„Не мора секогаш да изгледаме како сè да ни е совршено“: Нина Ред за менталното здравје, животот зад социјалните мрежи и храброста да направиме ресет

По успешната прва сезона на поткастот RESET, Николина Славковска открива што научила слушајќи ги најинтимните приказни на другите, зошто не мора да бидеме на дното за да побараме помош и како изгледа животот кога ќе го исклучиме телефонот.

Која е реченицата што би сакала почесто да си ја кажуваш себеси?

„Не мораш сè да имаш решено веднаш.“ Мислам дека многу често си создаваме притисок дека на одредена возраст, во одреден момент или во одредена фаза од животот мора да ги имаме сите одговори, а всушност, сосема е во ред да не знаеш, да се премислиш, да забавиш, да почнеш одново.

Не мора да бидеме на дното за да побараме помош

RESET е повеќе од поткаст, бидејќи има цел да ни покаже дека низ што и да поминуваме, не сме сами. Што би им кажала на луѓето кои чувствуваат дека „немаат доволно голем проблем“ за да побараат професионална помош?

Би им кажала дека не мора да бидат на најлошото можно место во животот за да разговараат со професионалец. Ако нешто ти тежи, ако не знаеш како сам/а да се справиш со нешто или едноставно чувствуваш дека ти треба простор во кој некој ќе те сослуша без осуда, тоа е доволна причина да побараш помош.

Грижата за менталното здравје не треба да биде последна опција. Како што одиме на лекар кога нешто не е во ред со телото, така треба да побараме поддршка и кога не се чувствуваме добро однатре. И најважно, не мора да поминуваш низ тоа сам/а.

НИНА ЗАД КАМЕРАТА

Пет прашања за моментите кога телефонот е исклучен, а животот е само нејзин.

Каква е Нина кога ќе го исклучи телефонот?

Многу помирна. Тогаш сум само Нина, сакам тишина, добар разговор, време со блиските и моменти во кои ништо не мора да биде документирано.

Кој е твојот омилен „ресет“ ритуал?

Да излезам од градската динамика, дури и ако е само на неколку часа. Мача на омиленото место, тивка музика во позадина, смеа, прошетка и време за себе без брзање. Сега размислувам да си купам грамофон и да си пуштам плочи. Ептен ми е забавно.

Што најмногу ти ја троши енергијата?

Постојаната достапност. Кога имаш чувство дека секогаш треба да одговориш, да стигнеш, да завршиш, да бидеш присутна. Најмногу ме троши кога немам простор едноставно да застанам.

Како би изгледал твојот идеален слободен ден?

Без аларм. Бавен почеток на денот со протеински шејк, добра музика и воодушевување на уште едно изгрејсонце. Можеби да отидам на спа, да закажам масажа, евентуално партија тенис, а може и да отпатувам до некоја кратка дестинација, чисто за ручек и назад. Не е лоша идеја.

Што те инспирира моментално?

Луѓето. Разговорите, нивните приказни, начинот на кој размислуваат и различните избори што ги прават. Можеби и затоа RESET толку многу ми значи. Секој разговор ме тера повторно да преиспитам нешто и кај себе.

Разговарала: Марија Лукаревска
Фото: Аммар Фејзула
Прочитајте и

Убавина и Здравје користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Ќе претпоставиме дека сте во ред со ова, но можете да се откажете ако сакате. Прифати Дознај повеќе