2026 година ветува богата понуда за љубителите на уметноста: од класика до поп-култура, од глобален модернизам до хип-хоп, новите музеи ќе ги истражуваат границите на изложбените концепти и ќе ги потсетат посетителите дека музеите се повеќе од места за гледање – тие се простори за раскажување приказни, инспирација и интеракција.
Во светот на музеите, како и во Холивуд, патот до отворањето често е комплициран и полн со перипетии. Музејот на Џорџ Лукас, режисерот кој стои зад франшизата „Војна на ѕвездите“, е одличен пример. Намерата за негово отворање беше најавена уште во 2013 година, но „креативните несогласувања“ со официјалните лица во Сан Франциско и Чикаго го одложија проектот. Сепак, во 2026 година, музејот конечно ќе го најде својот дом во Лос Анџелес.
Зградата од 30.000 квадратни метри, инспирирана од вселенски брод, ќе ја смести уметничката колекција и архивата на Лукас, која вклучува околу 40.000 предмети – многу од нив без врска со „Војна на ѕвездите“. Посетителите ќе можат да видат слики од Едгар Дега, Фрида Кало и Норман Роквел, први стрипови како „Црн Пантер“ и „Гарфилд“, како и сторибордови, модели и костими. Лукас го нарекува музејот „храм на приказни раскажани преку илустрација“.
Музејот Гугенхајм конечно се подготвува да го отвори својот оддел во Абу Даби, дваесет години откако планот беше објавен. Новиот објект на островот Садијат, каде веќе се наоѓаат Лувр и Националниот музеј Зајед, ќе го разгледува модернизмот од глобална перспектива, со дела од Јајои Кусама и Монир Шахруди Фарманфармајан.
Центарот Помпиду исто така подготвува голема сателитска институција во Брисел – поранешната гаража на „Ситроен“. Наречен „Канал“, музејот ќе се фокусира на уметност од 20. и 21. век, обединувајќи различни жанрови и медиуми. Покрај изложбите, планирани се поетски вечери, филмски проекции и концерти, со цел да се врати посетеноста на нивото пред пандемијата.
Музиката ќе биде срцето на Музејот на хип-хоп, кој ќе се отвори во Бронкс, родното место на ова културно движење од 1970-тите. Музејот ќе обезбедува „разбирање на историјата на хип-хопот“, но и ќе „придонесе за неговата иднина“ преку музички и фотографски програми. Во него ќе функционира и радиостаница – доказ дека музеите не мора да бидат тивки места.
Текст: Економист: Светот во 2026-та
Фото: Freepik