Слатки со пенести бонбони

Слаткарски трикови

Знаете ли дека од воздушестите и мирисливи пенести бонбони можете да замесите фондан-смеса, да направите вкусни колачи или фантастични декорации?

Не морате да купувате готова фондан-смеса за обложување торти и за обликување фигури, можете за миг да замесите фондан од пенести бонбони, чиј шаролик асортиман го има во понудите на голем број супермаркети.

Битно е да се свежи и меки, за да се обликуваат полесно, и по можност да се и бели, за да ја добиете посакуваната нијанса со додавање соодветна прехранбена боја. Освен за обликување фондан, пенестите бонбони може да послужат и за друга намена.

Ставете ги во приготвена смеса за бисквитна кора и испечете го колачот во рерна, за да добиете интересна текстура и колоритен пресек на десертот. Бонбоните може да се посипат по десерт и да се потпечат во рерна.

Откако ќе заруменат и ќе добијат вкус на карамела, ќе заменат шлаг на слаткото. Да не споменуваме какви само декорации можете да направите од нив. Од многу едноставни, до такви што само по изгледот личат како да се комплицирани, а всушност можете да ги направите за миг.

Декорацијата на прикажаната торта е многу ефектна, а може да ја обликува секој. Доволно е пенестите бонбони, најдобро со ножици, да се пресечат по дијагонала и да се залепат преку шлагот на тортата, обликувајќи цвет. Пресечните делови може да се валаат во шеќер во боја, а потоа во ситни шарени бонбончиња за да се добие уште поефектен украс.

Од бели бонбони направете симпатична овчичка со глава од фондан или прекрасен цвет.

Направете декорација од бонбони

Мафините се совршена подлога за украсување со пенести бонбони. Доволно е бисквитот да го премачкате со шлаг, крем од путер, ројал-смеса или со чоколадна глазура и одозгора да расфрлате шарени бонбончиња. Можете да ги распоредите и по план, обликувајќи муцка и уши на прасе.

Текст и фото: „Добра храна“

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.