Гответе како Ева Лонгорија!

Тајните на „очајната“ домаќинка

Најсексапилната „очајна домаќинка“ е позната по своите кулинарски вештини. Испробајте ги рецептите од нејзиниот готвач!

Лосос со глазура од мед

Состојки: 3 лажици мед, 2 лажици маслиново масло, сок од еден помал лимон (околу 2 лажици), 3 иситнети чешниња лук, 4 филети од лосос без коски, морска сол, мелен црн пипер

Приготвување: рерната загрејте ја на 250 степени Ц. Во помал сад ставете масло, мед, лимонов сок и лук, па добро промешајте. Исечете ја хартијата за печење на четири дела со должина од 40 см. Филетите ставете ги на хартијата, така што кожичката да биде на хартијата. Богато намачкајте ги со мед, посолете, ставете црн пипер, па завиткајте ги во хартијата. На плочата за печење во рерната исто така ставете хартија за печење, па врз неа ставете ги филетите. Печете ги 12-15 минути, во зависност од дебелината на филетите, како и од тоа во која мера сакате да ви биде печена рибата. Имајте предвид дека филетите ќе продолжат да се печат и откако ќе ја исклучите рерната.

Јунешко месо во маринада од лимон

Состојки: 3 лажици маслиново масло, 3 лажици свеж сок од лимон, 4 ситно сечкани чешниња лук, 1 поголема лута пиперка, исчистена од семки и ситно сечкана, 2 лажици чили, 1 лажица мелен ким, 1/2 лажица морска сол, 680 г јунешко филе

Приготвување: во плиток сад ставете масло, лимонов сок, лук, пиперка, чили, ким и сол, па добро измешајте. Месото извалкајте го во оваа мешавина зачини. Садот прекријте го со пластична фолија и држете го во фрижидер најмалку два часа. Со масло намачкајте го делот од рерната задолжен за печење, па рерната загрејте ја на средна температура. Месото печете го 8-10 минути и за тоа време само еднаш откријте го. Кога е готово, веднаш сервирајте.

Тајните на Ева

 Лимон во сè

„Лимон користам при готвење на речиси сите јадења. Одличен е за сосови, риба и за месо. Фантастично се комбинира со сите зачини. Го сакам вкусот што лимонот им го дава на јадењата.“

Помалку сол

„Доколку внимавате на линијата, не смеете да јадете премногу солени јадења. Настојувајте што помалку да ја солите храната. Избегнувајте ги продуктите што се веќе солени во процесот на производство – посебно сирењето, колбасите и чипсот!“

Без што не можам

„Без сок од домати! Тоа е состојка број еден во моите јадења. Во фрижидерот секогаш имам млеко, јајца и путер. Не сум стручњак за печива, но кога ќе посакам нешто за замесам, сакам сè да ми биде при рака.“

Текст: Н. Човиновска

Фото: Getty Images

 

 

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.