БЕЗ КОМПРОМИСИ: Зошто светот не е подготвен за генијални идеи?

Филозофии на тема....

Секогаш кога некоја идеја, колку и да е генијална, звучи чудно и непознато, луѓето инстинктивно ја отфрлаат

Колкупати досега сте морале да прифатите одредени компромиси за да остварите некоја идеја? Сте сакале да направите нешто ново, нешто досега невидено, но не сте успеале. Не сте успеале затоа што околината не верувала во вас. Ви велеле дека сте „луди“, дека ќе погрешите, дека не можете. Не сте успеале затоа што општеството во кое живеете не било подготвено за такво нешто.

Секогаш кога некоја идеја, колку и да е генијална, звучи чудно и непознато, луѓето инстинктивно ја отфрлаат. Ако е премногу необична – не е добра. Ако е преголема – не е можна. Се плашат од неа. И тогаш тие се обидуваат да ја приспособат, да ја преобликуваат и да ја претворат во нешто што личи на сето она што е дотогаш видено и познато.

Но вие не сте задоволни од таа промена на вашата идеја. Не сте среќни со нејзината нова верзија – тоа не е вашиот сон! Сепак, не сакате целосно да се откажете од неа, па ги прифаќате сите компромиси. Се задоволувате со „подобро нешто отколку ништо“. Се адаптирате, удобно се сместувате во наметнатиот калап, иако знаете дека можеше да биде уште подобро…

Не е лошо да се прават компромиси. Тие се потребни за да може да се функционира во заедница со други луѓе, да се соработува. Повеќето од нас го одбираат тој пат – се приспособуваат и успеваат во општеството. Но, иако се ретки, тука се и неприкосновените визионери, кои не се плашат да сонуваат на големо.

За Ходоровски и неговата несудена „Дина“

Љубителите на научна фантастика сигурно веќе слушнале за новото филмско остварување „Дина“, според истоимениот роман на Франк Херберт (играат Тимоти Халамет, Зендаја и Џејсон Момоа), кое треба да излезе годинава. Вистинските фанатици на овој жанр веројатно се запознаени и со постарата филмска верзија на овој роман од 1984 година, во режија на Дејвид Линч и со Стинг во главната улога.

Но малкумина знаат дека пред Дејвид Линч, свои обиди да направи филм според епскиот роман „Дина“ имал режисерот надреалист Алехандро Ходоровски. Тој собрал неверојатна екипа, која неуморно работела на неговите идеи. Сите тие верувале во неговата адаптација, речиси исто толку колку и самиот тој! Тука зборуваме за докажани артисти, уметници, музичари („Пинк флојд“ требало да направат дел од музиката), дури и го убедил ексцентричниот Салвадор Дали да се појави во неговиот филм (за 100.000 долари од минута, но тоа е помалку важно)!

Неговите замисли биле огромни – и од технички и од финансиски аспект, особено ако се земе предвид фактот дека сето ова се случувало во 1970-тите. Тој, заедно со своите „духовни воини“, како што го нарекувал својот тим, успеал да направи огромна книга со сите замислени кадри, со адаптирано сценарио во форма на стрип, со сите фантастични костими за ликовите и дизајни на вселенските летала. Со книгата подрака, одел од едно до друго филмско студио во Холивуд за конечно да го реализира своето гигантско дело!

Но Ходоровски бил многу понапред од времето во кое живеел. Неговите идеи биле преголеми, прекомплексни. Светот не бил подготвен за неговата генијалност. Барал од него да се приспособи, да се откаже од тоа што го замислил, да го замени со нешто поприфатливо, попознато. Барал да се откаже од својот сон. Ходоровски не прифатил никакви компромиси и никогаш не ја снимил својата „Дина“.

Дали вреди?

Не звучи баш како среќен крај, нели? Да, ако тргнете по овој пат, неизбежно е да наидете на многу пречки и порази. Несомнено е дека ќе бидете отфрлени, па можеби дури и понижени. Дали вреди?

Зависи од тоа што ви е поважно. Да остварите едно измутирано парче од вашата визија или да останете доследни на вашиот првобитен сон. Не е погрешно ниту едното ниту другото. Но ако вашиот внатрешен порив е посилен од сѐ друго и не ви дава мир, не борете се против него. Мора барем да се обидете. Што ако ви успее?! Осмелете се!

Пишува: Марија Лукаревска

ФОТО: GETTY IMAGES

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.