По пауза што остави празнина на сцената, Дарко Гелев Брејк се враќа со нова музика, стара страст и став дека човекот постои од љубов – и за љубов
Не постои човек што не ги знае напамет „Во бестрага“, „За нас“, „Долго чекав“, а и неговата најнова песна „Една во милион“ има потенцијал да го достигне истиот успех, иако нему никогаш не му било важно дали музиката што ја создава ќе биде слушана. Она што отсекогаш го водело во процесот на творење била љубовта кон музиката – нешто што публиката многу добро го препознава. Со нов музички елан, искрени ставови и зрел поглед кон животот, Дарко Гелев Брејк повторно се враќа таму каде што отсекогаш припаѓал – на сцената.
По толку години пауза, што ве натера повторно да се вратите на сцената?
И покрај тоа што музиката ми е љубов број еден, по семејството, секако, работните обврски не ми дозволуваат да ѝ се посветам онака како што би требало. Главниот иницијатор за моето враќање беше Пере од „Нокаут“, кој ме покани да учествувам на неговите концерти во Филхармонија. Прифатив, иако имав огромна трема, и така само ја продолжив мојата музичка приказна, која никогаш нема да заврши. Моментално го довршувам мојот втор албум.
Песната „Една во милион“ носи силна емоција и зборува за љубов што се памети засекогаш – верувате ли дека секој има личност која е „една во милион“?
Текстот на песната е на Игор Џамбазов, музиката е на Никола Перевски Пере. Тоа е песна во која секој може да се пронајде. Сите ние сме имале по една во милион. Всушност, во секој период од нашиот живот се појавува и исчезнува по една таква во милион. А само среќните луѓе ја имаат таа „една во милион“ до крајот на животот покрај себе.
Публиката ве памети по големи хитови. Чувствувате ли притисок секоја ваша нова песна да го достигне истиот тој успех?
Тоа што сум имал хитови, значи дека сум направил добар избор на песна. Не чувствувам притисок дека секоја следна песна треба да биде подобра од претходната, бидејќи не го гледам тоа низ призма на монетизација. Сè што правам произлегува од мојата љубов кон музиката.
Темата „машко ментално здравје“ сѐ уште е табу на Балканот, а вие отворено имате зборувано дека сте побарале стручна помош кога сте минувале низ тежок период…
Не можам да го делам менталното здравје на машко, женско, детско или возрасно. Тоа е исто важно за секого. И ако некому му треба да побара професионална помош, апсолутно треба да го стори тоа. Јас така сум пораснат. Секогаш сум можел да разговарам со родителите и сестра ми на секоја тема. Но кога се случува нешто со кое не сакаш да ги обремениш блиските, добро е да се побара стручна помош. И на моите деца се стремам да им го пренесам истиот став.
Која е најголемата лекција што ја имате научено за љубовта низ годините?
Најважното нешто што го имам научено е дека човекот е празен ако не носи љубов во себе, за себе и за другите. Преубаво е да сакаш и да бидеш сакан, но првенствено треба да ја даваме љубовта што ја носиме. Можеби кај некои луѓе е потисната од икс причини, но факт е дека човекот постои од љубов и за љубов.
View this post on Instagram
Колку ви е важно што ќе оставите зад себе?
Несебично или себично можам да кажам дека со ова што го правам со музиката, на некој начин си ја купувам вечноста. Некои правнуци кога ќе прашаат 100 години од денес кој е прадедо им, ќе можат некаде да ме видат на телевизија, да прочитаат некое интервју и да знаат какви им биле корените. И убаво е да имаш парче вечност. Јас ја имам таа привилегија да се занимавам со јавна професија која остава трага. Честопати знам да се пошегувам со моите пријатели – кога ќе ставам некој од нив во спот, им велам „еве ви парче од вечноста“. Се стремам трагата што ја оставам да биде позитивна.
Каде се гледате себе во следните неколку години?
Себеси се гледам здрав, прав, жив, опкружен со деца, со внуци, со пријатели, со луѓе со кои сакам да бидам. Дали ќе бидам на сцена или во студио или помалку ќе се занимавам со музика, не ми е толку важно. Сега ќе звучам како „мис универзум“ ама најважно ми е да има мир во светот. Живееме во чудно време на заговори за Трета светска војна, за тоа дека ВИ ќе го смачка светот… Дојде такво време кога секој човек првенствено сака да има мир во светот, за да има некаква можност да ја планира иднината. Оваа неизвесност покрај тоа што ги уништува економијата и секојдневието, ја уништува и психата на човекот. Се надевам дека ќе бидеме живи и здрави и дека ќе има некаков ред на планетава Земја.
Разговарала: Марија Лукаревска
ФОТО: ПРИВАТНА АРХИВА