Чек-листа на Лавинија Софрониевска: Што да слушате, гледате, читате…?

Нејзини топ-предлози

Дознајте како нашата режисерка го поминува слободното време

Во слободно време, режисерката Лавинија Софрониевска, чиј дебитантски краткометражен филм „Обичната Ели“ пред неколку месеца доживеа премиера, ретко гледа серии, но затоа ужива во филмските дела на Сорентино и во книги што поттикнуваат на размислување.

РАБОТА И ПАТУВАЊА

Периодов се изнашетав и изнапатував (иако само на Балканот), па одлично ми се најде мобилната апликација Booking. Последниве недели, за работна комуникација сум на Discord. Имам сè и сешто од апликации, бидејќи ги користам професионално, но, од друга страна, приватно не употребувам речиси ништо.

ПРИКАЗНА ШТО ВРЗУВА

Не гледам серии често. На многу сум им дала шанса, но ретко продолжувам по четвртата епизода. Ме обврзуваат, а не ми нудат многу. Решив да се навратам на оние што ми се допаднале и сфатив дека „Сопранови“ е победникот кога станува збор за приказна за која сакам да се врзам.

ВЧЕРА, ДЕНЕС, УТРЕ, ЗАСЕКОГАШ!

Топло го препорачувам албумот Thighs and Whispers на Бет Мидлер. Пушташ и се расположуваш, сакал ти или не. Не можам да издвојам една песна – целиот албум е дијамантски! Одговара и за во автомобил и за дома „рокнат“ на звучници, но и за на работа на слушалки.

ПОТТИК ЗА РАЗМИСЛУВАЊЕ

Не можам да читам само една книга, секогаш читам по неколку паралелно. Дел од моите омилени се „Христос повторно распнат“ од Никос Казанѕакис, „Френи и Зуи“ од Џ.Д. Селинџер, а ги читам и книгите на Ерик Берн за трансакциска анализа. Доколку сте љубители на книги што отвораат нови прашања и размислувања, нема да погрешите со кој било од овие предлози.

ФИЛМСКО УЖИВАЊЕ

Од поновите филмови, последниот што ми има оставено впечаток е „Божја рака“ на Паоло Сорентино. Ми се допаѓа Сорентино, па и овој филм му беше доста солиден, уживав додека го гледав. Ми недостига тоа чувство на уживање кај новите филмови, сè поретко го имам.

Подготвила: Марија Лукаревска

ФОТО: ПРИВАТНА АРХИВА, ИНТЕРНЕТ, LYUDINKA/iSTOCKGETTY IMAGES

Чек-листа: Што слуша, гледа и чита пејачката Наташа Миха во слободно време?
Прочитајте и

Коментарите се заклучени.