Профемина 2021: Проблематичната кожа воопшто не е болест туку состојба, заклучија експертите за нега на кожа на втората панел дискусија

„Декоративната козметика е помалку важна, негата е на прво место“

Во 13:15 часот започна втората панел-дискусија на „Профемина 2021“. Присутните ги добија одговорите на прашањето: Како до подобар живот на осетливата кожа“, а овој разговор беше поддржан од „La Roche Posаy“.

Присутните ги поздрави ТВ-водителката Милена Антовска Станковска, која беше задолжена за модерирање на оваа дискусија, а своето знаење  и искуства на темата со неа ги споделија д-р Емилија Минова спец. дерматовенеролог од поликлиниката „Рес Хумана“, Анета Јованова, стручен претставник на „La Roche Posаy“, Душица Цандова, психолог, ТВ-водителката Јелена Спенџарска и инфлуенсерката Зои Блаж.

На самиот почеток на дискусијата, д-р Минова истакна дека проблематичната кожа воопшто не е болест, туку се третира повеќе како состојба, а лицата кои имаат масна или комбинирана кожа имаат поголеми предиспозиции да се соочат со акни во текот на животот.

Од она што е помалку познато, д-р Минова потенцираше дека дали ќе имаме акни може да се предодреди уште додека сме бебиња, во зависност од тоа дали мајката имала таков проблем додека го доела новороденчето, а понатаму секако го истакна периодот кога индивидуата влегува во пубертет, тоа е животната фаза во која кожата доживува одредени промени.

Кога е во прашање психолошкиот момент, адолесцентите кои се соочиле со акни, всушност, најголемиот проблем го имаат од аспект дека тие се’ уште не се изградени како личности, немаат изразена самодоверба и се’ уште се „пронаоѓаат“ себеси, па се многу чувствителни на коментарите од околината, истакна психолог Душица Цандова

Еден ден се разбудив наутро и во огледало видов друго лице, како тоа да не бев јас. Психички паднав, ја изгубив самодовербата. Имав среќа што моето тогашно момче, а сега веќе сопруг, Тадеј секогаш кога ќе се нашминкав ме прашуваше: ‘А зошто се шминкаш толку, на мене си ми убава без шминка.’ Сметам дека тоа беше клучно да се соочам и да го прифатам овој проблем и да го надминам во крајна линија“, го сподели своето искуство со проблематичната кожа Зои Блаж.

ТВ-водителката Јелена Спенџарска стави акцент на тоа дека секој ја прашува каква пудра користи, а скоро никој никогаш не побарал од неа совет за соодветен крем со кој го негува лицето, а, според неа, пудрата е помалку важна, најважно е како и со што ја негувате вашата кожа пред да нанесете на лицето декотративна козметика.

За да имате здрава и негувана кожа, доволни се само 10 минути дневно, а верувам дека толку време имате сите вие. Обично сите користат кремови по нечија препорака, но немаат ист ефект како кај оној кој им ја препорачал, јас ќе ви кажам дека не постои ниту еден човек на планетава кој има идентично иста структура на кожа со некој друг, затоа е исклучително важно да ја пронајдете соодветната нега за вашето лице“, поентираше д-р Емилија Минова.

Анета Јованова од „La Roche Posаy“ истакна дека кремовите за нега на лице од овој бренд во срцето ја имаат термалната вода на „La Roche Posаy“ , која нивните производи ги прави уникатни и ретко чиј тип на кожа е интолерантен на овие кремови.

По аплицирање на овие кремови на вашата кожа, добивате сјаен, но истовремено матирачки ефект. На ова се надоврза и ТВ-водителката Јелена Спенџарска, која сподели со присутните дека ја користи линијата на „La Roche Posаy“ за многу сува кожа и дека токму во оваа линија го пронашла својот идеален крем за нега на лицето.

Текст и фото: Убавина и здравје

 

Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.