Животната приказна на Елизабета Втора: Најдолговечната владетелка на Велика Британија

Умереност во сѐ

Кралицата Елизабета Втора, најдолговечната владетелка на Британија, го прославила својот 94-ти роденден

За време на своето владеење се справувала со многубројни удари и предизвици, но секогаш го задржувала достоинството, чувството на должност и фризурата, како што своевремено рекла актерката Хелен Мирен, која освои „оскар“ глумејќи ја токму кралицата Елизабета Втора.

Елизабета е родена во Лондон на 21 април, 1926 година. За да се подготви како што треба за улогата на кралица, таа учела право, историја на устав, уметност, музика и јавање.

https://twitter.com/RoyalFamily/status/1252530311428214784

Своето прво службено јавно појавување го имала на само 14 години во октомври 1940 година, а нејзините најдобри години ѝ ги одзела Втората светска војна.

Тоа било време на немири и тешкотии за целата земја, вклучувајќи го и кралското семејство, пишува во нејзината официјална биографија.

Во 1947 година се омажила за поручникот Филип Моунтбатен, војник со данско, грчко и германско кралско педигре. Раскошната венчавка во Вестминстерската црква била симбол на почетокот на британското повоено закрепнување.

Елизабета и Филип се запознале во 1934 година на венчавката на неговата роднина, принцезата Марина и вујкото на Елизабета, војводата од Кент. Парот тајно се свршил во 1946 година и тоа било контроверзна одлука, бидејќи родителите на Елизабета се противеле на нејзината венчавка, сметајќи дека таа со своите 20 години сѐ уште е млада.

Свршеничкиот прстен бил раскошен, имал голем дијамант, во средината опкружен со помали дијаманти. Филип и Елизабета се далечни роднини, но во тоа време не било невообичаено да се венчаваат внатре во кругот на кралското семејство за да се задржи чистотата на сината крв.

Венчаницата на Елизабета со боја на слонова коска била изработена од сатен и украсена со 10 илјади бисери увезени од САД и го носела потписот на кралскиот дизајнер Норман Хартнел. Фустанот имал широко сечено деколте, долги ракави и шлеп долг речиси четири метри.

Изработката на фустанот траела шест месеца, а посебен украс на венчаницата бил везениот тул. На главата носела едноставна круна, која ја придржувал вел од свила, кој бил од посебна важност за Елизабета, бидејќи го позајмила од својата мајка. Свадбениот букет бил изработен од бели орхидеи и гранчиња мирта, кои кралицата Викторија ги користела за својот бидермаер.

Повеќе од две илјади луѓе присуствувале на нивната венчавка. Тоа била првата кралска свеченост од крајот на Втората светска војна, а венчавката била прославена ширум светот.

Откако во 1952 година, татко ѝ неочекувано починал, принцезата Елизабета, која дотогаш веќе ги родила принц Чарлс и принцезата Ана, на само 25 години станала кралица. Потоа, родила уште две деца, принцовите Ендру и Едвард.

За британското кралско семејство, последниве десет години од 20 век биле најтешки. Во 1992 година, дворецот Виндзор бил тешко оштетен во пожар, а турбулентниот брак на принцот Чарлс и принцезата Дијана се распаднал. Кралицата подоцна ќе каже дека таа година била „анус хорибилис“ (ужасна година).

Меѓутоа, следела и полоша. Принцезата Дијана загина во 1997 година во сообраќајна несреќа во Париз.

Елизабета признала дека во најтешките моменти ѝ помогнала верата и дека исто како и кралицата Викторија, чие 63-годишно владеење го надминала, секогаш била уверена во старото животно правило: умереност во сѐ.

Пред две години, кралицата со сопругот, 98-годишниот принц Филип, прославила 70-годишнина од бракот, но по неговото пензионирање, а и многубројни проблеми со здравјето, повеќето настани морала да ги организира сама.

Кога бев девојче, не постоеше платинеста како ознака за годишнина. Никој не очекуваше дека ќе траеме толку долго“, се пошегувала кралицата во божиќниот говор во 2018 година.

Пред две недели, во второто обраќање кон нацијата по повод празниците, апелирала до Британците да ја покажат одлучноста на своите предци во борбата со коронавирусот.

Заедно се бориме со оваа болест и ве уверувам дека ќе ја надвладееме ако останеме соединети и одлучни“, рекла таа, евоцирајќи го воениот дух на нацијата.

Ова е првпат кралицата да не го прослави својот роденден и тоа поради коронавирусот, кој ја погоди целата планета.

Тајната на долговечноста на кралицата Елизабета: Поради ова е витална и на 93 години!

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.