Читалница: Ѕирнете во крими-романот „Пресметка“

По „ДНК“, втора книга од серијата „Детската куќа“

Вака се здрви и почувствува како ѝ станува жешко во очите, како секој момент да ќе ѝ надојдат солзи…

Залудно ќе беше да побара изговор да се врати назад, без да ги повреди чувствата на девојчето. Нејзината нова пријателка исто така беше тивка, очигледно исто толку свесна со секој чекор што ги водеше поблиску до нивната дестинација. Не разменија ниту збор сè додека не застанаа на распуканиот плочник пред една од куќите. Вака внимателно ја разгледа целата надворешност на куќата, без да ја помести главата, за девојчето да не ја забележи што прави. Изгледаше како тоа да е најлошото место на целата улица.

Имаше два ката и беше покриена со ’рѓосани железни профили што немаа видено боја со години. Градината од предната страна беше исто неуредна како тие што Вака ги виде утрото. Еден трицикл лежеше меѓу глуварчињата, тревките и грмушките, исто толку ’рѓосан како и самата куќа. Речиси сите прозорци беа оштетени, не се ни обиделе да стават завеси на страната што гледаше кон патот. Како тоа да не беше доволно лошо, влезната врата висеше на кривите окови. Местото беше лошо.

Вака со сите сили се обидуваше да смисли причина за да се вратат назад, но беше предоцна. Девојчето тажно погледна во неа и кажа: „Ајде. Ова е мојата куќа. Не прави никаква врева и биди брза. Потоа може да одиме кај тебе и да си играме. Зарем не?“ Од нејзините безбојни очи блескаше замислата за сето тоа, па Вака немаше друг избор освен да кимне.

Го следеше девојчето, имаше чувство како училишниот ранец да ѝ е преполн со камења, а срцето како да ѝ тежеше во градите. Секој чекор ѝ беше болен. Се чувствуваше како секогаш кога правеше нешто за кое беше свесна дека лошо ќе заврши. Како еднаш кога нејзините родители правеа забава и таа се обиде да однесе премногу чинии одеднаш. Само што го крена купот, знаеше дека е претежок за неа, но продолжи. И секоја можна чинија беше скршена. Ете, токму така се чувствуваше сега.

Девојчето ја задржа раката на кваката од вратата. „Ајде. Запамети, мораш да бидеш брза.“ Тоа го проговори со тивок шепот, како да постоеше чудовиште што постојано демне и сега не смее да дознае дека тие се таму.

Вака кимна и го направи последниот чекор до вратата. Следниот миг веќе беше внатре. Од сончевата светлина влезе во мракот. Беше пресретната од силниот мирис на цигари и некаква киселост поради која ѝ се збрчка носот. Девојчето ја затвори вратата зад нив и темнината стана уште поцрна. Можеби тоа не беше толку лошо. Го скри нередот внатре и девојчето нема да може да го види гадливиот израз на лицето на Вака.

„Телефонот е горе. Ајде“, прошепоти девојчето, речиси безгласно. Штом очите на Вака се навикнаа на темнината, таа забележа дека девојчето постојано гледа од едната кон другата страна. Нетрпеливо ѝ покажуваше со раката на Вака да ја следи секогаш кога таа не реагираше веднаш на нејзиното движење. Го имаше соблечено палтото и само едната ракавица.

Вака го тргна погледот од ракавицата во која девојчето ги криеше прстите што недостигаа и внимателно зачекори кон ходникот. Како што одеше, се слушаше крцкање што доаѓаше од дрвените штици над нив. Главата на девојчето одеднаш се крена нагоре и лицето му се згрчи од страв.

Вака се здрви и почувствува како ѝ станува жешко во очите, како секој момент да ќе ѝ надојдат солзи. Што правеше овде? Болно зајачи, но едвај се слушна некаков звук, и покрај тишината што владееше во куќата. Ова беше ужасна грешка. Полоша од чиниите. Зафатена од паника, не можеше ниту да размислува правилно. Единствената мисла во главата ѝ беше дека не го знаеше ниту името на девојчето.

Полицијата од Хапнарфјердир апелира за помош во потрагата по изгубено девојче. Вака Орадотир, осум години, последен пат била видена во три часот ова попладне, кога си одела од своето училиште во Хапнарфјердир кон дома. Опишана е како малечка и слаба, со светлокафена коса до рамената, а носела црвена дебела јакна долга до половината, црвена волнена капа, фармерки и розови патики. Се верува дека сè уште е во близина на оваа област. Го замолуваме секого што има информација поврзана со неа да ја контактира полицијата во Хапнарфједир на 525 3300.

Ирса Сигурдардотир (родена 1963) е исландска писателка. Покрај литературата, работи и во една од најголемите инженерски фирми на Исланд. Пишува и за деца. Во 2003 година ја освоила Исландската награда за книжевност за деца. Главен лик во нејзините крими-романи е адвокатката Дора Гудмундсдотир.

Текст и фото: ПР

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.