Ѕвезди, бизнисмени, дами во стил – еве кој беше дел од винската магија
Кај нас на младо вино секогаш е исто – шаренило од стилови, луѓе и карактери. Иако дентта беше изненадувачки топла за ноември, цели 16 степени, што е речиси пролетско време, гостите се појавија во најразлични комбинации. Некои жени блескаа како за на холивудска премиера – тенки хулахопки, високи потпетици, фустани што привлекуваа погледи, шминка и фризури како за голем настан. Други пак сосема опуштено – минимална или без шминка, коси пуштени, патики и рамни чизми.

Мажите исто шарено – едни дотерани до копче, други во лежерни комбинации, трети во спортски патики како да влегле случајно. Некој се вари, некој се смрзнува, некој трпи во име на модата, некој во име на удобноста. Некои доаѓаат да бидат видени, други баш и не се занимаваат со тоа. Некој ќе го погоди стајлингот, некој целосно ќе утне – ама на младо вино тоа е дел од магијата.

А магијата, како и секогаш, ја создаде и винската приказна. Младото вино од годинешната берба се точеше во големи количини – свежо, ароматично, полно со духот на Тиквешката винска традиција која слави 140 години. Гостите редеа чаши со темјанушки ароми, млади мерло бои и бела свежина што лесно оди и со музика и со разговор. Некои дегустираа сериозно, со вдишување и анализирање, други само со наздравување и насмевка – ама секој си најде нешто свое во вкусот на новото вино.
А имаше и музика – многу музика. На сцената блескаа Владо Јаневски, Каролина Гочева, Андријана Јаневска, Тамара Тодевска и Лидија Кочовска, секој од нив донесувајќи свој стил и емотивен печат. Финалето беше препуштено на Кирил Џајковски, кој го претвори просторот во електро-винска еуфорија, со ритам што ги раздвижи и најуморните.
Само во саботата се собраа околу 4.000 гости, што го прави ова издание едно од најмасовните досега. Во неделата беше малку помалку, но ништо помалку живо – чаши чукаа, луѓе се смеаја, снимашеа видеа, озборуваа и си го тераа својот ритуал на младо вино.

И така е секоја година: шаренилото во облеката, разликите во стиловите, модните „погодоци“ и „утнувања“, винската еуфорија и големата сцена – сево ова го прави фестивалот посебен. Искусните веќе знаат што ги чека, а почетниците ќе научат – или нема, ама сепак ќе дојдат. Затоа што младо вино во Тиквеш не е само настан. Тоа е шоу, традиција, мода, уметност, озборување и забава – сè во една чаша.