Сакала да ја измами онлајн-продавницата со лажна уплатница, а наместо облека добила „модна колекција“ нацртана на хартија

Една девојка се обидела да измами онлајн-продавница така што испратила лажен доказ за уплата за нарачани фармерки и маица, не насетувајќи каков одговор ќе следи.

Социјалните мрежи „горат“ поради преписката што стана своевидна лекција за сите што се обидуваат да дојдат до бесплатна гардероба преку Интернет. Имено, купувачката ја нарачала облеката, испратила (очигледно фотошопиран) доказ за уплата и нетрпеливо го чекала курирот.

„Не разбирам баш што е ова…“

Пакетот навистина пристигнал, но кога девојката го отворила, следувал вистински шок. Наместо модерни фармерки и маица, во големата бела кеса пронашла – два листа хартија!

Продавачите се потрудиле да бидат максимално прецизни: на едниот лист биле нацртани минијатурни панталони, а на другиот маица со срце. Буквално „нацртана“ гардероба, наменета за оние што мислат дека облеката може да се купи со „нацртани пари“.

Збунета (или барем така изгледала), девојката ѝ испратила порака на страницата:

Ја примив пратката, но ова беше внатре… не разбирам баш што е ова…“

Следувал одговор кој веќе масовно се споделува како „рецепт“ за справување со интернет-измами:

Па ти испративме лажни работи, исто како што ти нам ни испрати лажна потврда за уплата. Сè најдобро!“

Интернетот воодушевен: „Ова е дефиниција за карма!“

Коментарите под објавата се нижат со неверојатна брзина, а поголемиот дел од корисниците застанаа на страната на продавачите:

„Следен пат нацртајте ѝ и фискална сметка!“

„Ова е најдобриот маркетинг досега, би купувал од нив само поради ова.“

„Заборавила да испрати и фотографија како ѝ стои нацртаната облека.“

Овој случај уште еднаш потсети дека во дигиталниот свет сè се гледа и дека секоја измама порано или подоцна се враќа – во овој случај, во форма на хартиена гардероба.

Фото: Freepik

Прочитајте и

Убавина и Здравје користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Ќе претпоставиме дека сте во ред со ова, но можете да се откажете ако сакате. Прифати Дознај повеќе