ПЛОДНОСТ заедничка мисија на двата партнери: Не сте сами-надежта е посилна од стравот!

Профемина 2025

Во рамките на Профемина, панел-дискусијата со наслов „Помеѓу стравот и надежта за родителство“ отвори искрен и отворен разговор за сите аспекти на плодноста

На деветтото издание на регионалната конференција за жени Профемина 2025 во „Холидеј ин“, под покровителство на GATIMEX F I M се одржа разговор посветен на плодноста на партнерите и родителството.

Патот до родителството не почнува со радост секогаш. Понекогаш почнува со тишина, со неизвесност и страв, со безброј прашања што остануваат без одговор. Но токму во тие моменти на ранливост се раѓа нешто највредно – надежта.

Надежта дека љубовта, медицината и заедништвото можат да создадат живот.

Во рамките на Профемина, панел-дискусијата со наслов „Помеѓу стравот и надежта за родителство“ отвори искрен и отворен разговор за сите аспекти на плодноста. Се зборуваше за факторите што влијаат врз неа, за ризиците кои можат да ја намалат, но и за современите решенија што денес им помагаат на паровите да ја остварат својата најголема желба – да станат родители.

Дискусијата ја модерираше водителката Јована Стојменовиќ а на панелот учествуваа:

  • Д-р Александар Мицковски, специјалист хирург-уролог и субспецијалист за машка неплодност, Клиничка болница „Аџибадем Систина“
  • М-р д-р Александар Бојаџиев, специјалист по гинекологија и акушерство, Клиничка болница „Аџибадем Систина“

На самиот почеток Д-р Александар Мицковски објасни дека во Македонија грубо во 20% од  браковите паровите се соочуваат со проблемот на неплодност. Тука како најголем проблем го потенцираше првенствено стилот на живот на партнерите, потоа кариерните амбиции и одложување на остварувањето како родители и слично.

М-р д-р Александар Бојаџиев истакна дека неплодноста не е болест туку состојба, во која постојат неколку фази, надеж, евентуално разочарување по кое следи борба и повторно надеж. Додаде дека просечната возраст на раѓање на првото дете кај нас е порасната од 25 на 31 година. Што значи дека македонките во минатото порано се одлучувале на овој чекор.

Тој додаде дека најголемите стапки на бременост се случуваат од 25 до 30 годишна возраст. Додека ин витрото како процедура е поуспешно  исто така до 30та година а по 40та успехот на ин витрото опаѓа на 15 %.

Д-р Мицковски објасни дека болести кои можат да влијаат на квалитетот на смерпатозоидите можат да бидат хормоналните промени, температурните промени, сексуално преносливи инфекции и слично.

Бојаџиев од друга страна појасни зошто се жените различни од мажите. Тие се раѓаат со целиот број на јајце клетки, и во текот на животниот век бројот опаѓа. Додека кај мажите нови сперматозоиди се произведуваат на секои три месеци.

Кај жените неплодноста најмногу е тесно поврзана со изостанувањето на овулација која пак најчесто има врска со полицистични јајници.

Најголемиот стрес истакна Бојаџиев кај паровите носат неуспешните обиди кои неминовно носат разочарување.

По однос на прашањето за превенција да не дојдат до овие состојби стручните лица објаснија дека број 1 фактор кој влијае на овој проблем е нездравиот начин на живот, па препорача дека партнерите е пожелно здраво да се хранат да практикуваат физичка активност а во поретки случаи и да примаат терапија со хормони кои би направиле баланс во организмот.

Сепак објаснија дека суплементите не влијаат само на јајце клетките или сперматозоидите туку на сите клетки во организмот.

Стојменовиќ праша кој е виновен за неплодноста, а докторите истакнаа дека не може да се каже дека за ова е виновен мажот или жената, туку е ова брачен заеднички проблем. Од нивното искуство заклучија дека дамите се далеку поедуцирани и поинформирани. Повеќе прашања поставуваат на прегледите, додека пак мажите се порезервирани.

Кога ќе дојде до зачнување на ембрион – дали истиот ќе опстане најмногу зависи од генетскиот код. Ако е генетски квалитетен тој има потенцијал да се развива понатаму.

На крај двајцата соговорници упатија порака до присутните објаснувајќи им дека животот е борба и никогаш не треба да се откажуваат од нивната цел и пред се желба и сон да се остварат како родители.

 

Фото+текст: Убавина и здравје

Прочитајте и

Убавина и Здравје користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Ќе претпоставиме дека сте во ред со ова, но можете да се откажете ако сакате. Прифати Дознај повеќе