#ГоСакамМоетоТело: Наши познати дами ни открија како се засакале себеси во целост!
Прочитајте!
Дамите што се задоволни од своето тело и не се срамат да го покажат тоа се вистинска инспирација!
Христина Младеновска
@kikaaveiro
Христина Младеновска, позната како Кика Авеиро, е дизајнерка на мултимедија и јутјуберка, која преку своите видеа и активности се обидува да ја пренесе важноста на љубовта кон себе и своето тело…
Комплексите се наметнати од општеството… Бев многу самоуверено и храбро девојче, сè додека не тргнав на училиште и не дознав дека во светот постојат два типа луѓе: нормални и „дебели“.Така почнав да развивамомраза кон моето тело. Најстрашната последица од мојата тогашна ниска самодоверба е што се откажав од мојот сон. Иако отсекогаш сум сакала да се занимавам со глума, често ми беше посочувано дека нема да успеам, поради мојот изглед. На крајот и јас цврсто верував во тоа и се помирив со тоа дека моето место не е на сцена.
Недостатоците се нормална појава… Без разлика како изгледаме, кога ќе застанеме пред огледало за да најдеме мана, ќе ја најдеме. Ако гледаме со намера да го најдеме она што ни се допаѓа, ќе најдеме многу работи. Да, има две-три работи на моето телошто би ги сменила, но тоа не значи дека не си го сакам такво какво што е сега.
За голотијата и туѓото мислење… Добивам и негативни и позитивни коментари. Се обидувам да не ги слушам ни едните ни другите. Го слушам сопствениот глас. Јас му кажувам на светот која сум, не дозволувам светот да ми каже која треба да бидам. Имав и јас периоди кога ги слушав сите коментари и дозволував други да дефинираат која сум и колку вредам. Со работа на себе и на своите мисли секој може да стигне до момент кога нема да му биде гајле за туѓото мислење. Ако можев јас, може секој.
Како да се засака сопственото тело? Ништо не се случува прекуноќ. Самодовербата и љубовта кон себе и своето тело доаѓаат однатре, не треба да ги бараме надвор во општеството. Ако ја засноваме нашата самодоверба врз одобрувањето од општеството, никогаш нема да бидеме комплетно среќни, бидејќи општеството секогаш ќе бара уште и уште. За општеството никогаш нема да бидеме доволно убави, доволно згодни, доволно слаби, доволно мускулести…
Бојана Нушкова
@boyananushkova
Нејзиното лице краси голем број реклами, спотови, ревии и модни настани. Бојана Нушкова е една од најперспективните моделки кај нас и, со оглед на тоа како изгледа, сигурно мислите дека никогаш немала проблеми со самодовербата…
Комплексите се наметнати од општеството… Секогаш имало периоди кога не сум била задоволна од моето тело. Сè започна во основно училиште, кога бев премногу слаба и сите ме исмејуваа дека личам на „костур“. Целта ми беше да се здебелам и затоа почнав да вежбам. Еден период во средно училиште бев многу задоволна од моето тело, додека не отидов во попрофесионална модна агенција во Белград, каде што ми кажаа дека треба да ослабам. Потоа, колку и да слабеев, се чувствував сè подебело и подебело. Тоа ми создаде многу комплекси што никогаш не сум ги имала.
Недостатоците се нормална појава… Секогаш може подобро. Сè уште не сум презадоволна од тоа како изгледам, но ќе стигнам дотаму.
За голотијата и туѓото мислење… Сите мислиме дека е табу да се објавуваат такви фотографии. Но секој треба да го прави тоа што го сака. Мене тоа ми е дел од работата и го сакам тоа што го работам. Со таквите слики не повредувам никого и затоа немам никаква грижа на совеста.
Како да се засака сопственото тело? Најголема самодоверба стекнав од манекенството, но оттаму потоа ми се јавија и комплексите. Девојките што не се занимаваат со тоа би ги советувала да не се менуваат за никого. Ако сакаат да се сменат, да ослабат, да се здебелат или што и да е, треба да го сторат тоа за себе.
Подготвила: Марија Лукаревска