ПРОФЕМИНА 2024 Зошто се срамиме да зборуваме за менструација? Да ги срушиме табуата околу овој нормален физички процес!

Да ги срушиме табуата зборувајќи отворено за она што досега се шепотеше и се смета за несоодветно за разговор

Во многу култури ширум светот, менструацијата се смета за нечиста или несоодветна за разговор, а тоа не ги заобиколи ниту нашите простори. Ѝ даваме имиња, прекари, шепотиме, криеме влошки или тампони кога одиме во тоалет…

Според истражувањето на dm, 52 проценти од испитаните жени сметаат дека менструацијата претставува непријатна тема за разговор. Веднаш ќе прашам – Зошто е тоа така?, гласеше прашањето на Јована Стојменовиќ, модераторка на четвртата панел-дискусија „Менструација: физичко, психолошко и социјално патување“ на осмата регионална конференција за жени ПРОФЕМИНА, која се одржа на 22 ноември во хотелот „Холидеј ин“ во Скопје.

Нејзини соговорнички на оваа тема беа м-р Ивана Хаџиванова, психолог, психотерапевт основач на НЕОКОРТЕКС, примариус д-р Искра Крстевска Дукова, спец. гинеколог акушер УКГАК и членка на МАГО, Миљана Ристиќ, атлетичарка и Кристина Дуранска, менаџерка за маркетинг и комуникации во „dm дрогерие маркт”.

Зошто е табу? Порано во многу култури, жените што имале менструација ги тргале на страна, ги сметале за несоодветни за извршување некои верски и религиозни активности. Во тој период жените ги сметале за нечисти и било многу срамно да се зборува за менструација. Додека учев средно и основно, не се сеќавам дека отворено се зборуваше на оваа тема. Сега не знам каква е ситуацијата, можеби во одредени училишта се става акцент на оваа тема. Важен е и воспитниот дел во домовите, односно колку слободно зборуваат мајката и таткото за посензитивни теми. Јас би кажала дека менструацијата е природен процес, сите отворено треба да говориме за тоа и само така ќе успееме да си помогнеме полесно да минуваме низ овој предизвикувачки период од месецот“, разговорот го отвори м-р Ивана Хаџиванова.

Модераторката Јована Стојменовиќ ги праша жените во публиката на колкумина од нив им било непријатно да му кажат на својот татко дека го добиле првиот циклус, но наместо кренати раце, следеше едногласно „да“.

Примариус д-р Искра Крстевска Дукова објасни како се одвива менструалниот циклус, што го предизвикува и зошто тој е најважниот биолошки процес во телото, по што ги објасни и фазите што доведуваат до пременструалниот синдром:

„Главоболка, оток во градите, подуеност во стомакот, зголемен апетит, несоници – сето тоа е резултат на падот на естроген и прогестерон. Не секоја жена може да функционира нормално кога ги чувствува овие симптоми. Во тој случај треба да се побара лекарска помош, а многу истражувања покажуваат дека додавањето суплементи на некои минерали во исхраната може да помогне за ублажувањето на предменструалните симптоми.“

Психологот Ивана Хаџиванова откри колку жени и’ се обратиле за помош во случај на психички предменструални симптоми, како анксиозност, депресија и нервоза, а призна дека и самата се соочила со некои од нив.

Како и кај сите жени во светот, менструацијата игра огромна улога во животот на спортистките, од плановите за тренирање до натпреварувачките денови. Што се случува кога спортистките имаат менструација и на кој начин го обликува спортскиот живот, објасни атлетичарката Миљана Ристиќ:

„Предменструалните симптоми и тоа како влијаат врз тренингот, особено кога сум пред важен натпревар. Мојот тренер точно знае кога отприлика треба да добијам менструација. Тогаш не престанувам со тренингот, но интензитетот на тренингот се намалува. Но на почетоците не знаев како правилно да се хранам и да вежбам и се доведов до ситуација да ослабам 10 килограми и да си го нарушам циклусот. Во период од една година, имав добиено само 3 менструации. Излезе дека сум здрава, но дека ми недостасуваат масти. Со помош на гинеколог, си го вратив телото во нормална состојба и си го вратив менструалниот циклус, но подолго време ми требаше психички да се прифатам себеси“, отворено зборуваше атлетичарката, а докторката се согласи дека физичката активност се препорачува за време на менструалниот циклус, бидејќи тоа може само да ги олесни менструалните симптоми.

Кристина Дуранска, менаџерка за маркетинг и комуникации во „dm дрогерие маркт” ја посочи менструалната сиромаштија како тешка тема за која воопшто не се зборува.

„Овој поим значи дека немаме доволно средства да се обезбедат основни хигиенски средства, па тоа не’ поттикна да направиме истражувања. Дознавме дека многу жени се нашле во ситуација да немаат доволно средства за да си обезбедат хигиенски влошки, а оваа појава е присутна и во многу европски земји, кои се поразвиени од нас. Поттикнати од сето ова, dm започна иницијатива Бести – најдобрата пријателка, во овој момент, на студентите, со тоа што постави диспанзери за бесплатни влошки во многу факултети ширум земјава. Апелирам до сите компании да го сторат истото за своите вработени“, заклучи Дуранска, а нејзиниот предлог беше поздравен со аплауз.

Дека менструацијата е особено важен дел од психолошкиот живот на жената, зборува и фактот што со прекинот на истата знаеме дека веќе ништо не е како порано и дека сме официјално во менопауза. Како менопаузата влијае врз жената, појасни д-р Искра Крстевска Дукова.

„Најважно е во тој период да се земе предвид целокупното здравје на жената и да се оптимизираат симптомите што ги чувствува, односно да се направи терапија како превенција на последиците од загубата на естроген. Јас би препорачала и самата жена да направи одредени промени во животниот стил за да може во таа една третина од животот да има оптимално здравје.“

М-р Ивана Хаџиванова се надоврза појаснувајќи ги психолошките ефекти што менопаузата ги има врз жената.

Во менопауза, жената најважно е да ги прифати сите тие физички, психички и когнитивни промени. Жената ја доживува менопаузата како загуба на репродукцијата, на младоста и убавината. Но јас би рекла дека не е загуба, туку дека е многу убава фаза во којашто многу жени прават рефлексија на сето тоа што го постигнале и што сакаат понатаму во животот. Стареењето е привилегија, тоа значи дека сме живи и дека ја имаме можноста да минуваме низ сите животни процеси.“, заклучи психологот.

Има уште многу неодговорени прашања на оваа тема, но многу од одговорите може да се најдат на поткастот на dm, а за крај на оваа инспиративна и едукативна панел-дискусија, dm доделија над 100 подароци за сите присутни во салата.

Прочитајте и

Убавина и Здравје користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Ќе претпоставиме дека сте во ред со ова, но можете да се откажете ако сакате. Прифати Дознај повеќе