Лила: Никогаш не „гуглајте“ ја вашата дијагноза, само ќе се исплашите и збуните

Лила Филиповска крена голем прав во јавноста красејќи ја насловната страница на мартовското издание на „Убавина и здравје“. Причината беше нејзината кратка руса коса, како и најавата:

Мојата борба против ракот.

 

Само нејзините блиски пријатели, тесниот круг соработници и членовите на семејството знаеја дека популарната водителка повеќе од една година се бори со канцер на дојка. Секогаш љубезна, насмеана и позитивна, и како вистински професионалец, таа продолжи со своите активности, неодавајќи ја драмата што ѝ се случуваше во животот.

По добивањето на прекрасните резултати од пет-скенот, кои потврдија дека е здрава, Лила вдиша длабоко, ја симна периката и проговори за својата борба сакајќи да им помогне на сите што се соочуваат со подмолната болест.

Како те промени овој предизвик?

Ова го сфатив како едно искушение, едно премрежје во мојот живот. Сфатив колку се важни вистинските пријатели, кои ги сакам како семејство, кои беа постојано покрај мене и на кои сум им бескрајно благодарна! Не знаев колкава сила има во мене сè досега. И си велам, па можно ли е да трошам толку време и енергија на неважни настани и неважни луѓе.

 Што би ги советувала оние кои се соочуваат со слична состојба како твојата?

За жал, знам дека ги има многу. Како прво, никогаш не прашувајте се зошто јас. Не очајувајте и не мислете на најцрното сценарио, колку и да е тешка дијагнозата, затоа што медицината денес е многу напредна, постојат многу методи, лекови, чаеви, има многу чудесни случаи… Никогаш не ја „гуглајте“ вашата дијагноза, само ќе се исплашите и збуните. И дејствувајте веднаш. Бидете фокусирани и следете ги упатствата на докторите. Верувајте во нешто, во Господ, во универзум, во виша сила – така никогаш нема да бидете сами. Смејте се, шетајте, гледајте и читајте весели содржини. Само позитивни мисли и однесувајте се како да сте веќе излекувани!

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на порталот www.ubavinaizdravje.mk Преземање авторските фотографии е дозволено само со устен или писмен договор со порталот. Во спротивно, следуваат правни мерки.

Текст: Марија Лукаревска

Фотографија: Дарио Јанковиќ

Стајлинг и шминка: Лидија Перчинкова

Фризура: Зоки Давитков

Креативно водство: Спасе Јовановски

Накит: Адор голд

 

Прочитајте и

Коментарите се заклучени.