Имаше период кога не можеше да замисли да излезе од дома без перика. Денес, телевизиската водителка Цеце Николова со насмевка и самодоверба ја носи својата „гола глава“, претворајќи ја во симбол на сила, автентичност и целосно прифаќање на себеси. Нејзината приказна е потсетник дека вистинската убавина не започнува со изгледот, туку со моментот кога ќе престанеме да се криеме од сопствената различност.
Во разговор за „Убавина и здравје“, Цеце искрено зборува за тоа што за неа значи убавината, како се грижи за своето тело и ментално здравје, зошто не дозволува социјалните мрежи да ѝ ја нарушат самодовербата и која е најважната лекција што ја научила на патот до себеприфаќањето.
Што е, всушност, убавина?
За Цеце, вистинската убавина не се мери со совршени црти на лицето или беспрекорна фигура.
„Убава жена е таа што е насмеана. Верувам дека во полна сала со жени секогаш ќе ја забележите онаа на која ѝ светат очите и има искрена насмевка. Токму таа остава најсилен впечаток. Колку сме навистина среќни, пак, е сосема друга тема“, вели таа.
Ритуали без кои не го почнува денот
Негата на кожата е дел од нејзината секојдневна рутина и нешто од кое никогаш не прави компромис.
„Најважно ми е кожата да биде добро хидрирана. Денот го почнувам со дневен крем веднаш по миењето на лицето, а вечерта никогаш не легнувам без ноќна нега. Особено уживам во пилингот на телото – тоа ми е омилениот дел од ритуалот, а чувството потоа е едноставно бесценето.“
View this post on Instagram
Јас сум подготвена за летото, уште тоа да се подготви“, вели низ смеа.
Менталното здравје се негува со вистинските луѓе
Иако физичкиот изглед е важен, Цеце верува дека внатрешниот мир е она што навистина се гледа на лицето.
„Најмногу ме исполнуваат искрените и длабоки разговори со луѓето што ги сакам. Тие знаат кои се. Размената на мислења, животни искуства и искрената поддршка ми ја враќаат енергијата и веднаш ми го разубавуваат денот.“
Што би променила кај себе?
Како и секоја жена, признава дека има работи што ги сака и работи што би сакала да ги подобри, но денес на тоа гледа многу позрело.
„Секоја жена има нешто што го сака и нешто што помалку го сака кај себе. Јас се трудам преку вежбање да си ги исполнам сопствените желби за подобар изглед. Но, на крајот од денот, најважно ми е да бидам подобра од вчера – и како човек, и како жена.“
View this post on Instagram
„Во морето исти жени, јас ја славам својата различност“
Во време кога социјалните мрежи се преплавени со филтри, фотошоп и нереални стандарди за убавина, Цеце испраќа порака што заслужува да ја слушне секоја жена.
„Мојата различност ме научи на две многу важни работи – уникатност и оригиналност. Во морето ‘исти жени’, јас уживам во својата различност. Би сакала секоја жена да го пронајде токму она што ја прави поинаква и да се заљуби во тоа.
Кога ќе се случи тоа, целосно се менува начинот на кој се гледате себеси и повеќе нема место за несигурност поради фотошопирани фотографии на социјалните мрежи. Никој не е совршен – и токму во тоа лежи вистинската совршеност.“
View this post on Instagram
Од девојка која некогаш не се осмелувала да излезе без перика до жена која денес со гордост ја носи својата автентичност, Цеце Николова покажува дека најголемата трансформација не се случува пред огледалото, туку во моментот кога ќе научиме да се прифатиме себеси такви какви што сме. А токму тогаш започнува и вистинската убавина.
Текст: Марија Лукаревска
Фото: Printscreen Instagram