ДОЗА КРЕВКОСТ: Сите нешта се распаѓаат, на еден или друг начин – можете ли да се помирите со неизбежното?

У&З колумна

Можеби е клише, но животот навистина е како кула од карти – доволна е само една лоша одлука, повреда или несреќа за да се сруши

Замислете си мозаик со многу парчиња. Некои од нив се цврсти, издржливи и успешно го поминуваат тестот на времето. Но некои се оштетени и изронети и вистината е дека, во суштина, сите тие се кревки. Доволна е само една подлабока пукнатина за да се распадне целиот мозаик. Така е и за сите работи во животот. Телата се разболуваат, стареат и умираат. Чашите се кршат, уредите се расипуваат, луѓето се менуваат и убавите чувства избледуваат. Пандемии се појавуваат и исчезнуваат. Се започнуваат војни, кои потоа лошо завршуваат. Се предизвикуваат климатски промени што резултираат со природни катастрофи. Можеби е клише, но животот навистина е како кула од карти – доволна е само една лоша одлука, повреда или несреќа за да се сруши.

Кревкоста на човечката природа

Кревкоста или ранливоста беше носечката тема на меѓународниот театарски фестивал „Диваделна Нитра 2022“ во Словачка, којшто имав можност да го проследам. Селектираните претстави ја истражуваа ранливоста на човекот што доаѓа до израз во непријатни и животозагрозувачки ситуации. Ја разгледуваа кревкоста како нешто спротивно од насилството, како крик за помош, грижа и емпатија – нешто што недостига во светот. Ја прикажуваа кревкоста и како знак на несовршеност, на некаков дефект или грешка наспроти фетишизираната и честопати лажна совршеност.

Кревка е природата, кревка е убавината, кревок е мирот во светот, кревки сме ние луѓето… И самата се уверив во кревкоста на човечката природа, бидејќи ова беше првото патување на коешто заминав сосема сама, без да познавам никого, во комплетно непозната земја. Морав сама да се снаоѓам и да стекнувам пријатели, да бидам одговорна за себе и да не зависам од никого. Во првиот момент кога сфатив дека сум сосема сама и немам со кого да поразговарам, ниту имам некој што би ми помогнал доколку се случи нешто лошо, согледав колку сме всушност кревки и колку лесно може да тргнат работите наопаку. Нормално, анксиозноста и стравот беа присутни во повеќе мигови, но на крајот од целото позитивно искуство, научив многу работи за себе и дознав дека и ова е нешто што можам да го направам сама, иако претходно ми беше незамисливо.

Ранливоста како знак на сила

Животот е непредвидлив и добро е да ја препознаеме неговата кревкост, бидејќи така ќе можеме да ги штитиме и негуваме работите што ни значат. Согледајте ги минливоста на животот и кревкоста на вашите соништа и надежи: зошто да чекате за да го направите тоа што го посакувате? Бидете свесни за сопствената, но и за туѓата ранливост, прифатете ја и осознајте ја. Помогнете им на оние што се поранливи од вас, бидете нежни и грижливи.

И на крајот, обидете се да се помирите со неизбежното: сите нешта се распаѓаат, на еден или друг начин. Секој метафорички мозаик има пукнатини. Но како поинаку би продрела светлината кога не би имало пукнатини?

Ако кревкоста ве загрижува затоа што не знаете што ќе ви донесе иднината или се фрустрирате поради тоа што не можете ништо да испланирате и смачено ви е од неизвесноста на животот, време е да го притиснете копчето за пауза. Запомнете дека токму несовршеностите ни помагаат да пораснеме и да постигнеме личен развој. Покажувањето ранливост е знак на сила, а не на слабост. Само треба да го осознаете тоа и да ѝ дозволите на светлината да продре низ сите ваши пукнатини.

     Пишува: Марија Лукаревска

Прочитајте и

Коментарите се заклучени.