Скопје танцуваше во ритамот на 1980-тите: „Дјуран Дјуран“ нè одведоа на незаборавно музичко патување

Од „Ordinary World“ до „Rio“: вечер исполнета со хитови и емоции

Постојат концерти што се паметат по добриот звук, а постојат и такви што се паметат по чувството. Настапот на легендарните „Дјуран Дјуран“ во арената „Борис Трајковски“, во организација на „Авалон продукција“, беше токму таква вечер – вечер во која времето како да застана, а неколку илјади луѓе за час и половина повторно ги проживеаја осумдесеттите.

Уште пред да се изгаснат светлата, во салата се чувствуваше возбуда каква што одамна не сме виделе на концерт во Скопје. Публиката беше шаренолика – од оние што пораснале со музиката на бендот до помлади генерации кои конечно добија можност во живо да ги слушнат песните што одамна станаа дел од музичката историја.

Од првите акорди беше јасно дека ова нема да биде само концерт, туку внимателно осмислено аудиовизуелно шоу. Моќниот звук, впечатливите светлосни ефекти и видеопроекциите совршено се надополнуваа со препознатливата енергија на бендот, додека Симон Ле Бон без проблем воспостави контакт со публиката, која речиси секој рефрен го пееше во еден глас.

Во текот на вечерта се нижеа безвременските хитови Hungry Like the Wolf, A View to a Kill, Come Undone, Ordinary World, The Reflex, Girls on Film и, секако, Rio – песни што предизвикуваа нов бран емоции со секоја следна нота. Немаше многу зборување меѓу песните, но и немаше потреба – музиката зборуваше сама за себе.

Особено впечатлив беше моментот кога илјадници мобилни телефони ги осветлија трибините за време на побавните нумери, создавајќи атмосфера што потсетуваше на најголемите светски концертни арени.

Публиката не штедеше аплаузи, а бендот возврати со настап што потврди зошто и по повеќе од четири децении кариера сè уште полни арени низ светот. Без непотребна патетика и без обид да бидат нешто што не се – „Дјуран Дјуран“ едноставно покажаа дека добрата музика не старее.

А ако се суди според реакциите по последната песна и долгите овации, Скопје долго ќе ја памети оваа вечер – не само како концерт на светски познат бенд, туку како едно од оние ретки музички доживувања што никогаш не избледуваат од сеќавањето.

ФОТО: ГОРАН ДЕСКОВСКИ

Прочитајте и

Убавина и Здравје користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Ќе претпоставиме дека сте во ред со ова, но можете да се откажете ако сакате. Прифати Дознај повеќе