Инфлуенсерите го вртат светот: Запознајте ги нашите инстаграм-ѕвезди!

Уникатни, инспиративни и свои

Инстаграм-ѕвездите се’ повеќе го зацврстуваат своето влијание на социјалните мрежи

Имаат различни занимања, интереси и таленти. Но едно нешто ги поврзува: сите тие се влијателни на социјалните мрежи. Ги користат своите уникатни вештини за да предизвикаат промени и да ги инспирираат своите следбеници. Дознајте кој се крие зад инстаграм-профилите на инфлуенсерите што блеснаа на U&Z Influencer Awards.

НЕСЕКОЈДНЕВНА МОДНА ИНСПИРАЦИЈА

НИКИЦА АЦЕВА,

Fashion Influencer @nikicaaceva

КОЈА Е НИКИЦА? „Студентка на Филолошки факултет, со креативен дух. Уметничките афинитети и секојдневното самостојно стилизирање ми помогнаа да станам тоа што сум денес – инфлуенсерка. Не се класифицирам како модна блогерка, но модата и тоа како е дел од мојот животен стил.“

ИНСТАГРАМ-ПРОФИЛ ПОСВЕТЕН НА… „Сакам да изградам еден поинаков профил, кој ќе биде препознатлив и корисен за моите следбеници. Тој се базира на модни предлози за конкретни, секојдневни ситуации. Обрнете внимание на малите описи под моите фотографии, бидејќи секоја модна комбинација има цел да ви помогне ако немате идеја што да облечете за на работа, концерт, прошетка, патување или посвечена пригода.“

КОГА НЕ СУМ НА ИНСТАГРАМ… „Кога не сум на Инстаграм, држам часови по зумба во танцовиот клуб ‘Сонриса’, а слободното време целосно им го посветувам на моите миленици. Понекогаш наоѓам инспирација и во модата за миленици, па смислувам креативни заеднички фотографии.“

МОЈАТА ИНСПИРАЦИЈА… „Ме инспирираат луѓето што не веруваат во мене и што не веруваат дека може да се заработи од ова што го правам.“

ПРЕЗЕМАЈТЕ РИЗИЦИ!

АНА ФРАНГОВА,

Beauty Influencer @im.reinana

КОЈА Е АНА? „Имам завршено средно медицинско училиште, но не продолжив во таа насока, туку во сосема поинаква, покреативна. Па, така, сега студирам моден дизајн и илустрација на академијата ‘Џолев и уметностите’. Креативноста е мојата силна страна и во иднина се гледам себеси како модна дизајнерка.“

ИНСТАГРАМ-ПРОФИЛ ПОСВЕТЕН НА… „Моментално на мојот профил може да се најдат многу креативни фотографии во надворешен и внатрешен простор. Но понатаму би сакала да биде посветен на моите модни дизајни и илустрации.“

КОГА НЕ СУМ НА ИНСТАГРАМ… „Креативноста ја изразувам така што слободното време го користам за цртање. Особено внимание посветувам на цртање портрети, модели и дизајни што во иднина би сакала да бидат претворени во креации што ќе го носат моето име.“

МОЕТО ЖИВОТНО МОТО… „На моите блиски не им се допадна многу кога слушнаа дека не сакам да се занимавам со медицина, туку со мода и дизајн и на почетокот немав голема поддршка. Но тоа беше моја одлука, мој ризик и подготвена бев да го преземам. Многу ме исполнува тоа што го правам моментално и воопшто не се каам за мојата одлука. Не плашете се да ризикувате. Целете кон тоа што го посакувате. Ако не сте исполнети однатре, никогаш нема да бидете среќни.“

ВЕРУВАЈТЕ ВО СЕБЕ!

БОЈАН ГИЕВСКИ,

Travel Influencer @gievskibjn

КОЈ Е БОЈАН? „Работам како одговорно лице за финансии и логистика во швајцарска фармацевтска компанија, но најмногу сакам да патувам. Секој слободен ден го користам за да реализирам некое патување, да одам некаде каде што не сум бил претходно иако постојат дестинации на кои би сакал да се вратам.“

ИНСТАГРАМ-ПРОФИЛ ПОСВЕТЕН НА… „Патувања, се разбира! На мојот профил може да се најдат фотографии од разни патувања и интересни места низ светот. Бали, Италија, Шпанија, Малта… Фотографиите ми служат како спомени, кои со задоволство ги споделувам со моите следбеници. На Инстаграм може да се разгледаат сите мои патувачки авантури, чиј број се надевам дека само ќе се зголемува.“

КОГА НЕ СУМ НА ИНСТАГРАМ… „Сакам да читам книги, да запознавам нови луѓе, да се дружам. Јас сум човек што зрачи со позитивна енергија. Секогаш ја гледам позитивната страна на нештата и затоа сакам да бидам опкружен со луѓе што шират иста таква енергија.“

МОЕТО ЖИВОТНО МОТО… „Верувајте во себе и во своите соништа, затоа што сè е возможно. Ништо не е невозможно. Ако вистински сакате да постигнете нешто, ништо не може да ви застане на патот.“

ПРАВЕТЕ ГО ТОА ШТО ГО САКАТЕ

ВЕСНА КОЦЕВСКА,

Health Influencer @whisper.ves

КОЈА Е ВЕСНА? „Туристички водич од Охрид и магистер по туризам. Патувањето секогаш е поврзано со сето тоа што го правам, така и со мојот блог whisper-365.com, каде што може да се дознаат повеќе информации за Македонија и околните земји, како туристички дестинации и места за живеење. Целта ми е на посетителите на блогот да им ги покажам сите убавини што ги гледам во секојдневниот живот.“

ИНСТАГРАМ-ПРОФИЛ ПОСВЕТЕН НА… „Инстаграм на некој начин ми го замени Фејсбук. Отсекогаш сум сакала да споделувам фотографии од патувањата, а мојот инстаграм-профил ми служи како платформа за тоа. Покрај слики од патувања надвор од Македонија, на мојот профил следбениците ќе се запознаат и со неоткриените убавини во нашата земја. Обожавам да патувам со моето семејство, па преку Инстаграм се обидувам да ги мотивирам и другите родители да патуваат со мали деца. Иако ми е првенствено хоби, со текот на времето почнав и попрофесионално да се занимавам со блогерство и сега повеќе се посветувам на моите профили на социјалните мрежи.“

КОГА НЕ СУМ НА ИНСТАГРАМ… „Би сакала да имам уште повеќе време за патување и има многу дестинации што би сакала да ги посетам во иднина, но моментално Петра, Јордан, е на врвот на мојата приоритетна листа. И Бали го чувам за напролет. Покрај тоа, обожавам да одам на шопинг, многу сакам животни, а зависник сум од чоколадо и сладолед.“

МОЕТО ЖИВОТНО МОТО: „Правете го тоа што го сакате и секогаш барајте го необичното во секојдневниот живот.“

ЉУБОПИТНОСТА Е НАЈВАЖНА

ФИЛИП МАКРАДУЛИ,

Instaman @filip.makraduli

КОЈ Е ФИЛИП? „Студент на Факултетот за електротехника и информатичка технологија, поточно ФЕИТ. Ме интересира технологијата, и од научен и од практичен аспект, односно нејзината примена во секојдневниот живот. Интересни ми се и разните стартапи поврзани со технологијата. Покрај тоа, работам како модел во модната агенција ‘Моделс ин’, па може да се каже дека правам комбинација од две сосема различни работи.“

ИНСТАГРАМ-ПРОФИЛ ПОСВЕТЕН НА… „Мојот профил би рекол дека е моден, така што нема да најдете работи поврзани со технологијата. Претежно објавувам фотографии од разни фотосесии во интересни модни комбинации.“

ВО ИДНИНА СЕ ГЛЕДАМ КАКО… „На подолг рок, повеќе ме влече технологијата, но моментално моделството ме исполнува и ми помага на порелаксиран начин да ги постигнам моите цели. Комбинацијата од двете совршено ми одговара. На крајот од денот, го правам она што ми е интересно.“

МОЕТО ЖИВОТНО МОТО… „Одбирајте активности што ви се интересни, без да се прашувате дали сте ја донеле правилната одлука. Бидете љубопитни, истражувајте, концентрирајте се на различни работи во различен период. Доколку се посветите на она што ве интересира, добрите резултати никогаш нема да изостанат.“

Продолжете на следната страница за да се запознаете со останатите наши инфлуенсери…

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.