Домашна аптека: 3 совети за олеснување на најчестите тегоби

Лесно како песна!

Ве мачи првут? Или забоболка? Се чувствувате напнато? Имаме решение! Еве што најдовме во бабината аптека…

Рецепт за течност против првут

Многумина имаат проблем со првут, а тој може да биде толку упорен што ни најдобрите производи на пазарот не помагаат и не даваат плод. Можеби затоа најдобро е да се посегне по природни методи и да се употребат состојки што ги имаме дома, или во непосредната околина, за искоренување на овој проблем.

Овој домашен лек за отстранување првут се приготвува едноставно и се употребува лесно, а многу е делотворен. Состојките што ви се потребни се јаболков оцет, вода, семе и корен од чичка или чај од корен од чичка.

Соединете ги оцетот и водата во сооднос 1:1. Сварете ја добиената мешавина и во неа додајте го чајот од корен од чичка или семето и коренот од чичка.

Доколку, на пример, користите по половина литар од споменатите течности, тогаш во варената течност треба да се додадат три лажици чај. Со добиената течност се мие косата трипати неделно.

Со смил намалете ја забоболката

Веројатно некогаш сте доживеале ненадејна силна и неиздржлива болка во забите, или ви отекле и ве болеле непцата, а не сте биле во можност веднаш да побарате стручна помош.

Доколку набавите смил или чај од цвет од смил, секогаш ќе имате при рака природно решение да ја ублажите забоболката.

Оваа билка е многу ефикасна во тој случај и дава резултати.

За приготвување на овој лек ви се потребни следните состојки: 10 г смил и 500 мл бело вино. Состојките промешајте ги и варете го на тивок оган додека во чајникот остане околу 300 мл течност, а потоа исцедете.

Потребно е со топлата течност да се плакне болното место на секои десетина минути.

Со чај против напнатост

Доколку се чувствувате исцрпено, уморно, раздразливо и тешко се справувате со секојдневни стресови и активности, постои природен начин да се опуштите и да му помогнете на својот организам полесно да се избори со нервозата и да му ја вратите енергијата.

За приготвување на чајот ви се потребни по 30 г од следните состојки: листови од мајоран, корен од валеријана, листови од нане, цвет од камилица, плод од ким, како и по 40 г цвет од лаванда и цветови и листови од мајчина душичка.

Од добиената мешавина од чаеви, одвојтe три лажици и прелеjтe ги со 500 мл врела вода, па додаjтe 100 мл бело вино, лажица мед и лажица сок од лимон.

Приготвениот чај е потребно да се пие изладен, во голтки, повеќепати во текот на денот.

Текст: Н. Човиновска

Фото: „Добра храна“

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.