ГЛАД на телото, душата и на умот: Типови дебелеење

Во последниве десет години, во Македонија расте бројот на дебели луѓе

Ако е нашето тело единствениот костум што ќе го носиме до крајот на животот, зошто тогаш дозволуваме да ни стане претесен? Што е психолошки глад и од што се браниме со храната? Како и кога донесуваме одлука да се дефинираме како дебели? И какви игри играат дебелите – со себе и со другите? Одговорите на овие прашања ги добивме од У&З-експерт, тренер за личен развој.

Неконтролирано внесување храна

Врзано е за чувството во дадениот миг да се чувствуваме сигурно и исполнето. Но тоа чувство трае само неколку минути, а потоа се чувствуваме многу полошо. Неконтролираното консумирање храна за последица често има чувство на прекор и на осуда на самиот себеси. За да го надминеме тоа, неопходно е да ги преиспитаме причините, емоциите поради кои доаѓа до неконтролираното внесување храна. Прашајте се: Што ми недостига да бидам среќна? Често првиот одговор е од материјалниот свет, а всушност се работи за нешто многу подлабоко и поемотивно.

Од дебелеење до депресија

Процесот на мотивација е комплетно индивидуален. Нема правила. Доволно е да постојат незадоволство и неисполнетост и тоа чувство и понатаму да се развива. Дебелината и депресијата не се нужно поврзани. Дебелината може да биде последица на разни здравствени проблеми, но тоа не значи дека личноста нужно ќе биде и депресивна. Ако некој каже дека не му е гајле како изгледа и дека не сака да ги смени навиките, ние тренерите не можеме да му помогнеме. Често семејствата страдаат повеќе од дебелиот член. Но чекорите мора да ги преземе оној што се наоѓа во ситуација да мора да се смени.

Како да се заштити психата од дебелеење

Единствениот начин е со смирување. Живееме со забрзано темпо, затоа е важно да застанеме, да се повлечеме од турканицата, да поминуваме повеќе време во природа, за да можеме да ја стишиме сета бучава и да слушнеме што се случува длабоко во нас. Кога смирувањето и медитацијата стануваат составен дел од нашиот живот, си стануваме многу појасни сами на себе. А ако комуникацијата со самиот себе е јасна, тогаш точно знаеме зошто внесуваме толку храна, зошто ни одговара тоа, а зошто не. Во тој процес се јавува одговорност кон себеси, и ако знаеме дека нешто е лошо за нас, почнуваме да го менуваме.

Егото како двигател за напредок

Егото е навикнато на познатото, па дури и кога нешто е полошо, тоа избира да биде на познат терен. Затоа секоја промена на исхраната и на навиките може да биде тешка – се јавуваат многу недоумици, прашања што се последица на стравот од непознато. Ако на егото не му даваме преголема важност и го прифатиме, отвораме можност за напредок и за менување на шемите на однесување, а тогаш нашето его ќе работи за нас.

За да постигнеме „вита“ состојба на телото, психата и на интелектот, потребно е повнимателно да избираме што внесуваме на сите три нивоа – во телото, психата и интелектот. Ако јадеме со уживање и доколку постигнеме од секој оброк да направиме свечено доживување, заборавајќи на чувството на вина, бидејќи вистински во себе знаеме кои сме, ја намалуваме можноста да бидеме дебели.

Типови дебелеење

При истражувањето на причините за дебелината, не смееме да го исклучиме фактот дека секој ден консумираме три вида храна. Храна за телото (реална храна), храна за психата (емоции) и храна за интелектот (образование и информирање). Земајќи го предвид тоа, заклучуваме дека и дебелеењето се одвива на три нивоа, па можеме да зборуваме за дебелина на телото, душата (психата) и на умот (интелектот). Односно, зборуваме за дебелеење што е поврзано со физиолошки причинители, потоа за она што е реакција на стрес, конфликти и претставува емоционална последица, но и за дебелеење што е последица на интелектуално „прејадување“.

Ако го затрупаме интелектот со знаење и со нови факти, тој станува неактивен. Со читање книги и гледање филмови или серии, низ идентификацијата со ликовите, себеси се доближуваме до доминантните особини на карактерот, но со препознавање на негативните особини во другите, сами си го признаваме постоењето на истите особини и во нас. Прекумерно количество знаење ги прави луѓето дебели во интелектот.

Дебелата психа и дебелиот интелект се многу поштетни од дебело тело. Телото само по себе има способност да ги вари состојките, да го извлекува најпотребното од нив, а вишокот да го отфрли, сè додека не се замеша психата. Љубовта е нејзина храна, а секоја непријатност е нејзин глад. Како што на нашето тело му е потребно одредено количество витамини, минерали и други хранливи состојки, така и на нашата душа ѝ е неопходна рамнотежа на менталните „хранливи материи“ – за да биде смирена, задоволна и среќна.

Текст: Т. Богунова

Фото: Guliver/Getty Images, pixabay.com

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.