Веселиот латино-фестивал брзо се претворил во трагедија
Во масовно пукање за време на уличниот фестивал „Салса на Сент Клер“ во Торонто, Канада, две лица загинале, а најмалку шестмина биле ранети. Инцидентот се случил на 11 јули 2026 година, кога двајца вооружени напаѓачи вкрстиле оган среде толпа од 13.000 посетители. Останатиот дел од фестивалот бил откажан.
Жртвите се двајца мажи, кои починале на лице место и во болница, а најмалку шест лица завршиле со прострелни рани и биле пренесени на итно лекување.
Полицијата соопштила дека станувало збор за размена на оган меѓу двајца поединци кои се целеле меѓусебно, поради што без причина довеле до опасност огромен број луѓе. Истрагата е во тек, а полицијата трага по одговорните.
Во меѓувреме, на социјалните мрежи се шират видеа со вознемирувачка содржина од инцидентот.
„Ова е многу тажно, бидејќи доаѓам на фестивалот цели 10 години и никогаш не сум видел нешто слично. Само позитивна енергија и насмеани луѓе кои танцуваат на улиците на Торонто.
Би сакал да ѝ се заблагодарам на полицијата во Торонто, поради тоа што успешно воспоставија контрола врз ситуацијата и се погрижија луѓето да останат безбедни за време на инцидентот. Двајца полицајци ни пристапија и нè замолија да ја исклучиме музиката, а ние ги послушавме.
Мислам дека господ нè чувал, бидејќи којзнае што ќе се случеше ако музиката продолжеше и ако не се појавеа тие двајца полицајци“, напишал еден корисник на Инстаграм кој бил присутен на немилиот настан.
View this post on Instagram
ФОТО: Инстаграм