ИНДИЈА – земја што треба да се почувствува

Патувајте, гответе, уживајте...

Вирџинија Ристеска низ фотографии ни раскажа како си поминала во волшебната Индија

Замислете си две жени сами во Индија, која во очите на светот е небезбедна, нечиста, сиромашна. Вирџинија Ристеска (@serafinapekkalla) одамна престанала да верува во оваа глобална слика, па така решила да ја види Индија со свои очи и заедно со мајка ѝ тргнала на незаборавно патување…

Иако првичниот план на Вирџинија бил да шета низ Индија три месеца со ранецот на грб, без однапред испланирана агенда, откако случајно наишла на повратна авионска карта од 360 евра, знаела дека тоа е понуда што не смее да се пропушти. „Ќе излажам ако кажам дека Индија е за секого. Во Индија или се вљубуваш на прв поглед или се каеш што воопшто си решил да ја посетиш. Јас сум од првите“, вели Вирџинија.

Пред да тргнете…

За да ја посетите Индија, треба да извадите виза што чини 80 долари, а тоа може да го сторите онлајн преку официјалната страница на нивната влада. Најдобар период за патување е од октомври до март, кога времето е топло но пријатно. Освен на плажите, во градовите е препорачливо жените да се облечени во фустани/здолништа под коленици и со покриени рамена. Вакцини не се потребни, но внимавајте од каде јадете и купувајте си амбалажирана вода.

Музеј на Алберт Хол во Џајпур

По мирниот лет – хаос

Летавме Софија – Њу Делхи. Делхи е единствениот град каде што од самиот аеродром има метро со кое може да се стигне до станицата во Пахарганџ – квартот во кој се сместени речиси сите што решаваат да го посетат овој хаотичен град. Само што слеговме од метрото, ни се приближија група мажи нудејќи ни сместување, превоз, тури… Автомобили и возила тук-тук на сите страни, сите свират, врева… Решивме да се качиме во тук-тук и да нѐ однесе до точното место. Плативме 100 рупии (75 денари), иако вистинската цена изнесува максимум 50 рупии за туристи. Во Индија мора да се ценкате, бидејќи не постои фиксна цена за ништо. Тајната е во тоа да понудите една четвртина од цената што се бара, што обично е реалната цена, за продавачот/возачот да ја спушти својата и да се најдете на половина пат. Најдовме сместување на booking.com, во пристоен и чист хотел, каде што за соба за двајца плативме по 130 евра од човек за 14 ноќевања.

Познатиот бунар во Амер Форт

Агра и замокот во облаци

Патувањето продолжи кон Агра со воз, како единствено јавно превозно средство помеѓу овие два града. Купивме карти за „Гатиман експрес“ – најбрзиот воз во Индија со појадок вклучен во картата. Гордоста на Агра е симболот на Индија и сведокот на една љубов – Таџ Махал, мавзолеј направен за Мумтаџ Махал, најголемата љубов на познатиот владетел Шах Џахан. Не постојат зборови со кои се опишува убавината на ова архитектонско ремек-дело, или чувството што те обзема во моментот кога ќе го здогледаш пред твои очи, на изгрејсонце, опколено со утринска магла. Влезницата чини околу 1.000 денари. Во Агра имавме сместување со поглед на овој замок во облаци за само 6 евра од човек.

Гробницата Итмад-Уд-Даула

Експлозија од бои и уметност

Остатокот од патувањето го продолживме со авион. Џајпур, Варанаси, Мумбај, Гоа и на крајот повторно Делхи. Пет авионски карти – 180 евра. Од аеродромот до центарот одевме со такси, убер или ола (индиска верзија на убер). Секој град пред мене отплеткуваше своја приказна, сосема поинаква од претходната. Џајпур, главниот град на Раџастан, е експлозија од бои и уметност. Познат по своите скали (ghat) што водат до реката, Варанаси е најстариот индиски град и е главниот спиритуален град, кој има повеќе од 2.000 храма. Секоја вечер на зајдисонце на главната скала (ghat) се одржуваат ритуали на молитва на реката Ганг. Северна Гоа е позната по своите хипи-забави, но ние се упативме кон Јужна Гоа, позната по мирот, медитацијата и јогата. Секој дел во Индија си има специфична кујна, но гоанската е меѓу највкусните. Свежа морска храна во различни сосови, пилешко тандури, пилешко во кари, се само дел од превкусните јадења, кои во придружба на „наан“ се полн погодок. Индиската кујна е неподносливо лута, меѓутоа индиските ресторани ги адаптираат јадењата за сечиј вкус. Индискиот чај масала (црн чај со млеко и додаден микс од зачини за чај) ќе направи да заборавите на кафето!

Порта во Градската палата во Џајпур

Магично финале

Патувањето заврши таму каде што почна – Њу Делхи. Ако дотогаш мислев дека сум видела хаос, стариот Делхи ми го докажа спротивното. Велосипеди, возила, сите заспани на свирките, кучиња, крави, луѓе – сè има низ тесните улички преполни со пазари за сари, накит, зачини. За разлика од овој хаос, Акшардам е спиритуален индиски комплекс во Њу Делхи, кој е многу добро обезбеден со полиција, огромен е и бесплатен.

Плажата Кола во Јужна Гоа

Што уште треба да знаете?

Индијците се вљубени во својата земја и сакаат да ја прикажат во најдобро светло. Речиси сите зборуваат англиски и белите луѓе за нив се исто толку атрактивни колку и Таџ Махал. Бидете подготвени дека секој втор со кој ќе се разминете ќе бара да направи селфи со вас. Индија е земја што го учи светот на сочувство. Иако голем дел се сиромашни, среќни се со тоа малку што го имаат, фокусирани се на духовноста и внатрешниот мир. Токму поради ова, во ниту еден момент не почувствував страв дека ќе бидам ограбена или нападната. Доколку сте подготвени да ја занемарите нечистотијата по улиците (сите туристички атракции се пречисти) и се фокусирате на убавините, ќе си поминете магично.

НЕ пропуштајте!

Амер Форт, Градската палата, Порта Патрика и Хава Махал се само дел од многуте места што мора да ги посетите за да се запознаете со кралската историја на Индија одблиску.

Амер Форт
Хава Махал, Џајпур
Порта Патрика, Џајпур

Разговарала: Марија Лукаревска

ФОТО: Приватна архива

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.