Бугарија – позната дестинација, ново искуство

Сигурно многупати сте чуле, па дури и од искусни љубители на патувањата, да кажат: „Па, што барам во Бугарија? Има многу други места да се поминат. Морето не е солено, не е чисто. Штом е евтино, сигурно е без врска…“ и многу други изјави, преполни со предрасуди, особено од оние што никогаш не биле во Бугарија на одмор.

И јас самиот пред ова патување, кое го организираа Министерството за туризам на Бугарија и нивната национална туристичка организација @bulgariatravelorg, имав слични размислувања.

Александар Наков, управител на „Колор медија плус“

Ама по враќањето од пат, имам само пофални зборови за оваа за нас недоволно истражена и преубава дестинација.

Накратко кажано, преубаво уредени и долги песочни плажи, традиционална и вкусна храна, луксузни хотели, грандиозни паркови преполни со цвеќе и секаде мирис на рози – едноставно, дестинација за сите генерации.

СПОЈ НА СТАРО И НОВО

Патувањето го започнавме од престолнината Софија. Градот го добил името по истоимената црква од 6 век, чии ѕидини и денес може да се видат во центарот.

Се наоѓаат веднаш покрај величенствениот храм посветен на Александар Невски, кој се смета за трет по големина православен храм во Европа.

Храмот изграден во чест на Александар Невски (Софија)

Изградена е во 1908 година, посветена им е на Александар Невски и на руските војници што загинале во Руско-турската војна, во 1877-1878 г., по која Бугарија доби државност од Отоманската Империја.

Освен овој храм и црквата „Света Софија“, добро би било да ги посетите и видите црквата „Света Недела“ и ротондата „Св. Ѓорѓи“, која е најстара градба во Софија, датира од 4 век, а ја изградиле Римјаните.

Најстарата сочувана зграда во Софија, црквата Ротонда

Овие четири цркви се најзначајни туристички верски објекти во Софија.

Центарот во кој се наоѓаат и најголемиот број знаменитости може да го разгледате пеш или со некој од електричните тротинети, кои може да ги земете од каде и да посакате и да ги оставите каде што ќе посакате, а за нив плаќате преку вашиот мобилен телефон.

Софија има одличен ноќен живот, а ние успеавме да ги посетиме ресторан „Шашливецот“ („Среќникот“) и ракија-барот „Ракета“, кои ги препорачуваме како одлични места за добар провод и одлична храна. „Хајат риџенси“ (@hyatt_regencu_sofia) е одлично место каде што може да преноќите, нов хотел отворен во 2020-та, сместен во самиот центар на градот.

Одлична храна и уште подобри цени!

Пловдив: Турско кафе и римски амфитеатар

По Софија, патот го продолживме кон Пловдив. Таму пристигнавме по два и пол часа возење по автопат.

Пловдив е втор град по големина во Бугарија. Има историја долга 8.000 години и спаѓа во најстарите европски градови, постар и од Рим и Атина.

Градот во 342 г. пр. н.е. го освојува Филип Втори Македонски, таткото на Александар Македонски, и му го дава името Филиполи, а во Римското Царство го добива името Тримонтиум (град на три рида). Пловдив е спој на старо и ново, доволно е мал, но и доволно голем град.

Стариот град е фантастичен, сличен на стариот дел од Охрид, само со многу поголеми и шарени куќи. Покрај музеите, има и огромен зачуван римски амфитеатар, кој и денес се користи за разни културни настани.

Римскиот театар во Пловдив

Во овој град, на брегот на Марица, може да испиете и вистинско турско кафе, кое се приготвува пред ваши очи во бакарно ѓезве и се служи во филџани на месингов послужавник, со чаша вода.

Бургас: Убав и среден

 Бургас е четврти по големина град во Бугарија. Градот е познат како најголемо бугарско пристаниште на Црно Море, а ривиерата околу градот е значајна туристичка област во државата.

Изгрејсонце на пристаништето во Бургас

Посебна туристичка атракција е фестивалот на песочни фигури, каде што познати светски уметници секој јули, почнувајќи од 2008 година, изработуваат разни скулптури, најчесто ликови од цртани филмови, дворци…

И Бургас нѐ воодушеви со својата убавина и среденост, како и сите други градови што ги посетивме дотогаш.

Несебар: Сончев град

На само нецел час возење од Бургас се наоѓаат хаотичниот Сончев Брег и неговата спротивност, преубавиот Несебар. Тоа е град поделен на нов и стар дел.

Впечатоци од Несебар

Стариот град е сместен на полуостров, широк е 300 метри, а долг 800 метри. Архитектурата е мешавина на ориентален и грчки стил. Стариот град е под заштита на УНЕСКО од 1983 година.

Несебар

П.С. Најубавиот сладолед ова лето го јадевме токму во овој град.

Добри ресторани, одлични цени

 Цените во Бугарија се многу пристапни и дефинитивно ги оправдуваат квалитетот и услугата што ја добивате. Во солидни, да не кажеме луксузни ресторани најскапите пијалаци се движат по 5-6 евра, а најскапите јадења не се повеќе од 10-15 евра.

Винскиот клуб во Варна

Варна: Високи згради од една страна, а чувство на Кариби од друга страна

Морскиот парк во Варна е најпознатиот и најстар бугарски јавен парк, за кој се вели дека е најуредениот парк на Балканот.

Се наоѓа покрај брегот на Црно Море во Варна, на површина од 80 хектари и должина од 8 километри. Овој парк е многу важна туристичка дестинација и споменик на пејзажна архитектура.

Варна е трет по големина град во Бугарија, по Софија и Пловдив. Високи згради од една страна, а чувство на Кариби од друга страна.

За да заборавите дека сте во Бугарија, ви препорачуваме да го посетите винскиот клуб на Варна, кој се наоѓа во населбата Виница.

Доколку посакате да го посетите ова место, јавете се на @bulgariatravelorg, кои сето ова го организираа за нас.

Ботаничката градина во дворецот во Балчик

Балчик: Раскошна ботаничка градина

Во Балчик, на северот од Бугарија, се наоѓа прочуената палата и летна резиденција на романската кралица Марија, како и преубавата ботаничка градина, на чие уредување е работено повеќе од 12 години. Веднаш до дворецот се наоѓаат кралската винарница и најголемиот затворен парк на кактуси во Бугарија и регионот.

Импресивната архитектура на Велико Трново

Велико Трново: Специфична архитектура, занаетчиски град, царски град

Град на падините на Стара Планина, кој изгледа како да е излезен од некој цртан филм, специфична архитектура, занаетчиски град, царски град.

Црквата што се наоѓа во подножјето на ридот Царевац, на кое е изградена и истоимената тврдина, е туристичка атракција, која задолжително треба да ја посетите, како и ресторанот @shtastliveca.restaurants, каде што освен во добра храна, може да уживате и во адреналинскиот поглед на градот.

Текст и фото: Александар Наков

 

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.