Ги наградуваме добрите дела: Хуманитарци и компании добија признанија за својата хуманост на роденденот на Убавина&здравје

У&З-награди

Тие преку својот пример не’ поттикнуваат и самите да се одважиме и да направиме некое добро дело

На роденденските прослави на Убавина&здравје, У&З-наградите одат во рацете на добрите луѓе. За нивните добри, поголеми или помали хумани дела, поради што се навистина посебни. Така беше и овој пат, на 15-годишниот јубилеј на магазинот, кој беше одбележан со незаборавна забава во дискотеката PURE.

Ова се општествено одговорните компании, хуманитарци и активисти кои со својот пример не’ поттикнуваат и самите да се одважиме и направиме некое добро дело или едноставно да се восхитиме на нивните добри дела и да им дадеме силен аплауз.

Награда за општествена одговорност: А1 Македонија

Награда за општествена одговорност доби А1 Македонија за проектот „A1 Academy“, бесплатна академија за млади на возраст од 18 до 25 години, кои по  завршување на секој модул, добиваат сертификат за стекнатото знаење. Академијата е придонесот на А1 Македонија кон младите и кон заедницата за реално практикување на дигиталните вештини неопходни за современ и модерен живот. Наградата ја подигна Елена Димовска – раководителка на одделот за корпоративни комуникации во А1 Македонија.

Награда за општествена одговорност: Универзитет Скопје

Универзитетот Скопје изминатата година активно даде подршка за сите амбициозни и талентирани личности да се запишат и да стекнат знаење на една од најдобрите високообразовни институции во земјава. 525 стипендии  беа доделени во 35 општини ширум земјата, се стипендираа и стотици млади луѓе, талентирани спортисти, а Универзитетот Скопје даде и подршка за најдобрите средношоколци. Универзитетот Скопје сака да ги задржи младите таленти дома, да вложи во нивната иднина, а тие своето знаење да го пренесат во татковината.

Токму овој гест и потег за стипендирање на млади, талентирани и успешни луѓе, Универзитетот Скопје доби награда за општествена одговорност на Универзитетот Скопје. Ректорот на Универзитетот Скопје, проф. д-р Аце Миленковски го подигна признанието за општествена одговорност и ни откри која е тајната на успехот.

Награда за општествена одговорност: Пивара Скопје

Третата по ред еколошка акција ГЕНЕРАЛКА ВИКЕНД ја покажува моќта на заедништвото и дава можност отпадот да го претвориме во наша зелена иднина. ГЕНЕРАЛКА ВИКЕНД инспирира промени, повикува на единство за нешто што е важно и во заеднички интерес на сите нас, а тоа е чист воздух, чиста почва и чиста вода. Пиварци девет месеци континуирано го посветуваат нивното време, ресурси и волонтерски часови во креирање на платформа која ќе ги промени навиките градејќи систем за одржлива животна средина, и ќе создаде партнерства со сите оние со кои ги делиме истите вредности.

Во рамките на ГЕНЕРАЛКА ВИКЕНД 2023 волонтерите од Пивара Скопје, заедно со останатите партнери и заинтересирани граѓани, на 12 мај го собираа отпадот на локација во атарот на селото Јажинце под општина Јегуновце, во подножјето на Шар Планина. Наградата ја подигна Ламбро Патче, менаџер за односи со јавноста и комуникации, Пивара Скопје АД.

Награда за општествена одговорност: Еурофарм

Фармацевтската компанија ЕУРОФАРМ веќе 23 години успешно ја гради својата приказна на професионална и општествено одговорна компанија. „Вложување во заедницата на која и припаѓаме“ е една од основните политики во работењето на ЕУРОФАРМ која во своето портфолио се покажува како верен пријател и поддржувач на културата, спортот, поддршка на еколошки акции за чиста и здрава животна околина и учество во многубројни хуманитарни и донаторки проекти. Од многубројните активности се издвојуваат – покровител на „Мал Битолски Монмартр“ , донатор на спортска опрема за училишта во Велес, годишно продуцирање на 150 000 бесплатни примероци на списанието „Семејно здравје“, верен поддржувач на познатите Македонски тркачки маратони и главен спонзор на ракометниот клуб Еурофарм Пелистер со што се заокружува огромната поддршка за развој на македонскиот ракомет и спортот воопшто.

Награда за општествена одговорност: Веледрогерија Септима за брендот Виши

Награда за општествена одговорност доби веледрогеријата Септима за влогот и поддршката која брендот Vichy ја дава на кампањата Еуромеланома за превенција и едукација за канцер на кожа. Секоја година под покровителство на брендот се  организираат едукативни предавања со учество на дерматолози кои ја истакнуваат важноста  од внимателно изложување на сонце и превенција на ракот на кожа кој е во постојан пораст. Признанието го прими Ивана Јанева Попов, бренд-менаџерка на Vichy во Септима.

Награда за хуманост: Д-р. Горица Дачевска, специјалист, дерматовемнеролог

Д-р. Горица Дачевска e управител на  специјалистичка и дерматолошка ординација Д-р.Горица Ласер Центар. Дама која со години преку  својата работа им помогнала на многу луѓе да ги надминат проблемите со кожата. Таа секогаш им дава предност на малите бебиња и најмладите дечиња, а им  помага на  старите и изнемоштени лица и често врши прегледи кај социјално ранливи категорииe  на граѓани. Минатата година во рамките на Еуромеланома, ординацијата на Д-р.Горица беше отворена три дена за детални бесплатни дерматолошки прегледи на кожата, со акцент за рана превенција/детекција на ракот на кожата.

Во повеќе спортски центри организираше и бесплатни дерматоскопски прегледи на бемски/невуси  кај спортистите.  Во рамките на отворените денови и прегледите кои ги организираше докторката беа детектирани почетни стадиуми на рак на кожата кај неколкумина помлади луѓе и возрасни. За среќа, тие го надминаа ракот кој беше детектиран во почетна фаза. Редовно учествува на семинари и предавања, телевизиски гостувања каде што може да допре до луѓето и да ги советува како да ја заштитат и да се грижат за својата кожа. На сцената беше поканета д-р. Горица Дачевска за да го прими признанието за хуманост.

Награда за хуманост: Максим Каески

Хуман од мали нозе! Деветгодишниот Максим Каески веќе неколку години пушта коса, бидејќи му се допаѓа да е долга како на некои од неговите идоли, но, уште поважно – за кога ќе порасне доволно долга да ја скрати и да ја донира за перика за дете болно од рак. Сака музика, фудбал и сѐ поврзано со вселената, а се надева дека неговиот пример за донација ќе го следат и други деца. Уште неколку сантиметри па ќе закаже термин на фризер, a потоа би ги повторил целиот процес.

Максим Каески, заедно со својата сестричка Ника, се качија на сцената и предизвикаа воодушевување кај гостите на прославата, а Максим објасни и зошто треба да сме хумани и да правиме добри дела.

Награда за хуманост: Орце Ѓорѓиевски

Орце придонесе да се изврши реконструирањето на опожарена куќа на социјално-загрозено семејство во село Драчево, донираше дрва и бела техника за социјално-загрозено лице, константно помага со донации на храна. Други значајни реализирани проекти се: отворено и опремено клупче за кои се плаќаат сите тековни трошоци за лицата со церебрална парализа, хуманитарни пакети за лицата од социјален ризик, спасување на куче (Гаро) за кого се платија сите трошици за лекување, помош од сопствени средства за реновирање на прокиснат кров на лице од социјален ризик, донација на инвалидски колички… На сцената се појави Орце Ѓорѓиевски за да ја прими наградата за својата хуманост.

Награда за хуман проект: ТВ-емисија „Срце на дланка“

Проектот со социјално хуманитарен карактер Срце на дланка преку емисијата на ТВ Алфа, веб-порталот и на социјалните мрежи, ги открива горливите трогателни приказни на луѓето кои живеат во субстандардни услови. Луѓе чиј поглед го открива разочарувањето поради неоствареното право на достоинствен живот. Тимот на Срце на дланка отвора нова можност да им се подаде рака од страна на хуманите луѓе, организации и компани кои сакаат да го вратат сјајот во очите на овие луѓе. Признанието го подигнаа Оливера Петрушевска, уредничка и водителка на „Срце на дланка“ и продуцентот Дејан Милошевски во име на Револушн продукција.

 

Награда за хуманост: Леон и Слаѓана Василески

Големината на човекот се гледа преку неговата хуманост. Таа треба да е доблест на секој поединец. Дел од нашата животна етика. Пример за добри луѓе, пример за хуманитарци и луѓе кои со години ја негуваат емпатијата се сопружниците Леон и Слаѓана Василески од Гостивар кои живеат по принципот на нивното животно мото – „Хуманоста е единствената инвестиција која секогаш се исплаќа”. Луѓе кои знаат дека ако го поделат денарот со останатите, загрозените, социјално ранливите, може нема да бидат побогати, но, ќе бидат посреќни. Зашто љубовта е таа што го движи светот, а, хуманоста е таа што го одржува и прави поубав! На присутните им се обратија и Леон и Слаѓана Василески, брачниот пар кој не остана имун на трогателните приказни споделени во Срце на дланка!

Награда за хуманост: Здружение на лица со церебрална парализа и други попречености – Велес

Ова здружение е хуманитарна, непрофитна организација, формирана на 1997-та година од страна на лица со попреченост и нивни родители. Ова здружение брои околу 100-тина лица, а главната визија им е да се постигне општество со еднакви можности за сите, без бариери и ограничувања. Дел од нивните активности е и социјалната сервисна услуга „Живеење со поддршка“, која има обучено и вработено бројни негуватели и стручни работници. Признанието го подигна Далиборка Златева – претседателка на Здружение на лица со церебрална парализа и други попречености – Велес, која ги трогна гостите со својот емотивен говор, а наградата му ја посвети на својот прерано починат син, кој исто така бил лице со церебрална парализа.

Награда за хуманост: Музичко дуо ДНК, Панчо и Андреј

Навикнати се на награди и признанија за нивната уметност во овие изминати 20 години на музичката сцена, но паралелно со музиката тие учествуваа но и иницираа голем број хумани дела и акции во овие две денеции. Токму на концертот по повод 20 годишниот јубилеј, дел од собраните средства од влезници и продажбата на нивното ЦД го донираа во Фондацијата Марко Божиновски. Владимир Блажев – Панчо се качи на сцената за да го прими признанието.

Специјално признание за најинспиративна приказна: Лила Филиповска

Во работата на медиумите најважни се приказните, ексклузивите, а паралелно со нив и тиражите. Токму затоа, за 15-годишниот јубилеј на Убавина&здравје беше доделено и едно специјално признание: награда за најчитано, најбарано, најтиражно издание. Наградата ја доби дамата што го овозможи тоа споделуваќи ја својата инспиративна, лична приказна со Убавина&здравје, а преку нив и со огромниот број читателки и читатели. За неа откажувањето никогаш не било опција – тоа е Лила Филиповска! Познатата водителка им се обрати на присутните со инспиративен говор и го подигна признанието.

 

По примањето на наградите следуваше YES TO FRESH забава поддржана од генералниот покровител Mentos, а за која се погрижија Brass Brothers, Robbie Ray LED Robot и DJ Boogieman. 

Текст: Марија Лукаревска и Бојана Стојменовиќ

Фото: Михаил Савески, Бодан Петро

(ФОТОГАЛЕРИЈА) 15-годишниот јубилеј на Убавина&здравје одбележан со најпосакуваната забава во градот
Прочитајте и

Коментарите се заклучени.