Тамара Тодевска пред концертите во Охрид и Битола: „Преживеав торнадо, ми беше тешко да ги подредам коцките во животот!“

Пејачката искрено за сите подеми и падови во кариерата, идни планови, проекти...

Тамара Тодевска на 29- ти  јули и 1 – ви август ќе одржи два големи солистички концерти. Првиот е закажан за во Охрид, а вториот ќе се случи во Битола, односно Антички театар и Хераклеја.

Пејачката веќе на големо се подготвува за овие престојни спектакли, а сега за „Убавина и здравје“ откри како течат подготовките и што да очекуваме од музичките концерти кои на големо задоволство за сите нас ќе се случат после пауза од една година.

После принудна пауза од една година поради пандемијата со коронавирус конечно ќе имаме можност да уживаме во два музички концерти спектакли чиј домаќин ќе бидеш токму ти Тамара. Првиот концерт е закажан за во Охрид, вториот е Битола. Кои се датумите и како течат подготовките?

Не знаете колку многу сум возбудена за овие два концерти. Со пеперутки во стомакот, со се’. Мислам дека после една и пол година, редно е да направиме една добра дружба со добра музика. Сметам дека им ги должам овие два концерти на моите фанови бидејќи се покрај мене и во добро и во зло. Време е да ги прославиме заеднички сите наши успеси, да заборавиме на се околу нас и едноставно да и се препуштиме на магијата на музиката. Музиката може да го промени светот, зарем не? 🙂

Инаку првиот концерт е во Охрид на 29- ти јули на Антички, а вториот е во Хераклеја-Битола на 1- ви август. Долго работиме на концертот и можам да ви ветам дека навистина ќе имаме неверојатна забава. На концертот ќе слушнете еден нов, уникатен звук, заеднички ќе ги испееме сите мои хитови, сите песни кои ја одбележаа мојата кариера. Најважно од се навистина ми е фактот што конечно ќе имам можност да им се заблагодарам на моите фанови за поддршката сите овие години! Заедно направивме многу и без нивната љубов ништо немаше да биде како што е. Им благодарам!

Неодамна ја слушавме темата „Порок“ за која сними и видео запис. Кој е твојот „порок“?

Порок е проект на кој особено сум горда. Бескрајно сум му благодарна на Лазе Цветковски за соработката. Мислам дека направивме баш добар летен хит , а Тајзи напиша текст од кој боли глава. Стварно тимски го обработивме целиот проект, а мило ми беше што овој пат бев вклучена и во креирање на музиката и аранжманот. Ќе следуваат уште многу добри хитови! На тема порок, сите ние имаме одредени пороци, односно слабости, но со тек на време сфатив дека овие слабости, пороци, носат со себе лекција која ни овозможува да се трансформираме и да станеме подобри личности. Не верувам во негативни работи. Верувам дека секоја негативна работа или искуство со себе носи лекција а колку време ќе биде потребно да ја научиме таа лекција зависи од самите нас! Важно е да сакаме, да веруваме во себе но и да се менуваме. И најважно, да бидеме благодарни за сите работи што ги имаме во животот! Животот е убав!

После Евровизија доживеа огромен успех. За само неколку месеци се случи оној пех со химната, па наиде на осуди од страна на јавноста. Буквално од врв на дно за само неколку секунди и пак повторно искачување кон целта… Како се носеше со сите тие падеми и порази, дел се од сечие функционирање, но ретки се оние кои наоѓаат сила да се изборат и пак да се искачат и вратат онаму каде што заслужуваат да бидат?

Би сакала да можам да го вратам времето, но ја немам таа моќ. Имам моќ да се извинам и тоа го направив. Тоа го направив неколку пати и навистина жалам. Ми требаше долго време да ги наредам коцките во мојот живот после тоа торнадо, но животот продолжува понатаму. Научив многу добра животна лекција и иако на моменти бев скршена, разочарана и повредена не сакам да дозволам овие работи да ме дефинираат мене како личност. Јас сум многу повеќе од таа грешка пред две години. Сите ние сме многу повеќе од грешките што сме ги направиле во животот.

Се испроба и како актерка во една домашна серија. Го видовме тизерот, а најавено е и снимање на истата. Кога да го очекуваме?

Да, тоа беше едно неверојатно искуство! Одлична екипа и одлична енергија и големо браво за Били, Давид,за целата таа креативност и енергија. Се надевам дека многу брзо ќе започнеме и со снимањето бидејќи навистина се работи за една идеја и концепт која сме ја немале во сериите во Македонија досега.

Сопруга, мајка, сестра, ќерка, пејачка.. Пет животни улоги, секоја носи различно бреме, тежина, но и убавина. Која е најтешка?

Во секој момент од животот сите ние имаме некоја одредена улога која не дефинира во тој момент. Сите овие работи се екстензија на мојата личност, сите овие работи се дел од Тамара и ниедна од нив не е тешка бидејќи сите овие работи ме прават тоа што сум денес. Најважно од се, јас сум среќна. Среќна што имам сопруг кој ме подджува во се, мајка, татко, сестра цела гарда која е покрај мене и се моја вечна инспирација. Деца кои се светлината на мојот живот и фанови за кои вреди да се поминат сите препреки. И токму поради тоа едвај чекам сите ние да се дружиме на 29 0 ти јули во Охрид и на 1- ви август во Хераклеја. Време е заеднички да ги прославиме сите наши успеси!

Фото: Инстаграм

Разговарала: Јасмина Филиповска

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.