. Со неколку движења носи свежина, но истовремено нè потсетува на времиња кога малите детали можеле да кажат многу повеќе од зборовите.