Контрацепција: Дали го користите вистинскиот метод?

Плус тест! Кој тип контрацепција ви одговара најмногу?

Во колкава мера кај жените е развиена свеста за важноста од заштита од несакана бременост? Дали во практиката се придржувате до она што го знаете од теоријата? И, најважно, како да изберете метод што ќе ни овозможи најкомплетна заштита и наедно ќе ви биде најкомфорен за употреба?

КОНТРАЦЕПЦИСКИ ПИЛУЛИ

Содржат хормони што спречуваат овулација. Хормоните дејствуваат и со други механизми што ја намалуваат можноста за забременување – ја згрутчуваат цервикалната слуз, која ги спречува сперматозоидите да влезат во матката. Слузницата на матката станува потенка и постои многу помала веројатност оплодената јајце-клетка да се вгнезди…

За: освен спречување несакана бременост, оралната контрацепција може да се користи и во други тераписки цели – за одложување и за регулирање на менструалниот циклус, во случај на болна менструација, во третман на проблематична кожа и засилена влакнавост поради хормонална нерамнотежа.

Против: во првите неколку месеци земање на пилулата, може да се јави точкесто крвавење кон средината на циклусот, што не е загрижувачки, бидејќи тоа е нормална појава при навикнување на организмот на хормоните. Други нуспојави се ретки, а опфаќаат главоболка, набрекнатост на дојките, гадење, нередовно крвавење, дебелеење, отсуство на менструација, влакнавост и намалено либидо.

Сигурност: контрацепциските пилули се сигурна контрацепција околу 99%, но мора да се земаат редовно. Со нередовна терапија, паѓа на околу 92%. За да биде целосно делотворна во спречување на бременоста, пилулата мора да се зема секој ден во исто време.

 

КОНТРАЦЕПЦИСКИ ФЛАСТЕР

Контрацепцискиот фластер се лепи на кожата, по што почнува да ги ослободува хормоните прогестерон и естроген, кои спречуваат да дојде до забременување. Се носи постојано во текот на седум дена, а осмиот ден се заменува со нов. Терапијата трае три недели, а во четвртата се паузира и тогаш доаѓа до менструално крвавење.

За: предноста на овој метод е во едноставната употреба – доволно е да се сетите дека еднаш неделно треба да го залепите фластерот. Мошне е делотворен – циклусите се помалку обилни, помалку болни и регуларни.

Против: понекогаш може да предизвика иритација на кожата. Не се препорачува за доилки.

Сигурност: доколку не заборавите да го замените навреме, делотворноста на фластерот е поголема од 99%.

ВАГИНАЛЕН ПРСТЕН

Се работи за мал, еластичен, проѕирен пластичен прстен со дијаметар од 5 см, кој се става во вагината. Содржи естроген и прогестерон, кои ја спречуваат бременоста. Предвидено е да стои во вагината 21 ден, по што се вади за да настапи менструално крвавење, а потоа се става нов.

За: доволно е еднаш месечно да го поставите и по 21 ден да го извадите. Ја регулира обилноста на менструацијата.

Против: не е за вас доколку ви е непријатна помислата дека ќе треба да го поставите внатре во вагината и да го носите 21 ден. Во некои случаи може да испадне за време на сексуалниот чин. Кај некои жени предизвикува иритација на вагината и засилена секреција.

Сигурност: безбеден е 99%, а предвидено е да стои во вагината и за време на односот.

ИНТРАУТЕРНА ВЛОШКА (СПИРАЛА)

Спиралата е мал пластичен систем, кој се поставува во внатрешноста на матката и спречува бременост. Се смета за соодветен метод за контрола на раѓањето за жени што не сакаат секој ден да земаат контрацепциски пилули.

Видови спирали: кај нас постојат два вида – хоромонска и бакарна. Хормонската спирала ослободува мало количество хормони во слузницата на матката и на тој начин спречува бременост. Доведува и до намалено крвавење, понекогаш и до негово отсуство, па е идеална за жени со обилна менструација. Бакарната спирала исто така дејствува локално, со ослободување јони на бакар, но менструалните крвавења можат да станат пообилни.

За: едноставна е за употреба – кога ќе ја постави гинекологот, останува во матката пет години. Се отстранува кога ќе посакате да ја вратите способноста за забременување. Може да се постави брзо по породувањето, дури и за време на доењето. Хормонската спирала ги намалува менструалните болки и регулира обилно крвавење. Кај некои жени, менструацијата целосно престанува во рок од две години.

Против: кај бакарните спирали, повремено можат да се јават посилни болки и пообилна менструација, како и крвавење меѓу циклусите, особено во првите месеци. Хормонската спирала може да предизвика отсуство на менструација во првите шест месеци, главоболки, гадење и набрекнатост на дојките, како и цисти на јајниците, но тегобите се повлекуваат со текот на времето.

Сигурност: спаѓа во најсигурните методи за контрола на раѓањето. Сепак спиралата не заштитува од полово преносливи болести, ниту од ХИВ.

КОНДОМ

Механичко контрацепциско средство од латекс или полиуретан, кое се навлекува на пенисот. Постои и женски кондом (фемидом), кој се вметнува во вагината.

За: кондомот е единствено средство за контрацепција што штити од сексуално преносливи болести и од ХИВ, па се препорачува за лица што често ги менуваат партнерите.

Против: понекогаш не ви е при рака кога ви е најпотребен, а умее да го уништи и романтичниот миг. Сигурен е само ако се применува за време на секој сексуален однос, и тоа од почетокот до крајот. По секој однос, потребно е да се провери дали е оштетен. Ако пукне или испадне, треба да се земе итна контрацепција (пилула за ден потоа).

Сигурност: факторот на грешка е дури до 18% поради погрешна употреба, пукање или испаѓање.

Итна контрацепција (пилула за „ден потоа“)

Итната контрацепција се користи првите 72 часа по незаштитен полов однос за спречување бременост. Дејствува како контрацепциската пилула што се користи во редовна контрацепција, спречува овулација и вгнездување на оплодената јајце-клетка во матката. Треба да се испие веднаш по односот, најдоцна до 72 часа. Следната менструација може да настапи во очекуваното време, а ако отсуствува – задолжително мора да се јавите на лекар за да се исклучи бременост.

За: со користење на оваа контрацепција значително се намалува шансата за забременување, што претставува решение во случај да сте заборавиле да употребите редовна контрацепција или ако дошло до пукање на кондомот за време на сексуалниот однос.

Против: пилулата не е метод за редовно планирање семејство и затоа не треба да се користи. Предвидена е само за итни случаи, но од друга страна, пак, ако дојде до тоа да е неопходна, подобро е да се земе затоа што има многу помалку несакани својства во споредба со прекинување на бременоста.

Сигурност: го намалува ризикот од забременување од 66 до 89%.

Стерилизација

Стерилизација претставува операција што оневозможува забременување. Кај мажите се изведува вазектомија, а кај жените подврзување на јајцеводите.

За: многу висока делотворност.

Против: бидејќи е иверзибилна, треба да бидете сигурни дека во иднина нема да сакате деца.

Текстот продолжува на следната страница…

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.