Профемина 2021: Исфрлете го од употреба зборчето „ама“, фокусирајте се на вашите таленти и желби, кажете ги гласно вашите идеи, порачаа гостинките на шестиот панел

„Она што ви треба е ветер во грбот“

Каков е чекор по чекор патот до успешна бизнис-приказна? Кои се пречките на патот? На каква поддршка и финансирање на мали бизниси, можеме да сметаме ние, жените претприемачи?

Се одржаа шестиот, воедно и последен панел за ова издание на регионална конференција за жени „Профемина“, со наслов „Имам идеја и сакам свој бизнис“. Негова модераторка беше ТВ-водителката Ведрана Ѓорѓевиќ.

Својата успешна бизнис-приказна прва ја раскажа сопственичката на ранчот „Ранчо и Ванчо на Ката“. Катарина Ѓорѓиевска е градска урбана жена, која е родена и порасната во Скопје, но некако нејзиниот карактер и темперамент постојано ја враќаале онаму каде што е природата убава, воздухот чист, а водата се пие.

Па, така, таа одлучува да реновира две куќи, односно објекти, кои ќе бидат наменети за развивање на селски туризам, а како место го избира селото Оморани, кое ѝ припаѓа на општина Чашка. Ката изјави дека за нејзиниот бизнис имала сон, односно, дека сонувала со отворени очи и верувала дека еден ден ќе биде реалност.

На почетокот, никој не веруваше во мојата замисла, си мислеа што ѝ е на женава, кој ќе ѝ доаѓа на викенд на село. А денес, кај мене доаѓаат политичари, амбасадори, успешни луѓе“, објасни Катарина Ѓорѓиевска.

За неа, клучот на успехот е луѓето од употреба да го исфрлат зборот „АМА“, наместо да се колебаат, да решат цврсто што сакаат и да се движат кон целта, без двоумење и без негативни мисли што би можело да се случи од сето тоа, бидејќи тоа не им оди во прилог.

Понатаму, модераторката Ведрана на публиката ѝ ја претстави младата Софија Дачева, која има само 25 години, а веќе поседува три компании.

Софија истакна дека уште од мала ја привлекувало претприемништвото. Дошла на идеја дека би било добро да направи сладолед од вино. Веднаш се соочила со проблем бидејќи открила дека сладоледот замрзнува на 0 степени додека виното замрзнува на -18 степени.

Многу учела, се надградувала, соработувала со научници, идејата ја претставила во Англија, каде што ѝ ја прифатиле и ѝ помогнале да дојде до целта, односно, до конечниот производ. Овој единствен и специфичен производ на македонскиот пазар ќе се најде од февруари 2022 година.

Трета учесничка во панел-дискусијата, која воедно е и претставничка на „Халк банка“, Маја Гогоска истакна дека Банката нуди иста поддршка на мали, средни и големи претпријатија. Своите краткорочни и долгорочни кредити ги адаптираат според потребите на клиентите, а објасни и како Халк банка се справува со предизвиците во работата во услови на ковид-пандемијата.

Гогоска истакна дека Банката им овозможила на клиентите да имаат одложено плаќање на ратите за подигнатите кредити, и горди се што со неколку преземени олеснителни чекори им дале „ветер во грбот“ на своите клиенти да успеат во своите замисли.

За крај на оваа панел-дискусија, повторно збор зеде Катерина Ѓорѓиевска, која се понуди да соработува со другите соговорнички со тоа што на нејзиниот ранч би го изрекламирала новиот производ „Сладолед од вино“ на Софија Дачева, а тука би ја активирале и новата апликација на Халк банка, па по изедениот сладолед, секој кој ќе истрча круг околу селото Оморани, каде што се наоѓа ранчот на Ката, ќе си добие дополнителни поени на картичката од Халк банка.

Трите дами, учеснички на панелот, порачаа дека секоја жена треба да сонува за она што најмногу го сака и своите идеи да ги споделува јавно, да има самодоверба, дека е важно да почне нешто а потоа ќе ги решава тековно сите евентуални пречки кои би ѝ се појавиле на патот кон успехот.

Секогаш треба да размислите и да се фокусирате на она што можете, а не што не можете да направите. Ниту еден од нас не е предодреден само за една работа, сите ние имаме повеќе таленти, само треба да ги препознаеме“, додаде Ѓорѓиевска.

Текст и фото: Убавина и здравје

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.