Златната девојка на Холивуд: Зад нејзината насмевка се кријат голем број страдања, разочарувања и скршени срца…

Животната приказна на Кејт Хадсон

Блескавото холивудско педигре и семејните тајни ја прават една од најинтересните светски познати актерки

Нека не ве мамат атрактивниот изглед и ведриот карактер: нејзиниот пат кон славата бил поплочен со сплетки, интриги и скршени срца…

Кејт Хадсон (родена на 14 април, 1979 година) е ќерка на легендарната актерка Голди Хоун и музичарот и актер Бил Хадсон. Лесно било да се претпостави дека ќе тргне по стапките на своите познати родители, но сè што сјае не е злато, па така идната ѕвезда морала да се соочи со многу предизвици и да научи важни лекции пред да стане тоа што е денес – успешна и наградувана актерка, претприемачка, авторка на книги и исполнета мајка на два сина и една ќерка.

За време на пандемијата на ковид-19, Кејт Хадсон целосно им се посветила на децата и на својот партнер Дени Фуџикава, па на нејзиниот инстаграм-профил преовладуваат фотографии од нивниот хармоничен семеен живот. Тука се и нејзиниот брат, актерот Оливер Хадсон, мајка ѝ и очувот Курт Расел, со кои исто така негува близок однос. Нејзиното богато животно искуство, многуте подеми и падови од кои секогаш излегувала како победничка, посилна и помотивирана од претходно, нè инспирираа да ја истражиме приказната на златната девојка на Холивуд – Кејт Хадсон.

ЅВЕЗДАТА Е РОДЕНА!

Уште како дете, Кејт Хадсон најмногу од сè сакала да глуми! Но имало еден проблем: Голди Хоун не сакала ќерка ѝ да влезе во холивудскиот свет на толку рана возраст. На крајот, мајчинскиот инстинкт попуштил и Хоун ја однела на аудиција за главна улога во телевизиски проект. Повеќе од јасно е дека Хадсон ја добила улогата и токму тоа го означило почетокот на нејзината кариера, но и на проблемите. Во 1997 Кејт се запишала на Универзитетот во Њујорк, но нејзиниот актерски порив бил толку силен што не можела да го игнорира, па ги преколнувала родителите да ѝ дозволат да го стави факултетот во мирување една година за да се фокусира на глумата. Овој пат добила поддршка од мајка ѝ.

По само неколку години се случил главниот пресврт во нејзината кариера кој ја направил позната – по сплет на околности, Кејт Хадсон ја добила иконската улога на Пени Лејн во филмот „Речиси познат“, за која подоцна добила Златен Глобус и била номинирана за Оскар за најдобра актерка во споредна улога. Овој значаен успех го трасирал нејзиниот холивудски пат, па оттогаш таа почнала да снима бројни блокбастери, како што се „Како да изгубиш момче за 10 дена“ со Метју Мекконахи, „Ти, јас и Дупри“, „Војна на невести“ и многу други.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Kate Hudson (@katehudson)

НЕДОСТИГ ОД ТАТКОВСКА ФИГУРА

За жал, Кејт не живеела во хармоничен дом со двајца родители. Бил Хадсон и Голди Хоун се разделиле, па таа и брат ѝ се преселиле со мајка им и не го гледале татко им толку често. Кејт подоцна изјавила дека татко ѝ воопшто не ја познава. Но Бил имал своја страна на приказната. Тој тврдел дека пробал да биде дел од животот на неговите деца, но Голди Хоун намерно го отуѓила од нив, особено откако започнала врска со актерот Курт Расел. Нивниот лош однос кулминирал откако Бил Хадсон во едно интервју разгневено кажал дека неговите деца се „мртви“ за него и им порачал да престанат да го користат неговото презиме. Поводот за овие тешки зборови, наводно, била пораката од брат ѝ на Кејт, Оливер, кој за Денот на татковците објавил фотографија со натпис „Среќен ден на напуштањето“.

Отуѓеноста од биолошкиот татко влијаел врз Кејт на повеќе начини, но најмногу се одразил на нејзиниот љубовен живот. Хадсон јасно го обвинила лошиот однос со татко ѝ за сите нејзини проблематични врски откако изјавила дека „секој што имал искуство со отсутен родител, ќе го манифестира тоа на разни начини“. Од сета таа болка и семејни проблеми, сепак, произлегло и нешто позитивно: Курт Расел. Актерот со задоволство ја презел улогата на татко за децата на Хоун и денес Кејт него го смета за нејзин вистински татко. Таа дури и објавила фотографија од Расел за Денот на татковците и ја потпишала со зборовите: „Тато… Ти благодарам… те сакам до месечината и назад“.

БУРЕН ЉУБОВЕН ЖИВОТ

Кејт Хадсон зад себе има еден пропаднат брак, една раскината свршувачка и неколку многу лоши љубовни избори. Во 2000 година се омажила со музичарот Крис Робинсон, со кого има 16-годишен син Рајдер. Иако нивната љубов била голема, парот се разделил по шест години брак поради непомирливи разлики. Кејт подоцна изјавила дека се уморила од бурниот рокерски живот, но сепак овој развод не ставил крај на нејзините драми.

Таа била во врска со многу проблематични и контроверзни мажи, претежно спортисти, меѓу кои биле велосипедистот Ленс Армстронг и бејзбол-ѕвездата Алекс Родригез. Сепак, нејзиното срце вторпат било освоено од страна на Мет Белами, фронтменот на бендот „Мјуз“. Тие набрзо по запознавањето се свршиле и го добиле синот Бингам. За жал, нивната врска завршила исто толку брзо колку што и започнала. Па, дали денес Кејт Хадсон конечно е среќна во љубовта? Се чини дека музичарот и актер Дени Фуџикава е вистинскиот маж за неа, со оглед на тоа што се четири години во врска и во 2018 година станаа родители на девојчето Рани Роуз. Хадсон изјавила дека е среќна што конечно добила ќерка, за која верува дека малку ќе го зачини нејзиниот живот.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Kate Hudson (@katehudson)

ПОВЕЌЕ ОД АКТЕРКА

Иако повеќе не ја гледаме толку често на филмското платно, Хадсон е зафатена со многу други проекти. Таа е коосновачка на брендот за спортска облека Fabletics, којшто го смета за најголемиот професионален подвиг во нејзиниот живот. Нејзината цел била да создаде модна линија за луѓе кои сакаат да изгледаат и да се чувствуваат добро додека вежбаат. Со оглед на тоа што брендот има повеќе од милион претплатници, слободно можеме да кажеме дека е доста успешен.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Kate Hudson (@katehudson)

Освен тоа, малкумина знаат дека Кејт Хадсон е и авторка на два бестселера „Прилично среќна“ (Pretty Happy) и „Прилично забавно“ (Pretty Fun), во коишто ги открива тајните на среќниот живот и на добрата телесна форма. Преку овие две книги сакала да објасни како промената на нејзиниот животен стил ѝ помогнала да најде и да создаде среќа. Истовремено, таа успева да ја одржи хармонијата во своето семејство, што сигурно не е лесно, ако се земе предвид фактот дека има три деца од тројца различни мажи. А во интервју за Опра Винфри, открила и како го постигнува тоа:

„Дури и во најтешките моменти, кога децата ми се жалат од нивните татковци, јас им велам да не зборуваат така. Сметам дека многу е важно децата да ги почитуваат своите родители, дури и кога знаеме дека другиот родител можел да направи подобар избор“. 

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Kate Hudson (@katehudson)

ПОЗДРАВИ НАВИКИ ВО ДОБА НА КОВИД-19

Периодот во самоизолација актерката го поминува со своите три деца и партнерот Фуџикава, а повремено се гледа и со остатокот од семејството. Кејт открила дека карантинот ѝ помогнал да стекне поздрави навики, па така се откажала од алкохолот, а го мотивирала и својот брат Оливер да го стори истото тоа:

„Му кажав дека мора да престанеме да пиеме алкохол. Мора да бидеме силни, да изградиме имунитет. Не знаеме што е ова“.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Kate Hudson (@katehudson)


Но карантинот го подобрил и нејзиниот љубовен живот, па таа во едно интервју признала дека е среќна што го нашла вистинскиот човек за неа. Истовремено, таа не се откажува од навиките што се заслужни за нејзиниот изглед. Нејзината фитнес-рутина е едноставна: таа верува дека секој ден треба да се потиме, барем по 20 минути. Кејт обожава пилатес и танцување, но и трчањето по децата го смета како тренинг, сѐ додека се испоти. Најдобро е тоа што не верува во диети и откажување од храна, туку се обидува да се храни здраво и умерено. Одлична мантра, нели?

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Kate Hudson (@katehudson)

ЖИВОТ БЕЗ КАЕЊЕ

Во истото интервју за Опра, Кејт Хадсон открила и дека не се кае за ништо во животот:

„Што би ѝ кажала на 20-годишната Кејт? Накратко – ништо! Си поминував одлично. Ми беше многу забавно. Да, правев грешки и има луѓе со кои можев да се однесувам подобро, но не би ѝ кажала ништо. Можеби само: ‘Забавувај се!’“.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Kate Hudson (@katehudson)


Хадсон смета дека треба да се живее животот без каење и не би сакала да ја предупреди помладата Кејт за искуствата што придонеле за нејзиниот развој и за оформувањето на нејзиниот карактер.

Подготвила: Марија Лукаревска

ФОТО: GETTY IMAGES, INSTAGRAM

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.