Интервју со лидерката која го хуманизира финтек-секторот
Во колективната имагинација, светот на високите финансии често е насликан како монохроматски пејзаж од ладни бројки, остри рабови и доминантно машка енергија, место каде што емоциите се оставаат пред вратата. Но, правилата на играта се менуваат, а новата ера на лидерство има сосема поинакво лице.

Запознајте ја Бјанка Катру. Таа не е само Директор на „М КЕШ“ и дел од моќната глобална групација МФГ; таа е архитект на една поинаква корпоративна реалност. Во индустрија која традиционално се води од профит, таа избира да се води од луѓето. Со кариерен пат кој започнува од срцето на компанијата, секторот за човечките ресурси и кулминира на врвот на пирамидата, Бјанка е вистински доказ дека „меките вештини“ се всушност најцврстиот темел за бизнис успех.
Таа води армија од 200 вработени, од кои фасцинантни 180 се жени, балансирајќи ја улогата на мајка и визионер.
Во ова искрено интервју, разговараме за тоа како се рушат стереотипите, зошто хиерархијата треба да биде круг, а не скалило и зошто, на крајот од денот, знаењето ви дава моќ, но само однесувањето ви носи почит.
Бјанка, светот на финансиите често го перципираме како ладен, пресметлив и доминантно „машки“ свет. Но, Вие внесувате една сосема поинаква, топла енергија. Вашата приказна во „М КЕШ“ започнува од секторот за Човечки ресурси. Како тој пат, од грижата за луѓето до лидерска позиција, го дефинираше Вашиот стил на лидерство? Дали емпатијата е новата највредна валута во бизнисот?
Финансиите навистина често се опишуваат како рационален и строг свет, но јас никогаш не сум верувала дека бројките и човечноста се спротивставени. Напротив – тие се надополнуваат.
Мојот пат во „М КЕШ“, започнат во секторот за Човечки ресурси, ме научи дека зад секој резултат стојат луѓе: нивната мотивација, доверба и чувство дека се вреднувани. Грижата за луѓето не беше само функција, туку перспектива низ која почнав да ја гледам целата организација. Кога подоцна преземав лидерска улога, таа перспектива остана мојот компас – одлуките ги носам со свест за нивното влијание, не само врз бројките, туку и врз тимовите.
Мојот стил на лидерство е комбинација од јасност и емпатија. Верувам во високи стандарди, но и во искрена поддршка. Луѓето не се водат само со инструкции, туку со пример, со слушање и со доверба.
Лидерството повеќе не значи само „водење“, туку и давање простор на луѓето да блеснат. Приспособливоста и емоционалната интелигенција се исто толку важни како и стратешкото размислување. Ги охрабруваме лидерите кои се автентични, отворени и подготвени да учат со и од нивниот тим.
Како лидер на раководна позиција за мене е многу важно да бидеш достапен, бидејќи лидер кој сослушува и има емпатија, создава средина каде што луѓето сакаат да бидат присутни и да бидат дел од таа средина, каде заеднички го градат мостот до успехот .
Мојот пристап е секогаш транспарентен и отворен. Менаџирањето значи да им дадеш на луѓето контекст и цел каде подеднакво е важен фидбекот, кој е клучен за создавање и одржување на здрава работна средина. Лидерството е привилегија дадена од вработените, а не титула.
Лидерството води група на луѓе кон заедничка цел и лидерите имаат три препознатливи, уникатни карактеристики: ги инспирираат луѓето да ја споделат својата визија, ги мотивираат поединците да дејствуваат според таа визија и многу важно, го поттикнуваат тимот да ги надмине пречките во криза.
Лидерите преземаат ризици. Тие се подготвени да испробуваат нови работи, дури и ако тоа понекогаш не успее. Тие знаат дека неуспехот е често чекор на патот кон успехот.
Да, во современиот бизнис емпатијата станува клучна валута, затоа што гради доверба, силни тимови и лојалност кај клиентите. Компаниите што знаат да слушаат и разбираат луѓе создаваат поодржливи резултати од оние што се водат само од бројки.
Гледано од оваа перспектива, искуството во секторот за човечки ресурси ми дава уникатна предност во менаџирањето. Мојата цел е да ја обликувам заедничката визија на тимот и со вродени лидерски вештини да оставам белег во финансискиот свет.
Кога зборуваме за корпоративна култура, често слушаме флоскули, но Вие имате многу специфична визија за хиерархијата, ја опишувате како „структура на концентрични кругови“. Тоа звучи многу органски, речиси како природна селекција на квалитетот. Како оваа филозофија ги исфрла најдобрите на површина во „ М КЕШ “?
Кога велам дека хиерархијата во М КЕШ е „структура на концентрични кругови“, не мислам на позиција, туку на влијание, одговорност и вредност што ја создаваш.
Во центарот се оние што секојдневно испорачуваат резултати со интегритет – луѓе што преземаат одговорност, иницијативи, предлагаат решенија, оптимизираат процеси и се грижат и за клиентите и за тимот. Околу нив се оние што учат, растат и покажуваат потенцијал. Движењето низ круговите не е прашање на титула или стаж, туку на конзистентност, став и квалитет на одлуките.
Овој модел природно ги издигнува најдобрите, затоа што кај нас лидерството не се доделува – се препознава. Културата јасно покажува кој носи вредност, а тие луѓе добиваат простор, доверба и можност да влијаат. Така М КЕШ не гради хиерархија што ограничува, туку систем што инспирира и постојано ги носи вистинските луѓе поблиску до центарот.
Мојата функција е од мнозинството на вработени да го склопам мозаикот на целината низ структура на концентрични кругови, во кои поентата е центарот да биде оставен на најспособните и најамбициозните, а потоа одговорностите концентрично да се шират кон другите сегменти на компанијата создавајќи пирамида на функционална спирала на професионално дејствување од најниското до највисокото ниво, со што нема да постојат важни и неважни туку синхронизирани позиции за секого со крајна цел ефективна, конкурентна и прогресивна компанија.
Неодамна бевте дел од престижниот „The Economist MeetUp: The World Ahead 2026“. Во ера каде што сè се дигитализира и вештачката интелигенција презема замав, која беше Вашата клучна порака таму? Како една компанија што слави јубилеј планира да остане релевантна во светот што доаѓа?
ФИНТЕК компаниите денес се клучниот двигател на дигиталната трансформација во финансиската индустрија. Наместо само алтернатива, тие се стратешки учесници кои ги поставуваат новите стандарди на брзина, корисничко искуство, автоматизација и транспарентност. Нашата улога е да демонстрираме дека финансиската услуга може да биде подеднакво брза, едноставна, безбедна и логична како секоја современа дигитална апликација.
Следната етапа на развој е кога финтек компаниите стануваат технолошки организации кои развиваат финансиски производи, а не обратно.
Довербата е основата на секој дигитален финансиски модел. Затоа финтек индустријата е лидер во имплементирање на строги безбедносни стандарди, многу повисоки од класичниот финансиски сектор.
Финансискиот производ станува дигитална услуга, а финтек компаниите се новата генерација технолошки лидери во економијата.
Во поглед на процеси, решенија и софтвери кои ги преземаме во насока на дигитализација, автоматизација и сајбер безбедност, имаме голема предност бидејќи сме секогаш пред времето користејќи го ресурсот на нашата групација МФГ која опстојува 20 години на пазарот ширум светот.
Живееме во време на „great resignation“ (масовни откази) и потрага по смисла. Вие велите дека луѓето не ги привлекуваат само огласи, туку „чувството“ што го добиваат во компанијата. Како се гради таа „емотивна припадност“? Што е она што ги задржува талентите во Вашето „семејство“, како што ја нарекувате MFG Групацијата?
Длабоко верувам дека денес луѓето не заминуваат од компании – заминуваат од чувство. Од чувство дека не се слушнати, не се видени или дека нивната работа нема смисла. Затоа велам, огласот може да привлече внимание, но само културата создава припадност.
„М Кеш“ е дел од големата групација МФГ (Европа, Африка, Северна и Јужна Америка), „М Кеш“ е дел од големата групација МФГ.
Ги следиме чекорите на она што е во ДНК на нашата групација МФГ каде иновативноста, дисперзираните услуги и дејности како и успешно поставување на нови пазари е она по што сме препознатливи.
Човечност, иновативност и одговорност се нашите не само компаниски туку и групациски корпоративни вредности кои се распространети во сите наши компании ширум светот, испреплетени со различните култури но ја задржуваат својата автентичност.
Делуваме човечно, иновативно и одговорно и кон вработените и кон клиентите!
- Кога се грижиме за нашите клиенти и колеги, ние веќе покажуваме одговорност – кон општеството, кон економијата, кон иднината.
- За нас одржливиот развој значи иновација и раст, но и вредности – одговорност, транспарентност и посветеност на општото добро.
- Ние не сме само бизнис, туку и движечка сила за позитивни промени во нашиот сектор и во општеството како целина.
- Ги слушаме очекувањата на клиентите и колегите кон нас како организација, ги следиме нивните приоритети кога станува збор за влијанието на нашите компании врз нив и врз општеството во целина.
Нашата припадност, како дел од групацијата МФГ е наш бенефит бидејќи ние не ги следиме трендовите, туку го диктираме темпото и иновациите не само во финтек индустријата туку и во други дејности.
Во Северна Македонија го користиме ресурсот, искуството и бенефитите од нашата групација и имаме уште две успешни компании – М Брокер и АКДП.
Имаме и нов бренд Фин Кредит – под капата на М КЕШ каде соработуваме со синдикати и е наменет за друга клиентела од онаа на М КЕШ.
И не застануваме тука, во духот на нашите силни страни постојано го истражуваме пазарот и во блиска иднина имаме план за развој на нови бизниси и компании во Северна Македонија што позитивно ќе влијае и на економијата во нашата држава.
Од тука како сублимат би додала дека нашите групациски вредности кои не се само испишани зборови туку и начин на делување, можноста за перманентен внатрешен кариерен развој како и сигурноста која ја нуди нашата компанија и групација се клучот за успех да го задржиме кадарот, тоа е причината поради која ние не се соочуваме со масовни откази.
Жените лидери често се соочуваат со предизвикот на „балансирање“. Вие зборувате за флексибилност и поддршка во клучни животни моменти (брак, деца, училиште) како стандард, а не како бенефит. Дали тоа произлегува од Вашето лично искуство? Колку е важно за една успешна жена да знае дека компанијата ѝ го чува грбот приватно, за таа да може да блесне професионално?
Кога сте повеќе од една деценија дел од една компанија, таа неизбежно станува сведок и на најсветлите, но и на најтешките моменти од вашиот живот. Во таков однос, разбирањето не е слабост – тоа е сила. Поддршката што ја добив од М КЕШ ми даде стабилност и достоинство, а мојот професионализам секогаш беше мојот начин да не дозволам приватните предизвици да се прелеат во работата Тоа чувство дека „компанијата ви го чува грбот“ му дава храброст на лидерот да биде уште посилен.
Сметам дека човек каков е дома таков е и на работното место.
Од тука балансот го постигнувам со моите најсилни страни а тоа се: одговорност, дисциплина, искреност, пожртвуваност, комуникација, менаџерски вештини и правилно организирање на времето. Тие ме водат успешно на секое поле.
Затоа и важам за успешна мајка на две деца Никита -13 години и Зоран 4 години – значи се соочувам со пубертет и детенце на кое сè уште мајката е неговиот цел свет – навистина ми е предизвикувачки периодот.
Приватно, сакам патувања, добро друштво и како секоја жена добар шопинг. Но, со созревањето го редуцирав кругот на луѓе кои ми носат само позитивна енергија, едноставно одлучив да се вреднувам себеси и своето време. За мене квалитетно време е време поминато со квалитетни луѓе, кое изобилува со смеа и конструктивни разговори.
Кога сум со своите деца во текот на денот согласно распоредот на обврски сум фокусирана само на нив.
Така успевам да си создадам свој свет и да не прегорам, се фокусирам единствено на тоа што го правам во моментот.
Многу е важна поддршката и разбирањето од семејството, родителите ги загубив на млади години, најголемата поддршка во мојот живот во секое време безрезервно ја добивам од мојот помал брат Теодор Катру…. па така кога немате многу избор и кога сте претежно сами, немате избор освен да ја најдете истата во самите себе и немате друг избор освен да успеете и да бидете силни!
За крај, да зборуваме малку за визијата и инспирацијата. Велите дека „лидер кој слуша, создава“. Кога ќе ја тргнете настрана титулата Директор, што е она што Ве мотивира наутро? Која е лекцијата што би сакале да им ја пренесете на младите девојки кои сега влегуваат во корпоративниот свет и сонуваат еден ден да бидат на Ваше место?
Наутро ме мотивира првиот поглед на моите деца…нема друг, јас сум нивниот херој и имам одговорност, веќе сум мотивирана!
Тогаш веќе не размислувам дали сакам, дали можам, едноставно морам станувам и тргнувам секој ден да го освојам светот.
На работното место низ текот на годините на многу начини се давало признание за моето работење не само во облик на финансии и кариерно издигнување, и од тука имам високо ниво на самосвесност за одговорностите и професијата, но сметам дека нема потреба секојдневно мојот непосреден раководител да ме мотивира, успех е кога ќе научите да се самомотивирате и на работно место и на секое поле.
Дефинитивно ме мотивираат моите жени од М КЕШ кои ми се и колешки и пријателки…би сакала да ги набројам сите…..но морам да акцентирам дека ме мотивираат секојдневно, навистина имам прекрасни вработени во целата компанија кои ме инспирираат и што е најважно ме поддржуваат безусловно и ми веруваат – затоа често пати велам дека М КЕШ е мојот втор дом!
Морам да ви откријам еден факт од 200 вработени близу 180 сме жени и навистина нашата компанија, со сета почит кон мажите, покажува дека жените навистина може да се носат рамо до рамо со мажите, можат да водат бизнис да инспирираат и доминираат!
Ме поттикнува фактот дека со моето работење, делување и менаџирање секојдневно оставам нешто позитивно во моето опкружување, и што е уште по важно го пренесувам соодветно, се прифаќа од околината и важам за позитивен пример не само во М КЕШ туку и во општеството.
За сите млади девојки кои во мене или во брендот „ Бјанка” гледаат свој идол: успехот не доаѓа преку ноќ. Тој е резултат на упорност, лојалност и искрен пристап. Мојот совет е секогаш да работите со интегритет и да бидете максимално присутни во секој чекор од вашиот професионален пат.
Патот до успехот неизбежно бара жртви и јасно поставување приоритети. Верувам дека учењето е процес кој никогаш не престанува, а стекнатото знаење е единственото нешто што никој не може да ви го одземе.
Се водам претежно од две поуки во животот, но тие и се во мојот дух и ме движат кон успехот!
Едната е онаа што го водеше и мојот татко низ успесите во животот– а тоа е: секогаш играм за првиот тим или воопшто не играм!….мислам дека разбирате…
А втората која е многу важна и веќе го учам и поголемиот син а тоа е дека знаењето дава моќ, но однесувањето создава почит!
Текст и фото: ПР