Инспиративна приказна: Од желба за патентиран производ до стартап

Проф. Ивановски, етаблиран научник во областа на хемијата и спектроскопијата со над 40 труда печатени во реномирани списанија со фактор на влијание, објаснува како науката му помага на претприемништвото

Спојот на науката и претприемништвото е нешто од што има потреба македонското општество. Професорот Владимир Ивановски од Природно-математичкиот факултет во Скопје пред една година ја основа стартап компанијата ХЕМОПО преку која на македонскиот пазар го пласира својот патентиран производ „Vitrum Guard“.

Во оваа прилика се интересираме од каде потекнува желбата и идеата за основање на стартап компанија.

„Желбата моите научните откритија да се преточат во конкретен производ од општо добро е тоа што ме испирира да се зафатам со претприемништво. Можноста да регистрирате и пласирате производи е понатаму поврзано со постоење на компанија, па оттаму и формирањето на стартап.“

Проф. Ивановски, етаблиран научник во областа на хемијата и спектроскопијата со над 40 труда печатени во реномирани списанија со фактор на влијание, објаснува како науката му помага на претприемништвото.

„Моето искуство од научните престои во Германија, најпрво година и половина како пост докторски стипендист на фондацијата Александар фон Хумболт на Универзитетот Фридрих Шилер во Јена, а потоа и петгодишниот проект со Универзитетот во Лајпциг, дополнително го проширија моето знаење од областа на инфрацрвената рефлексиона спектроскопија, како и површинската модификација на материјалите. Ова ми помага во дизајнирањето и анализа на производите.“

Vitrum Guard е средство за заштита на стаклени површини, а девизата е „направете го обичното стакло необично“. Прашуваме за што имено се работи.

„Средството Vitrum Guard е течност која се напрскува на стаклото, било да се работи за туш кабина, автомобил, прозор итн, кое го прави стаклото после третманот помалку подложно на бигор, водата потешко се задржува на стаклото, стаклото се одржува мошне лесно (само со влажна и сува крпа), прашината потешко се нафаќа, а после третманот стаклото не е заматено и слободно може да се одржува по потреба и со течен детергент и средствата за стакло, без да му се изгубат својствата. Исто така, нанесувањето е мошне едноставно, а дејството е од две недели до еден месец, зависно од употребата“ нагласува проф. Ивановски.

Vitrum Guard во прскалка од 500 ml е достапен во продавницата на МЕРКУР, понатаму ДисконтМ во населбата Аеродром, како и на Институтот за хемија при ПМФ во Скопје, вели проф. Ивановски и додава дека постојано прави напори достапноста на производот да ја прошири како во Скопје така и низ Републиката.

https://www.facebook.com/hemopodooel/videos/2124592761146175/

https://www.facebook.com/hemopodooel/videos/2120234908248627/

Во иднина се надева на проширување на капацитетот на компанијата, како со производи, така и со соработници кои би работеле со идеата, „наука за домашен иновативен производ“. Неговата активност за овој како и други производи од тој ги соопштува преку видеа и соопштенија на интернет страница www.hemopo.mk како и фејсбук страницата www.facebook.com/hemopodooel/

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.