ЦЕЛОСНА РЕЛАКСАЦИЈА: Антипарос – скапоценост на Егејско Море

На локалните жители ова летувалиште им е добро познато. Доаѓаат тука за да се скријат од туристите

Кога ќе се спомне Грција, сите веднаш помислуваат на познатите туристички места, кои ги знаеме напамет. Но во оваа земја постојат и многу други прекрасни локации за кои многумина не ни слушнале. Едно од тие места е и Антипарос. Ако сакате одмор на мирно место полно со синило, ова е дестинација за вас!

За ова патување не ви се потребни многу пари – цените на авионските летови од Солун се мошне поволни. Најблискиот аеродром се наоѓа на островот Парос, од каде што на Антипарос се префрлувате со траект, кој крстосува на секои 15 минути.

Исто така, со траект можете да дојдете и од Атина. Островот има ограничени капацитети за сместување, па вообичаено туристите се задржуваат кратко време.

Антипарос се наоѓа на југоистокот на Грција и спаѓа во групата острови наречени Киклади. Голем е само 35 км и претставува вистински скриен бисер на Егејско Море. На локалните жители, ова летувалиште им е добро познато. Доаѓаат тука за да се скријат од туристите. Посетителите на островот главно се Грци, така што тука ќе го почувствувате автентичниот грчки дух.

Ќе се чувствувате како дел од локалното население. Инаку, островот е поделен на два дела. Еден дел е гратче со симпатични тесни улички и со неколку бара, а во другиот дел се наоѓа чиста природа во која кампуваат туристите.

Можете да изберете дали сте за кампинг во овој дел или за хотел во првиот дел. (Јас сум секогаш за камп, затоа што е неверојатно искуство!)

Антипарос има кристално чисто море, прекрасни плажи и голем број кафулиња, па целата атмосфера е многу поотпуштена во споредба со Парос.

Во градот има голем број таверни и ресторани, а дел од нив се наоѓа покрај самите плажи. Најголема знаменитост на островот е големата сталактитна пештера, во која се спуштате по скали до длабочина од 90 м!

За време на летото, на Антипарос доаѓаат и славни личности, како што се Бред Пит и Том Хенкс. Ова бајковито место е едно од најубавите летувалишта, на кое ќе уживате и во едно од најубавите зајдисонца на светот.

ТЕКСТ: Невенка Михајловска

ФОТО: Unsplash

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.