Почна музичкото талент-шоу „Заблескај“, Ангела Лавровска е девојката што ги маѓепса Дани и Пере: „Новата ѕвезда е родена!“

Погледнете го премиерното издание (ВИДЕО)

Вчера се емитуваше првата емисија од музичкото талент шоу „Заблескај“.

Премиерата беше на јутјуб-каналот на „Убавина и здравје“ каде што секој следен понеделник во 21 часот ќе бидат преставени сите емисии, вкупно осум, од кои шест се аудиции, седмата е полуфинале, а осмата e финале. Содржината продолжува по огласот.

Во рамките на првата емисија, беа претставени 10 кандидати, а нивните видеонастапи со кои конкурираа во талент-шоуто „Заблескај“ ги коментираа пејачката Дани Димитровска и фронтменот на составот „Нокаут“, Никола Перевски – Пере, секако, во друштво на Марко Новевски, кој е домаќин, односно водител на шоуто.

Десетте кандидати Дани и Пере ги оценуваа посебно, по секој видеонастап и, иако имаше голем број од нив кои им оставија впечаток, сепак, според нивното стручно знаење и мислење, двоецот одлучи прв полуфиналист да биде 18-годишната девојка Ангела Лавровска, која ја испеа темата „Врати ми го сонцето“ од Александра Јанева.

Одлично, изведба која ме остави без зборови, супер изведено, браво Ангела!“, порача Дани, на што се надоврза и Пере:

„Се гледа дека е природна, има енергија, ѝ лежи веројатно ваков стил музика, има одлична боја на глас, емоција, распонот е широк, одлична е“, додаде популарниот музичар.

Покрај Ангела, Дани и Пере признаа дека имаат уште неколку фаворити, но со оглед пропозициите што налагаат да изберат само еден полуфиналист, преостанатите девет останува да ги следат идните изданија на „Заблескај“ затоа што шансите и тие да влезат во полуфинале се големи.

Имено, шест полуфиналисти се избираат поединечно по секоја емисија, а вторите шест дополнително влегуваат во полуфиналето.

За нив, секако, ќе одлучува стручното жири, но во предвид ќе бидат земени и ставовите и мислењето на публиката, така што на инстаграм-страницата на „Убавина и здравје“ под објавените видеата ќе можете да оставате коментари со ваше мислење.

Пријавувањата се во тек и ќе траат до 10 мај, така што сите што се немаат пријавено, ќе можат да го направат тоа на следниот начин:

1. Видеото со отпеаниот рефрен или стих од песната пратете  го во ДМ на официјалната инстаграм-страница @ubavinaizdravje.mk или на мејл-адресата redakcija@ubavinaizdravje.mk

2. Истото видео, откако ќе го пратите во ДМ, објавете го и на вашите профили на Инстаграм, ТикТок или на Фејбук со следните хаштагови: #заблескај и #заблескајсоорбит.

Победникот добива песна што ќе ја сними во дует со мегапопуларната Елена Ристеска, и уште многу изненадувања, кои ќе бидат откриени во текот на натпреварот.

Жири-комисијата ќе се менува во секоја емисија, а во полуфиналето и финалето ќе жирира ист состав, кој ќе биде составен од шест истакнати и реномирани музички имиња.

Ќе има изненадувања и за преостанатите финалисти и полуфиналисти.

Проектот „Заблескај“ е поддржан од Орбит, рефреш-партнер е Франк-кафе, a настанот е во организација на „Колор медиа плус“ и магазинот „Убавина и здравје“.

Во продолжение, погледнете ја првата емисија.

Ги очекуваме ваши коментари, критики, пофалби!

Не заборавајте, премиерите се секој понеделник во 21 часот, на јутјуб-каналот на „Убавина и здравје“!

Споделувајте, пејте, гласајте, навивајте! Нека заблеска новата ѕвезда на македонското музичко небо!

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.