Поминаа речиси три децении од моментот кога првпат прозвуче една од најпознатите поп-нумери на овие простори, а „Магија“ и денес живее со ист интензитет како и во првите денови од нејзиното појавување. Песната која со години е неизбежен дел од ретро-плејлистите, повторно го потврди својот култен статус на неодамнешниот музички спектакл што го сплоти публиката и сцената во едно заедничко сеќавање.
На концертот, кој беше реализиран во соработка со Елвир Мекиќ и повеќе истакнати домашни музички имиња, атмосферата кулминираше со масовно пеење, емоции и енергија што, како што велат присутните, ретко се доживува на домашната сцена.
Искрено, љубовта што ја добивме од публиката ги надмина сите мои очекувања. Најдраги ми се моментите кога целата сала пееше заедно со нас. Тоа што концертот помина толку брзо и што публиката сакаше уште, е доказ дека енергијата беше навистина фантастична“, изјави Јован Јованов, споделувајќи ги своите впечатоци од настапот одржан на 6 јуни.
Песна што одбива да старее
Иако за многу хитови сцената е краткотрајна, „Магија“ веќе одамна ги надмина границите на еден музички период. Денес таа не се доживува само како песна, туку како генерациски белег кој се пренесува од публика на публика.
Во разговорот со нас, Јованов отворено зборува и за феноменот на долговечноста на хитот што го обележа неговото творештво.
На прашањето дали некогаш му пречи тоа што „Магија“ можеби засекогаш ќе остане неговата најпрепознатлива песна, тој со јасен став одговара:
Никој не може да предвиди дека една песна ќе живее толку долго. Денес сум благодарен што ‘Магија’ стана дел од животите на толку многу луѓе. Воопшто не ми пречи. Напротив, тоа е чест. Малкумина имаат среќа да создадат песна што останува актуелна со децении.“
Феномен што ја надминува етикетата „хит“
Иако времето носи нови музички трендови, „Магија“ останува присутна таму каде што музиката добива најголема вредност – кај публиката. Не како носталгија, туку како живо чувство што повторно се буди на секој настап.
Концертот од 6 јуни само уште еднаш потврди дека некои песни не стареат – тие едноставно стануваат дел од колективната емоција.
А токму „Магија“ денес изгледа како ретка привилегија во музичката индустрија: песна што не се слуша само со уши, туку се доживува со генерации.
Текст: Марија Лукаревска
Феномен што ја надминува етикетата „хит“