Кога желбите стануваат стварност

Посакувајќи задоволни и среќни вработени и членови, ФУЛМ го прославува јубилејот со концепт на желботека

Иако звучи како филмска приказна, вистина е. Кај нас постои компанија што ги исполнува најголемите желби на вработените во годината во која одбележува 20 години успешна работа. Што би помислиле да дојдете едно утро на работа и да Ви речат: „Кажи која е твојата желба и ќе биде исполнета.“ Сузана Ќандова реагираше прва од вработените во Штедилница ФУЛМ и посака патување во Лас Вегас. За седум дена веќе беше во авион и помина неколку дена во светската престолнина на забавата.

Но да почнеме од почеток. На Денот на кредитните унии, 18.10.2018, во филијалата во Муртино, Струмица, започнаа промотивните активности за одбележување на 20-годишниот јубилеј на Штедилница ФУЛМ (Финансиски услуги за луѓето на Македонија). Се промовираа нови дигитални канали преку кои штедилницата ќе им се обраќа на клиентите и нивните услуги ќе бидат подостапни.

Посакувајќи задоволни и среќни вработени и членови, ФУЛМ го прославува јубилејот со концепт на желботека (wishlist). Сузана Ќандова од Скопје е првата вработена на која ѝ беше исполнета желбата.

Покрај незаборавните искуства од неколкуте дена во Лас Вегас, таа присуствуваше и на стратегиското планирање на Global Women’s Leadership Network (GWLN – Глобална мрежа на жени лидери).

„Во 2009 година во Барселона, ФУЛМ беше еден од основоположниците на GWLN, мрежа од исклучително значење за жените во светски рамки. Главната цел е подобар квалитет на живеење преку подобар пристап кон финансиите за жените. Денес оваа глобална мрежа, која работи на волонтерска база, има членови од 78 држави“, истакнува м-р Елеонора Згоњанин Петровиќ, управителка на штедилницата ФУЛМ.

Како дел од GWLN, во Скопје е формиран Форум на жени, со членки од цела Македонија. Целта кај нас е поголема финансиска едукација на жените. GWLN има различен концепт во секоја земја, во зависност од потребите на жените лидери. На пример, во кредитните унии во Тајланд и во Филипини се воведени центри за развој на бизниси управувани од жени, кои им помогнаа да ги зголемат приходите за 23 проценти.

Желботеката на ФУЛМ продолжува со голем број желби на вработените, како велосипед за здрав животен стил, влезници за концерт на рок-група, семејно летување, но се чини дека најголем предизвик се патувањата.

„Патувањата многу позитивно влијаат на работниот потенцијал. Ќе наведам едноставен пример од патувањето во Лас Вегас. Интересна сцена во кафуле беше робот што прави коктели и ги послужува гостите. Сметам дека секое ново искуство влијае на отвореноста кон иновативни работни предизвици, особено оние што се базираат на користење дигитални технологии. Следната фаза од одбележување на јубилејот е желботека за членовите, како и за деловните соработници. Верувам дека сите овие активности на ФУЛМ позитивно ќе влијаат врз нашите членови и нивните семејства, особено за младите помалку да размислуваат за заминување од земјата“, вели Згоњанин Петровиќ.

Кога клиентите и вработените се ставаат на прво место и константно се работи на подобрување на услугите, компанијата станува пример за почит и успешно работење. Во очекување на многуте желби што ќе ги исполни ФУЛМ, членовите и деловните соработници се враќаат со доверба и насмевка на соработката со штедилницата.

За патувањето во Лас Вегас, Сузана Ќандова вели: Сѐ уште ми е како да беше сон, магично, незаборавно патување во град што не спие и кој многу ме изненади со раздвиженоста рано наутро. Насекаде светла, музика од секој агол, особено бев воодушевена од нивото на технологија што се користи, на аеродром, во кафуле, едноставно секаде. Ќе го паметам возбудливото возење на „Хај ролер“, најголемото панорамско тркало во светот. Прошетката низ Лас Вегас е како патување низ времето и низ целата Земјина топка, со многуте продукции на познати локации од повеќе светски градови. Најинтересни ми беа каналите на Венеција, со гондоли и гондолиери што пеат италијански песни.

Подготвила: Миланка Рашиќ

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.