Дали може да се чувствуваме удобно во својата кожа ако не сме задоволни од своето тело?

Фото: Thinkstock Photos

Задачата беше да поминам од едниот до другиот крај на просторијата, каде што е туш-кабината, сосема гола, а притоа да не се онесвестам…

Се сеќавам на мигот кога првпат станав свесна за моето тело. На 14 години почнав да забележувам разни неправилности на кожата на нозете, вклучувајќи ги и фините бели линии на горниот дел на бутовите. Тогаш немав поим што се целулит и стрии, но сфатив дека нешто се менува, а тоа воопшто не ми се допадна. Толку многу станав опседната со моите нозе што мајка ми и татко ми веќе не знаеја како да ме утешат. Конечно, мајка ми мораше да ме однесе на дерматолог – некој што стручно ќе ми објасни дека целулитот и стриите се нормална појава кај девојчињата во пубертет. И денес знае да ми префрли дека таа моја авантура ја чинела доста пари – за прегледот и за кремовите – и уште повеќе нерви.

Фото: Getty Images

Како и многу други девојчиња, и јас адолесценцијата ја поминав смислувајќи начини како најдобро да го скријам моето тело. Кога одев да се бањам, крпата секогаш беше блиску до водата за да можам веднаш да се покријам со неа штом ќе излезам – не дај боже да ми ги видат стриите и целулитот! Но не беа проблем само моите нозе. Градите, задникот… некако сè почна да се зголемува и да расте. Одеднаш момчињата ми посветуваа поголемо внимание, а ни тоа не ми одговараше. Подготвувајќи се за оваа тема, налетав на терминот фемофобија (femmephobia), кој претставува страв од луѓето што се перципираат како женствени, феминизирани, независно од полот. Кога ќе се погледнам себеси од оваа временска дистанца, сфаќам дека со криењето на моите облини всушност сакав да ја скријам мојата женственост, со која не знаев да се справам во пубертетот. Во тој период цело време носев фармерки, дури и на 40 степени. Успеав да се пресоблекувам во соблекувалната по физичко со помош на трикови, така што во ниеден миг не останував гола. Бев убедена дека убавината се состои од тежина тамам толку колку да не дозволи ветерот да те одвее, од долги и вретенести нозе, убаво обликувани гради и задник. Но јас никако не се вклопував во тие канони за убавина. Иако денес имам поинаква перцепција за тоа што е убаво, во некои мигови ме обзема срам при помислата да се соблечам гола во јавност. Срамот од сопственото тело се нарекува бодишејминг (bodyshaming) и е многу чест кај жените, за жал. Дел од процесот на градење самодоверба и самопочитување е сфаќањето дека не постои правило што точно одредува како би требало да изгледа женското тело. Значи, поттикната од оваа тема, одлучив да направам мал експеримент што ќе ми помогне да успеам да се ослободам, барем до некаде, од негативниот однос кон сопственото тело и да го надминам стравот дека другите луѓе ќе ги видат моите несовршености.

Фото: Getty Images

МИСИЈА: ДА СЕ ЧУВСТВУВАШ ОДЛИЧНО ВО СВОЕТО ГОЛО ТЕЛО.

Предизвик 1: еден дел гола пред момчето

Во врска сум дванаесет години, но мислам дека на мојот партнер речиси никогаш не му дозволив да ме види сосема гола. Уште од најраните сексуални искуства сум невротична кога станува збор за голите средби со спротивниот пол.  Ги знаете оние стратешки потези на покривање со чаршаф штом ќе станете од креветот или ноншалантното чекорење наназад кога не сакате да ви го види задникот, нели? Токму затоа прва задача што си ја зададов беше да прошетам гола пред партнерот. Му објаснив дека цел ден ќе шетам гола низ станот за конечно да го засакам сопственото тело. Првите неколку часа носев проѕирна ношница. Кога ќе ме погледнеше, го предупредував да не ме гледа. Тој навистина се обидуваше да ми олесни и да не ме зјапа. По некое време, се ослободив и ја соблеков и ношницата. Не ми беше тешко. Вака си реков: кога веќе еднаш ме видел гола, ме знае. Дали тоа траело пет, десет минути или цел ден, не е важно. Доволно е само еднаш да ме измерка за да ги забележи сите мои мани – големиот задник, целулитот на бутовите и не толку цврстите гради. Ако и по ова го привлекувам, значи – привлечна сум му. На крајот на денот ми искоментира: „Дали ти навистина мислиш дека досега те немам видено гола?“ Изгледа дека овој испит го имам положено одамна.

Предизвик 1: да се пресоблечам во соблекувална без трикови

Откако завршив со тренингот во вежбалницата, одлучив да се пресоблечам без да употребам некој од моите трикови од часовите по физичко. За поголема несреќа, сите жени што во тој миг беа во соблекувалната ми изгледаа како да излегле од спот на Крис Браун: високи, згодни, исончани. ОК, и јас сум висока, не сум дебела, а и малку сум исончана, си помислив. Треба само угол гола да поминам од едниот до другиот крај на просторијата, каде што се наоѓа туш-кабината, и притоа да не се онесвестам. За секој случај ќе ја земам и крпата, во случај да одлучам да се завиткам со неа. За големо чудо, не само што никој не зјапаше во мене туку ниту една од „моделките“ не ја заврте главата во насока на моето движење. Мора да признаам дека почувствував разочарување – толкав мој труд за ништо… Кога подобро ќе размислам, јас и не се сеќавам дали дотогаш имам видено сосема гола друга жена – коса, кожа, мускули, сало, целулит, стрии, сето тоа е дел од женското тело. Кога сме голи, изгледаме токму онака како што би требало да изгледаме. Па, како е можно да не можам да ја применам истата логика и кога го набљудувам сопственото тело?!

Предизвик 2: да поминам 5 минути во сауна

Охрабрена од новостекнатата самодоверба, помислив дека оваа втора задача ќе ми биде полесна. Кога веќе еднаш преживеав сосема гола да прошетам во јавност, зошто не би го преживеала и вториов предизвик?! Можам да седам пет минути сосема гола во сауна со други голи луѓе… како вистински нудист – нема што! Но штом стапнав внатре, се разбира, завиткана со крпа, ме фати паника. Покрај мене не седеа само голи жени, туку и голи мажи. А за тоа не бев подготвена. Се разбира, имаше и такви што носеа костими за капење, но никој не беше завиткан во крпа како мене. Сега нема враќање. Секакви мисли ми се мотаа низ главата: што ми требаше ова?! Кому му е гајле дали имаш храброст да седиш гола покрај други луѓе? Кому му се докажуваш? Бев бесна на себе што се доведов во толку непријатна ситуација. И додека така си разговарав сама со себе, сфатив дека ми е многу топло и дека сите гледаат во мене затоа што единствено јас сум завиткана во крпа! Тогаш одлучив да се „одвиткам“. Прво од едната, па од другата страна. И така вкочанета седев три минути. И покрај тоа што никој не ме гледаше, не ми беше пријатно, но штом излегов од сауната, ме обзеде чувство на задоволство – успеав во нешто што досега не ми одеше од рака. Успеав да се соочам со сопствениот страв, и што е најважно – не избегав!

Thinkstock Photos

Сакајте го своето голо тело!

Од ова искуство сфатив дека чувството на срам од сопственото тело е длабоко вкоренето во нас, но многу лесно можеме да се ослободиме од него. Не мора да ви кажам дека треба да го сакате и да го прифатите своето тело и дека е многу важно да се трудите тоа да биде најдобрата и најздравата верзија на себе. Верувам дека тоа е лекција што одамна сте ја научиле. Би истакнала дека односот кон телото е нешто што се менува со годините. Верувам дека станува збор за процес што трае целиот живот. Не е важно колку долго ќе бидеме на тој пат, важно е само да се движиме во добра насока.

Реториката во медиумите

Мислам дека денес е потешко од порано да изградиме позитивна слика за сопственото тело затоа што сме буквално бомбардирани од сите страни со нереалните стандарди и со збунувачките пораки што ни ги пласираат медиумите. Во последно време често налетувам на некоја позитивна приказна за телото, во смисла како на модните недели е сè поголем бројот на крупни манекенки, како дизајнерите креираат колекции за жени со облини… Иако сето тоа е напредок во свеста за идеалната големина на женското тело, сепак постои нешто што ми пречи. Секогаш кога во медиумите се зборува за плус-сајз манекенките, се даваат примери на совршени тела во облик на песочен часовник, со облини распоредени на „соодветните“ места, но реалноста е поинаква. Ако се завртите околу себе на плажа, ќе видите голем број жени со облини што немаат идеални пропорции. Па, колку е прогресивна приказната за женското тело доколку афирмираме само еден „плус-сајз облик? Популарната култура промовира исклучиво совршени пропорции – па дури и кога станува збор за жените со облини.

Текст: Ѓ. Станишева

Фото: Getty Images, Thinkstock Photos

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.