6 најегзотични пазари во светот …и најчудни!

Ако посетата на некој ваш локален пазар за вас претставува „доживување“, тогаш длабоко сте згазнале во запасниот свет, во чистите супермаркети и… во отсуството на забава! Време е да видите некој од овие пазари!

Никој не може да каже дека денешните супермаркети не се удобни. Ги сметаат дури и за „светилишта на Новата доба“: едноставно, луѓето во недела (или секој ден!), наместо во црква, одат да им се поклонат на богот на консумеризмот и на  богот на потрошувачката доба – на производите и на шопингот.

Но пред да се појават денешните супермаркети, во светот постоеја „хипермаркети“, но поинакви: се викаа пазари. Тоа беа супермаркети на отворено, вибрирачки, шарени, интересни, понекогаш валкани, но неспорно – живи! И денес во светот постојат многу интересни пазари, а можеби најинтересни се пазарите на кои се продава некоја чудна стока. Или се тоа, пак, оние на неверојатни и „невозможни“ места? Време е да ги запознаеме шесте најегзотични и најатрактивни пазари во светот.

 1 Дамноен Садуак – Пловечкиот пазар

Дел на секој пристоен план активности на туристичките агенции или на индивидуалниот посетител на Тајланд е Пловечкиот пазар во Дамноен Садуак. Тој е резултат на грижата на кралот Рама IV за економската иднина на неговата земја и резултат на неговата желба да ги поврзе реките Маклонг и Тачин со канал.

Овој пазар е спектакуларен затоа што секој ден од 8 наутро до 11 навечер се полни со трговци и муштерии, а сите тие веслаат во своите мали чамци. Бидејќи околината е многу плодна, пазарот на вода нуди овошје и зеленчук, како што се портокали, папаја, кромид, зелка и др. Ако некогаш го посетите овој пазар, изнајмите чамец и купувајте на вода. Тоа е вистински автентично доживување.

2 Пазар на пајаци во Скуон

?

Популарниот „Спајдервил“ или „Град на пајаците“ се наоѓа во малото гратче Скуон во Камбоџа, и претставува еден мошне необичен пазар. Иако на прв поглед изгледа како кој било друг пазар во Азија, овој е поинаков, бидејќи на него се купуваат производи што ги нема на друго место. Пазарот во Скуон стана голема туристичка атракција поради локалните грицки, многу познати во Камбоџа – пржени пајаци!

Меѓу тезгите со овошје и зеленчук, повремено поминуваат жени што носат големи тепсии полни со пржени и зачинети пајаци, од кои некои се големи (не плашете се, повеќе не се живи!) колку човековата дланка. Ако го пропуштите пазарот, знајте дека пржени пајаци можете да најдете во менито на секој поевтин хотел во овој дел на  Камбоџа, која е атрактивна дестинација за сите туристи што бараат убави плажи.

3 Бит-пазар во Сен-Уeн

Еве и еден интересен пазар: на површина од над 7 хектари и со повеќе од 2.000 тезги и продавнички, Бит-пазарот во Сен-Уeн е најголемиот пазар од овој тип во светот. Тука можете да најдете и вредни антиквитети! По војната со Германија во 1870 година, трговците што избегале од тогашниот Париз одлучиле да се населат Сен-Уeн, кој е денешен дел на Париз. По Првата светска војна, пазарот стана многу популарен, па ги привлече и инвеститорите, кои купуваа земја околу прочуениот Руе де Росиерс.

Денес овој гигантски пазар е место на кое можат да се купат антиквитети, како што се книги, мебел, накит и ретки научни инструменти, археолошки артефакти и воена опрема. Ако сакате да го посетите, тргнете рано наутро. Зошто? Затоа што попладне е преполн! Парижаните обожаваат антиквитети!

4 Капали-чаршија

Официјално Гранд базар, а за нас и за Турците Капали-чаршија (покриена, т.е. буквално „со капа“) ни е најблиска од овие атракции. Изградена е во 1464 година, а денес претставува цел мал град. По стариот ориентален обичај, овој кварт е она што денес се нарекува шопинг-мол или аутлет-центар, но само со покриви. Има 68 улици, 4.400 продавници и ја посетуваат  400.000 луѓе. Позната е по својата визуелна атрактивност, бидејќи изгледа како гигантски лавиринт во кој лесно можете да се загубите, особено ако ве збркаат ориенталните трговци.

Злато, локум, керамика, облека, прекрасни мозаици на ѕидовите: се ве мами макар да се сликате во чаршијата. Ако сте за помалку „нашминкана“ варијанта, пробајте ги импресивните пазари во Алеп и во Дамаск, во Сирија.

5 Пазар на магии во Сонорa

Мексико Сити е град што се наоѓа на местото на старата престолнина на Астеките, народ опседнат со магии, смрт и со човечки и животински жртви, па затоа не треба да чуди тоа што токму во Мексико се наоѓа еден бизарен пазар, познат како Пазар на магии. Тука ви „гарантираат“ дека можете да најдете лек за секој проблем. Се наоѓаат шамани, врачеви, вуду-свештеници, вештери и разни егзотични суштества. Не грижете се, тие се тука за ваше добро. А да не зборуваме за огромниот број разни амајлии и чудни предмети за лекување: змиска кожа, сушени гуштери, костурски глави (астетскиот симбол на религијата очигледно се одржал до денес), живи игуани и жаби, сушени овци и кучиња…

Ако не се плашите од магии, ова место мора да го посетите. На оние со посилен желудник им го препорачуваме вуду-пазарот во Порт-о-Пренс на Хаити, како и оној во Бенин или во Того, во Африка, каде што вуду е доминантна религија на населението!

6 Пазарот Маеклонг

Уште еден пазар на Тајланд, кој не нуди ништо необично, но се наоѓа на „лудо“ место. Овој пазар е интересен по тоа што низ него поминува воз! И тоа точно на средина. Осумпати на ден!

Добро, многу полека. Како е возможно тоа? Па Тајланд нема закон според кој пазарите треба да се преместат од која било причина. Па така власта изградила пруга на местото на пазарот, а будистичките пазарџии решиле да не се поместат: дали поради лоша карма или верувањето во реинкарнација, или пак за да не сквернават некое друго место или пак, поради добрата енергија на Маеклонг – не е важно.

Останаа таму каде што беа. Никој не се поместува дури ни кога возот се движи низ пазарот. Продавачите само ги поместуваат своите производи од шините, а откако возот ќе замине, повторно ги враќаат. За локалното население ова е чиста рутина. А за странците? Нешто слично на руски рулет. Но без куршуми.

Текст: Ж. Милошевиќ

 

 

 

 

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.