Д-р Ивона Јованоска ја продолжи мисијата на сестра ѝ Марија: „Сакав да ја претворам нејзината приказна во поттик за жените повеќе да се грижат за себе!“

Подигнување на свеста против канцерот на дојка

Здружението „МАРИЈА – Провери се“ и оваа година го посвети месецот октомври на продолжувањето на мисијата на д-р Марија Бунда Калпак, преку едукативно-социјалниот настан „Марија потсетува на розовиот октомври – Месец на Надеж и Акција“

Изминаа повеќе од две година откако не’ напушти Марија Бунда Калпак, младата докторка која до последен здив се бореше против канцерот на дојка. Марија беше личност која многумина ја паметат не само по нејзината стручност, туку и по нејзината насмевка, позитивна енергија и неверојатен дух, кој носеше ведрина, мотивација и инспирација да се пребродат дури и најтешките животни предизвици. И покрај голготата низ која поминуваше, таа секогаш умееше да најде време да се сврти кон другите – да помогне, да поддржи, да едуцира, да сподели искуства. Отворено зборуваше за својата борба со надеж дека нејзиното искуство ќе мотивира други жени да се грижат за своето здравје.

Во нејзина чест, сестра и’ Ивона Јованоска го основа здружението „МАРИЈА – Провери се“, кое оваа година обележува една година постоење, а на почетокот од месецот октомври организира и едукативно-социјално настан „Марија потсетува на розовиот октомври – Месец на Надеж и Акција“. Настанот го водеше и модерираше Лила Филиповска, која им дава огромна поддршка како личен пријател на Марија, но и како победник во борбата со ракот на дојка. Една од главните точки на настанот беше плодна и едукативна панел дискусија на која учествуваа радиолог, торакален хирург, онколог и психолог. Ги најавија и нивните понатамошни активности, односно повторна донаторска акција со која ќе обезбедуваат средства за превентивни ехо прегледи и мамографии кај жените под 45 години, помагала како: перики, протези, градници за пациентките со рак на дојка, а оваа година со дел од средствата ќе обезбедат и стимулираат сесии кај психолог за пациентките со рак на дојка.

Сметаш ли дека ја постигнавте целта? Каков одѕив добивте од јавноста и институциите – има ли доволно слух за вакви иницијативи?

Нашата основна цел беше да поттикнеме свест, разговор и едукација—односно да придонесеме пред сѐ за превенција и рано откривање на ракот на дојка и истовремено да им дадеме поддршка и солидарност на оние кои се соочуваат со оваа болест. Одѕивот беше навистина убав: имавме поддршка од доста граѓани, особено оние кои ја познавале Марија, но пријатно не’ изненади и поддршката од други организации и активисти во розовиот октомври. На настанот работеше тим од млади блиски пријатели и роднини на нашето семејство, на кои сум особено горда. Овој настан се случи со помош на неколкуте спонзори кои се приклучија кон иницијативата и ја препознаа нашата идеја. Секако, секогаш има простор за поголема вклученост, но ова е добар показател дека чекор по чекор можеме да изградиме стабилна мрежа на поддршка.

Се сеќаваш ли на моментот кога реши дека сакаш активно да се бориш против ракот на дојка, не само како лекар, туку и како сестра, жена и активистка? Како ти се роди желбата твоето лично искуство со загубата на сестра ти Марија да го претвориш во мисија за поддршка и подигнување на свеста?

Марија беше посебна личност, секогаш отворена и храбра, несебична и полна со љубов. Таква беше и кога се соочи со болеста, одлучи да сподели сѐ што и’ се случува, со цел да ја покрене свеста кај другите дека болеста не бира никого и дека треба активно да се грижиме за своето здравје. Марија велеше, ќе ја цитирам: „Ако мојата приказна поттикне жените на било која возраст да прават редовно прегледи, ќе сметам дека сум ја постигнала целта.” По загубата на Марија, сфатив дека не сакам болката да остане само како тивка трага во семејството. Сакав да ја претворам во сила, во поттик за други жени да се грижат за себе навреме, исто како што сакаше Марија. Да се продолжи нејзиниот глас, нејзината охрабрувачка енергија и силен дух за сите оние кои поминуваат по овој трнлив пат, и потсетување дека никој не треба да поминува низ тоа сам.

Како работата во областа на медицината ти помогна да го канализираш болниот дел од искуството во нешто конструктивно и корисно?

Во основата на медицината е помагањето на другите, посебно е чувството кога знаеш дека на било каков начин си допринел некој да се чувствува подобро. Од друга страна со познавањата од медицината, особено од радиологијата која е директно вклучена во скринингот, дијагнозата и следењето на оваа болест, можам да придонесам за едукацијата и покренувањето на самосвеста кај жените за редовни прегледи и рано откривање.

Раното откривање е клучно, но што најчесто пропуштаат жените кога станува збор за самопрегледувањето и контролите?

Кога ќе се спомне самопрегледување, редовни прегледи и контроли, сите велат дека многу добро знаат дека тоа е многу важно и треба да се прави, но колку тоа навистина во пракса се прави, колку во суштина активно се применува сѐ ова што теоретски е добро научена лекција? Клучното е да се преземат конкретни чекори, односно секоја жена да почне да прави редовен месечен самопреглед, да закаже преглед на ехо, да потсети своја блиска пријателка да се провери. Од досегашното искуство, знам дека една од причините да не се посети лекар е стравот од одговорот, резултатот од испитувањето. Но, подобро е да знаеш и да дејствуваш, отколку да дознаеш кога е предоцна. Раното откривање значи огромна шанса за излекување.

Кои се најчестите заблуди за ракот на дојка што ги среќавате? Што би требало секоја жена да знае?

За жал, во последните години старосната граница е се’ пониска кога станува збор за дијагнозата карцином на дојка. Заблуда е ако некој мисли дека карциномот е ретка болест кај помладите, напротив сѐ почесто се дијагностицира. Особено важно за помладите пациентки кои ќе бидат дијагностицирани со карцином на дојка, особено оние во поран стадиум, е да знаат дека постојат опции за репродукција и здраво потомство и покрај хемотерапиите и целокупниот онколошки третман. Неодамна во разговор со искусен гинеколог, ми објасни колку е важно жените бидат информирани за опцијата за замрзнување на јајце клетки пред отпочнување на онколошкиот третман.

Можеби повеќето знаат, но карциномот на дојка се јавува и кај мажите. Иако е ретко, машкиот рак на дојка е реален, 1 од секои 100 дијагностицирани случаи на рак на дојка во САД е кај маж.

Пациентите со канцер нормално се во фокусот, но имам чувство дека се занемарува болката на блиските околу нив, кои исто така се дел од нивната борба. Како изгледаше твојата лична борба тој период? Успеваше ли да најдеш некоја светла точка и од каде добиваше најмногу поддршка?

Канцерот  не е дијагноза само на пациентот, туку дијагноза што го засега целото семејство. Особено е важно оној што се бори да добие безрезеврна поддршка од блиските за да има сила да продолжи понатаму по секоја хемотерапија, по секоја контрола… Има моменти кога има и обратни ситуации, кога пациентот е тој што е помотивиран и поодлучен, па ги охрабрува блиските дека сѐ ќе заврши добро. Тоа е еден ролеркостер на емоции, страв, неизвесност, надеж, беспомошност, па повторно надеж и така одново. Заемната поддршка и споделувањето на емоциите се неопходни за да се преживее секоја од нив. Поддршката не мора секогаш да биде голема, понекогаш е доволен еден топол збор или присуство.

Кои се трите нешта што секоја жена би требало да ги направи за своето здравје?

Да се сака себеси повеќе, да сподели и побара поддршка ако поминува низ тежок период и да закаже преглед на гради ако скоро не го сторила тоа.

Кој совет би им го дала на жените кои моментално се соочуваат со дијагноза, но и на семејствата кои поминуваат низ слична загуба?

Секој пациент со дијагноза канцер е приказна сама за себе, нема правила. Секоја приказна може да инспирира, секоја борба може да биде светлина за некого. На жените би им порачала дека не се сами и дека има многу ресурси, поддршка и надеж, дури и кога патот изгледа тежок. Да веруваат во себе, во тимот што ги лекува и да побараат психолошка поддршка кога им е потребна. На семејствата, дека нивната љубов и присуство се незаменливи. Исто така, да не ја потиснуваат сопствената болка, туку да бараат начини и тие да се поддржат себеси.

Разговарала: Марија Лукаревска

ФОТО: ПРИВАТНА АРХИВА

Прочитајте и

Убавина и Здравје користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Ќе претпоставиме дека сте во ред со ова, но можете да се откажете ако сакате. Прифати Дознај повеќе