Фотошопирана реалност и прашање за милион лајкови: „Зошто не сум како неа/него?“

У&З колумна

Филозофии на тема…

Прва инста-приказна во 8 часот од утринското кафе, дополнета со мотивациска порака. Па краток тренинг пред работа со слика од потрошените калории. Секако, следува здравиот појадок, некоја „фенси“ овесна каша или чиа-пудинг. Објави од лаптоп, работна маса и нотеси со потпис „има ли крај на состаноциве“, а на крајот беспрекорно селфи за да се обележи продуктивниот работен ден. Кратко видео од патот до дома и музиката што свири во автомобилот. Дружба со пријателките обележена со фотографија од пијачките и групно селфи. Слика во огледало за да се покаже ултрамодерниот стајлинг. Ах, ете го и саканиот. Цела инстаграм-заедница знае колку тој е внимателен партнер, зашто се појавил со букет лалиња. Книга за крајот на успешниот ден со потпис „ова беше долг ден“, а може да се додаде и уште едно селфи за да се покаже негуваната кожа по ефектната рутина за убавина.

И тоа не е сѐ! Ако продолжите да ги вртите инста-приказните, ќе наидете и на инфлуенсери што ги распакуваат подароците што ги добиле од разни брендови, впечатоци од егзотични патувања, селфиња од вежбалница, вкусна и нереално фотогенична храна, видеа од луди забави, филтрирани селфиња и фотошопирана реалност.

А вашата реалност?

Не можете а да не го споредите сопствениот живот со нивниот. Едвај станувате по стоте наместени аларми. Речиси немате време ни за една голтка кафе, а камоли за да ја сликате шолјата. Повторно не си приготвивте јадење од дома за на работа, па појадувате од блиската пекарница. Не ни помислувате да му ги покажете некому несредената работна маса и хаотичниот десктоп на лаптоп. Можеби би објавиле некое селфи, но денес косата едноставно не соработува со вас. Метежот во автобус исто така не е многу претставителен за на Инстаграм. Немате ни волја ни енергија за излегување или за вежбање, па решавате да си дремнете. Денот ви завршува со Нетфликс и серии, а партнерот наместо лалиња донел пиво. За себе, нормално. Заспивате разлистувајќи ја инста-реалноста и чувствувајќи се лошо што не сте толку продуктивни како другите.

Ви се чини дека сечиј живот што редовно го следите на Инстаграм е многу подобар од вашиот. Нормално, кога реалноста што се сервира во овој виртуелен свет на лајкови е гламурозна и сјајна. Таа заслепува со блесокот на лажните идеали и нуди бегство од реалноста, а за возврат зема дел од корисникот и му всадува црв во главата што деноноќно му го поставува прашањето: Зошто не сум како него/неа?

Што велат психолозите?

Повеќе истражувања имаат докажано дека Инстаграм е најштетната социјална мрежа по менталното здравје. Иако оваа платформа има свои предности во поглед на креативноста и слободата на изразот, таа исто така се поврзува со високи нивоа на анксиозност, депресија, виртуелно насилство и страв од тоа да се пропушти нешто (ФОМО). Психолозите се согласуваат дека младите луѓе што поминуваат повеќе од два часа на социјалните мрежи се изложени на поголем ризик од психички нарушувања. Тоа што ги гледаат пријателите како постојано патуваат или излегуваат навечер прави да се чувствуваат како да пропуштаат нешто додека другите уживаат во животот. Освен тоа, објавите на социјалните мрежи поставуваат превисоки очекувања и предизвикуваат ниска самодоверба. Сите тие обработени фотографии, разубавени со разни филтри, доведуваат до нарушена слика за сопственото тело и до анксиозност.

Што можете да направите?

За почеток, ограничете го времето што го поминувате на Инстаграм. Постои опција да ви пристигнува известување секогаш кога ќе го пречекорите одреденото време за оваа социјална мрежа. Потоа, сменете ја вашата перцепција! Тоа што некој ги завршил сите свои обврски пред 8 часот наутро, а вие не можете ни да се расоните дотогаш, нека ви послужи како инспирација да ги подобрите навиките, а не како причина за да се чувствувате лошо. И не заборавајте дека ништо од тоа што го гледате во овој инста-свет не е реално! Зад секоја фотографија се крие приказна што којзнае колку е различна од тоа што се прикажува. Фокусирајте се на вашата реалност, бидете присутни во моментот. Окото нека биде вашата камера!

 

 

Пишува: Марија Лукаревска

Прочитајте и

Коментарите се заклучени.