Елена Ристеска го прослави 40-тиот роденден: „Кога мислам на иднината, ја визуализирам само во најубава форма“

Некогаш и сега

Познатата пејачка го прослави својот 40-ти роденден, па по тој повод поразговаравме за животните промени низ годините

Од 16-годишно девојче што освојува со својот моќен глас и непосреден шарм до зрела жена со бројни хитови зад себе и сопствен бренд за козметика ERA Cosmetics. Иако суштината на нејзиниот енергичен карактер се нема променето, нашата пејачка признава дека денес му пристапува на животот со многу поголема смиреност и свесност. Дознајте како се менувале ставовите на Елена Ристеска низ годините…

2020: „Верувам во љубов за цел живот, затоа што верувам и во пријателство за цел живот.“

2026: Сѐ уште верувам во секоја форма на љубов која е возвратена или е еднакво негувана од двете страни. Само таква љубов, која дава грижа, емоција, нега од двете страни е вистинска љубов, сѐ друго не е љубов, туку „еднонасочна улица” или себичност и користољубие. Ако партнерот ти е другар, пред сѐ, тогаш верувам во љубов за цел живот, затоа што верувам во пријателство за цел живот. Не треба да нѐ дефинираат разочарувањата, туку само да ни послужат како лекции. Секој човек заслужува една шанса во нашиот живот, и партнерот и пријателот, но доколку дојде до втора и трета шанса треба да се сетите на претходните разочарувања. Мене вторите шанси кои сум ги дала ми се најголемите грешки, особено кога се работи за партнерство. Има една песна која вели: Зезни ме еднаш – срамота за тебе, зезни ме втор пат – срамота за мене.” Иако секој може да погреши во животот, не смееме да даваме премногу шанси и предолго да толерираме.

2020: „Верувам во моќта на сегашниот миг.“

2026: Веројатно тогаш сум ја прочитала книгата „Моќта на сегашниот миг” од Џозеф Марфи, но сега повеќе од кога било живеам во сегашноста. Се радувам на секој ден што Бог ми го дал како подарок. Си дозволувам само еден ден или максимум два дена во цел месец да ми бидат поминати во нерасположение, но не повеќе. Лесно се паѓа во стапицата на претераното размислување за минатото или иднината. Најчесто тоа се лоши мисли, каење за нештата што не сте ги направиле или, пак, ви се случиле, за туѓи и свои грешки, а иднината пак носи многу грижи и неизвесности. За да не паднам во таа „стапица” одбирам да не мислам на минатото, туку да го прифатам, а кога мислам на иднината, ја визуализирам само во најубава форма.

2020: „Кога еднаш ќе ме излажат, не верувам ни во сто вистини по таа лага“

2026: Карактерно сѐ уште сум истата таа, сѐ уште лагата е најголемата грешка што некој би можел да ја направи во односот со мене. Зборувам за лагите за сериозни нешта, не за дреболии. Еднаш ќе ме излажеш и веќе никогаш нема да те погледнам со доверба и со истата љубов. Можам да простам многу работи, но не и лаги и неверство во која било форма. Всушност, и тоа сум го простувала во минатото, меѓутоа тие луѓе веќе не се дел од мојот живот. Можам да оправдам лаги само ако се поврзани со некакво изненадување, на пример, за роденден или слично.

2020: „Отсекогаш сум била своја, дури и кога тоа значело да бидам осамена во некои избори“.

2026: Јас отсекогаш сум знаела и како човек и како артист точно што сакам во животот. А и што не сакам. Можеш да ми понудиш милиони и да ми ветиш острови, но доколку нешто не сакам да направам, нема никогаш никој да ме натера. Кога е во прашање музиката, секогаш избирам да пеам нешто што ќе ми биде предизвик да го сработам како проект, нешто што ќе предизвика реакција кај публиката, нешто што нема да е веќе чуено и видено, дури и по цена да не биде прифатено. Го создавам тоа што го чувствувам, не калкулирам што ќе биде прифатено од секого, затоа што сум уметник. Ако не сум вистинската „јас” во моите дела, тогаш ќе бидам класичен бизнисмен со стратегија и ќе го креирам тоа што ќе пројде кај народот заради профит. Музиката е емоција, утеха и надеж за тажните, елан и среќа за заљубените, мелем за ранетите, поддршка за неразбраните… зар во овие реченици гледате бизнис и калкулации?

2020: „Секоја нова година ми носи повеќе мир и зрелост. Не би се вратила назад, дури ни за момент.“

2026: Точно е тоа дека тежнеам кон мирот секоја наредна година, особено што оваа година влегувам во четириесеттата година од мојот живот. За жал, минатата година не ми донесе мир. Никој немаше мир по трагедијата во Кочани, уште сум во прашалници и неприфаќање. И таман ќе пробаш да живееш понормално по сето тоа, се случуваат други трагедии како Росица и татко ѝ од Велес, како младата Фросина, како малата Вања, ќе се случи самоубиството на Ивана и ќеркичката и едноставно човек си и немаш мир и не можеш нормално да живееш. Се прашувам дали некогаш насилството од кој било тип ќе се сфати сериозно во оваа држава? Превентивно да се реагира, а не откако цела Македонија ќе плаче по неправедно згаснатите животи! Мир нема да имам додека не се смени системот во државава од корен!

Разговарала: Марија Лукаревска

ФОТО: ПРИВАТНА АРХИВА

Прочитајте и

Убавина и Здравје користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Ќе претпоставиме дека сте во ред со ова, но можете да се откажете ако сакате. Прифати Дознај повеќе